Select Page

Вечерва, во Белчишта, градоначалникот Ногачески, свечено ја прогласи за отворена 34-та Интернационална ликовна колонија “Дебрца – 2018. Колонија која е една од најстарите и со најбогат фонд на уметнички дела, во нашата земја.

Вечерва имав чест да ја прогласам за отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта, нејзиното 34 то издание. Поздравувајќи ги учесниците на Ликовната колонија и присутните гости истакнав дека 34 –те години творештво на колонијата покажуваат дека Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца и дека уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал. Уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство. Последниве години навистина се забележува една малаксаност на колонијата, но изразив уверување дека веќе од наредната година ќе внесеме нова сила и енергија, ќе вбризгаме нов адреналин и ќе го вратиме стариот сјај на Ликовната колонија. На крајот на сите годинешни учесници им посакав инспирација за создавање на нови уметнички дела, а тоа во Дебрца го имаат во изобилство, бидејќи како што Белчишките “Сини Вирој” се непресушен извор на питка вода , така Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација. Крајно, сите мораме да се водиме од максимата: Ars longa, vita brevis или уметноста е долга – животот е краток. – истакна градоначалникот во своето обраќање пред присутните гости.
 Годинава, на Колонијата, во Белчишта и на други места, ќe творат: Од Македонија – Стадим Димитров, Запро Запров, Даниела Димческа, Горан Јованов, Симон Арнаудов, Предраг Јанески. Од Албанија доага Тасо Констандини, а од Бугарија – Ѓорги Андонов-Жоро, Венера Константинова и Дарина Златарева.
Зад Ликовната колонија “Дебрца”, стојат над 700 дела, мегу нив и платна на великани од постарата генерација, како професорот Димче Коцо, Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски и други. На нив се надоврзуваат Мето Георгиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Мето Горгиевски, Петар Мазев и многу други.

Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, најнапред скромна во старата зграда на поранешната, како овде ја нарекуваат, италијанска касарна, од времето на окупацијата, додека од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерскo ускладиштување и презентирање.