Select Page

Денес присуствував на свеченоста по повод одбележувањето на јубилејот 80 години Црвен Крст на Македонија и ОО Црвен крст Охрид.

На свеченоста од страна на Претседателот на Црвениот Крст Ромел Велев,во име на општина Дебрца ја примив јубилејната плакета за долгогодишната соработка и остварување на целите на Црвениот крст .

Во моето пригодно обраќање посебно го потенцирав следното:

Како градоначалник на општина Дебрца ми претставува огромна чест што сум дел од ова одбележување,80 години Црвен Крст на Република Македонија, 80 години хуманост, солидарност и посветеност.

Во оваа прилика, сакам да го истакнам значењето на оваа организација, која низ годиниве покажала дека хуманоста нема граници.

Во најтешките мигови, за време на природни катастрофи, во моменти на социјални и здравствени кризи – активистите на Црвениот Крст секогаш се први на теренот.

Горд сум што Општина Дебрца има долгогодишна и плодна соработка со Црвениот крст.

Заедно организиравме бројни хуманитарни акции, поддржавме семејства во социјален ризик, охрабривме голем број крводарители, спроведовме едукативни програми,превентивни здравствени прегледи и др.

Посебно сакам да ја потенцирам соработката со Црвениот крст Охрид Планинската Спасителна служба ,со кои во рамките на Програмата на ЕУ за прекугранична соработка Македонија-Албанија го имплементираме проектот за зимски авантуристички туризам,со акцент на неговата безбедност.

Плакетата која ја примив не е само моја заслуга, туку е дело на сите активисти и волонтери кои во изминатите години учествувале во реализација на активностите на Црвениот крст во општина Дебрца.

Ја примам како признание, но и како обврска – да продолжиме со уште поголема енергија во градењето на заедница во која никој нема да биде заборавен.

На сите волонтери, активисти, медицински тимови и сите кои ја носите оваа мисија во срцето – Ви се заблагодарувам.

Ќе останеме ваш партнер во градење на едно похумано и поправедно општество.

Нека ни е честит 80-годишниот јубилеј на Црвениот крст!