Реализирани капитални инвестиции во повеќе проекти од локалната инфраструктура во Општина Дебрца
Кризата предизвикана од Ковид 19 вирусот го отежнува нашето секојдневие и тековните активности на локалната самоуправа.
И во такви околности, со несмален интензитет продолживме со реализација на капиталните инвестиции во повеќе проекти од локалната инфраструктура и тоа :
Завршена е реконструкцијата на патниот правец за село Арбиново, врска со Автопат А2 и патен правец за село Лактиње, односно асфалтирана е делница во должина од 1.178 метри, вкупната вредност на работите изнесува 4.377.194 денари, од кои 3.263.926 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, а 1.113.268 денари од Буџетот на општина Дебрца ;
Завршено е тампонирањето на полскиот пат од село Издеглавје до село Слатински Чифлик, во должина од 1376 метри. Средствата за тампонирањето, во износ од 381.218 денари се обезбедени од Биро за регионален развој, Програмата за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби ;
Завршена е санација на каптажи за водоснабдување во местност “Тројани”, КО-Оровник. Средствата, во износ од 433.650 денари се обезбедени од Буџетот на општина Дебрца ;
Во напредна фаза е изградбата на канализационен систем за село Волино. Вкупната вредност на работите изнесува 20.011.640 денари, од кои 16.959.017 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Програма за рурален развој и 3.052.623 денари од Буџетот на општина Дебрца ;
Интензивно се работи на реконструкцијата на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато. Реконструкцијата е во рамките на проектот “Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓу-граничната област / Македонија-Грција”, чија вкупна вредност за општина Дебрца изнесува 219.555,79 EUR, а е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK GR, Македонија-Грција ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа ( 15 % ) ;
Започна реализацијата на проектот за изградба на резервоар за водоснабдување на селата Издеглавје и Слатински Чифлик. Вкупната вредност на проектот изнесува 5.072.301 денари, од кои 3.902.260,00 денари се обезбедени од Министерството за транспорт и врски, преку проектот “Водоснабдување и одведување на отпадни води” , финансиран согласно Договорот за заем од Европската Инвестициона банка, а 1.170.041,00 денари ќе се обезбедат од Буџетот на општината ;
Започна проектот за изведба на нова бушотина за водоснабдување во село Требеништа. Вредноста на проектот изнесува 605.400 денари, а средствата ќе се обезбедат од Буџетот на општината ;
започна имплементацијата на проектот “Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам” –завршена е тендерската постапка за набавка на теренски возила и опрема за спасување во зимски услови, а се подготвува тендерската документација за реконструкција на старото училиште во село Брежани и негова пренамена во планинарски дом. Вкупната вредност на проектот за општина Дебрца изнесува 130.000 ЕУР, а е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK AL, Македонија -Албанија ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа ( 15 % );
завршена е тендерската постапка и ќе започна реализацијата на проектот “Тампонирање на полски пат во местност “Рибница”, КО-Оровник”, Вкупната вредност на проектот изнесува 1.161.665 денари, од кои 984.462 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, а 177.203 денари од Буџетот на општината ;
завршена е тендерската постапка и ќе започна реализацијата на проектот “Тампонирање на пристапен пат до црква “ Св.Петка”, село Требеништа, средствата, во износ од 944.000 денари се обезбедени од Буџетот на општината ;
Во тек е тендерската постапка за првата фаза од проектот: “Реконструкција-санација на задружниот дом во село Требеништа и негова адаптација во Археолошки Изложбен Центар Требеништа “. Проектот ќе се реализира преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион, а средствата за првата фаза , во износ од 2.500.000 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, Програма за рамномерен регионален развој за 2020 година.
Ветено – сторено‼️
Градиме по План-от‼️