Apr 13, 2018
Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, денес одржа прес-конференција, на која информира дека Советот на општина Дебрца, едногласно не ја прифатил одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија.
„Сакам да ги информирам граѓаните на општина Дебрца и пошироката јавност дека Советот на општина Дебрца, на седницата одржана на ден 10.04.2018 година, манифестирајќи натпартиска сплотеност, едногласно не ја прифати одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Советот на општина Дебрца, како претставнички орган на граѓаните на Дебрца не е против Проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување на интегриран и финансиски самооддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, ниту би бил против преземањето на ингеренциите од страна на Владата на Република Македонија во сосема други околности, туку само во целост ја почитува волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение, според кое за локација за изградба на регионалната депонија за Југозападниот плански регион се предлага атарот на село Годивје, општина Дебрца. Никој, ниту советот на општината, ниту градоначалникот немаат право да ја дерогираат волјата на граѓаните, изразена преку најдемократскиот облик на лично изјаснување.“-истакна Ногачески.
Како што кажа Ногачески, за граѓаните на Дебрца, но и за пошироката стручна јавност, решението за регионална депонија да го бараат во срцето на Дебрца, не може да се оправда со ниту еден сериозен факт, а најмалку со игнорирање на нејзините жители.
„Сите овие документи за воспоставување на регионален систем за управување во Југозападниот плански регион се донесени во крајно нетранспарентна постапка, без да се слушнат мислењата на засегнатите страни, стручната јавност, еколошките организации и граѓаните. Во нив го нема мислењето на ЈНУ Хидробиолошкиот Завод Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Националната комисија за УНЕСКО. И самите документи еден со друг се во колизија. Во Регионалниот план за управување на отпад, изработен во 2016 година, на страница 276 и 277, како локација за депонијата се предлага затворениот рудник за лигнит во Осломеј, Кичево, (Дебрца воопшто не се споменува), а во другите документи, изработени во 2017 година се предлага Годивје, Дебрца.“- рече Ногачески.
Градоначалникот Ногачески, потенцираше дека во време на се поголема еколошка свест кај граѓаните во светот, во време на силни акции за заштита на планетата Земја и кампањи за враќање на луѓето во руралните средини, заради нивната чиста и здрава природна средина несфатливо е со еден ваков проект да одите во обратна насока и да го загрозувате еден од малкуте преостанати еколошки чисти региони во Македонија.
„Во нашата стратешката определба и визија за Дебрца нема место за проектот што го предлага Министерството за животна средина и просторно планирање, туку за идеи кои го промовираат еко капацитетот на Дебрца, како што се развојот на рурален туризам, здравствен и рекреативен туризам, производство на органска храна.“– истакна Ногачески.
Apr 13, 2018
Почитувани сограѓани – благочестиви христијани, Во мигот кога со биењето на црковните камбани, ќе се објави радосната вест за чудото над сите чудеса на овој свет – Христовото Воскресение, Ви посакувам таа вест да допре длабоко во Вашите срца и души, и да Ве направи радосни и горди од сознанието дека сте Божји чеда.
Христовото Воскресение, како најторжествен христијански празник, кога ја славиме победата на животот над смртта, нека Ви донесе радост, среќа, спокој и благосостојба во Вашите домови, како и здравје, достоинствен живот и хармонија во Вашите семејства.
Празникот треба да се празнува, но тој треба да ни биде и потсетник, дека треба да ги подразбудиме во секој од нас човековите вредности и доблести, како што се добрината, човекољубието, милосрдието и подготвеноста на љубовта да возвратиме со љубов.
Упатувајќи срдечни честитки, на сите верници Ви посакувам среќни и благословени празнични денови, исполнети со радост, среќа и благодат.
Нека е честит и вековит големиот христијански празник Велигден !
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
Mar 31, 2018
Денес се одржа координативната средба, организирана од страна на Координативното тело против изградбата на депонија во општина Дебрца со претставниците на локалната самоуправа (градоначалникот и советниците) и претставниците на месните заедници од општината.
Уште еднаш го повторив ставот дека ниту градоначалникот, ниту советот немаат мандат да ја дерогираат волјата на граѓаните, изразена преку референдумската одлука против изградбата на депонијата во село Годивје.
Советниците го повторија својот став дека нема да ја поддржат одлуката за пренесување на надлежностите во областа на управувањето со отпад на централната власт, од причина што во Студијата за Југозападниот регион се упатува на Годивје , како локација на депонијата. – истакна градоначалникот Ногачески.
Претставниците на Координативното тело уште еднаш ги изнесоа сите еколошки аргументи против регионална депонија во Дебрца и искажаа готовност, заедно со граѓаните да продолжат со своите активности, односно со нивната еколошка “револуција” за одбрана на Дебрца, се до повлекување на одлуката од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
За формите на еколошката “револуција” истакнаа дека јавноста дополнително ќе биде информирана.
Mar 30, 2018
Денес во општинските простории во с. Мешеишта се одржаа јавни расправи, градоначалникот со членовите на советот на општина Дебрца и граѓани за подготовка на Физибилити студијата, односно документ за оправданоста на проектите “Реконструкција на улици во село Мешеишта” и “Подобрување на капацитетите на ЈКП Дeбрца” ( набавка на механизација ), а за кои имаме аплицирано за средствата од ЕУ ИПА грантот.

Јавните расправи ги спроведуваше ангажираниот консултант од страна на Министерството за финансии, М-р Светлана Петровска, од Центарот за промоција на Одржливи Земјоделски Практики и Рурален Развој –ЦеПроСАРД, Скопје.
Сите ја потврдиме оправданоста и потребата од одобрување и имплементација на проектите.
Mar 29, 2018
Општина Дебрца врши редовно и транспарентно информирање на јавноста при објавување на информации од јавен карактер преку општинската веб страна www.debrca.gov.mk, Facebook страницата на општина Дебрца и градоначалникот, средби со месните заедници, отворени денови, службени гласила и слично.
Под транспарентност на општините при објавување на податоци се подразбира редовно информирање на јавноста за: статутот, буџетот, план за јавни набавки, лице задолжено за слободно прибирање на информации од јавен карактер, најава за совети, како и записници од советите, службени гласила и друго.
Известување за буџет и завршна сметка на општина Дебрца за 2013-2017 во прилог со достапни линкови.
Буџет ЕЛС Дебрца
Завршна Сметка
Со почит,
ГРАДОНАЧАЛНИК
Зоран Ногачески