Во време на кризи, каква што е актуелната светска пандемија од корона вирусот, секогаш најголеми херои се хуманите луѓе.
Денес, како прв човек на општина Дебрца бев пријатно изненаден од еден таков хуман човек, Александар Голабоски, кој потекнува од село Лешани, а живее и работи со своја градежна фирма во Швајцарија.
Александар денес ја посети општина Дебрца со донација на 150 социјални пакети, кои ги донираше на општина Дебрца, со намена да се распределат на социјално ранливи лица во општината и лица кои се потешко погодени од кризната состојба. Дополнително, распределил уште 60 социјални пакети во неговото родно Лешани и село Арбиново.
Ни рече дека во овие тешки моменти, кои освен закана за здравјето, предизвикуваат и економски последици за граѓаните и државата, наша должност е да се однесуваме одговорно и во служба на јавниот интерес.
Со неговата донација сака да ги поттикне и останатите да ја препознаат иницијативата и да ја покажат својата хуманост на дело.
Во наредните денови мобилните тимови на општината помошта ќе ја споделат до оние на кои им е најпотребна, а општината од својот буџет ќе обезбеди дополнителни 150 социјални пакети.
Од името на граѓаните на Дебрца изразувам голема благодарност и длабок поклон до Александар Голабоски за хуманиот гест, со кој покажа како треба да се биде општествено одговорен и солидарен кон оние на кои тоа им е најпотребно.
Апелирам до сите да го следат неговиот хуман гест и да помагаат секој на начин на кој што може.
Само така, ќе излеземе посилни од оваа глобална криза.