Select Page
Во Требеништа отворена првата ракометна школа Вардар Седмерец

Во Требеништа отворена првата ракометна школа Вардар Седмерец

Денес попладнево во Балон спортската сала во село Требеништа градоначалникот Зоран Ногачески присуствуваш на отворањето на ракометната школа за Дебрца, во организација на Ракометната школа Вардар Седмерец, од Охрид, која е дел од Ракометната Академија Вардар.

На отворањето салата изгледаше прекрасно, бидејќи присуствуваа повеќе од 80 дечиња, со желба да ги научат сите тајни на ракометот.
Поздравувајќи ги дечињата им посакав успешна работа, со желби да се развиваат под брендот на актуелниот европски шампион Вардар, и надеж од школата да излезат многу таленти, кои преку вардаровите селекции еден ден ќе израснат во професионални ракометари.
Ние како општина,чија основна заложба е поттик на спортот максимално ќе ја поддржуваме ракометната школа, која за првпат се отвора во Дебрца и на наредната седница на советот на општината ќе предложам дополнување на Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца, со што ќе обезбедиме и финансиска поддршка за школата.
Искрено се надевам дека истата ќе произведе квалитетни млади ракометни таленти од нашата општина. – истакна градоначалникот Ногачески.

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ШТЕТИ ОД НЕВРЕМЕТО ПРОСЛЕДЕНО СО ВЕТЕР, СИЛЕН ДОЖД И ГРАД НА 06.05.2018 ГОДИНА

Се повикуваат граѓаните на Општина Дебрца кои сметаат дека невремето проследено со ветер, силен дожд и град  кое го зафати  подрачјето  на Општина Дебрца на 06.05.2018 година, им има нанесено материјална штета на нивните имоти ( земјоделски површини засадени со култури, станбени објекти, земјоделски објекти, деловни простори) , истата да ја пријават во просториите на општина Дебрца.

Пријавувањето на штетите може да се изврши секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот  од 11.05.2018 година (петок), во архивата на Општина Дебрца, или на телефонскиот број 046/286-855.

 Лице за контакт од Општина Дебрца за пријавување на штетите е Љупчо Балески, член на Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди.

Со барањето да се достави копија од имотен лист, а доколку лицата поседуваат фотографии истите да ги приложат.

Број 03-1000/1                                                                            ОПШТИНА ДЕБРЦА

10.05.2018 година                                                                                 с.Белчишта

Седумдесет и четири години од битката кај Српница

Седумдесет и четири години од битката кај Српница

Денес, заедно со претставници на Општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и граѓани ја одбележавме 74 годишнината од битката кај Српница.
По тој повод положивме свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ во селото Лешани и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во местноста Српница.
Историски час за значењето на овој настан одржа Гоце Георгиески – претседател на ОО на СБ за Охрид и Дебрца.
Со намера да ги ослободат комуникациите за врска со армиската Е група германските и бугарските окупаторски војски заедно со балистичките формации против единиците на НОВ И ПОМ ја презедоа Пролетната офанзива што траеше од 24 април до 19 јуни 1944 година.
Во рамките на ова офанзива при крајот на Април, Првата-Македонско-Косовска-Ударна бригада го отпочнала походот од Егејска Македонија кон Дебрца за да ја поврати слободната територија Дебрца и го ослободи сопствениот народ од невидениот терор. Се до 8 мај Бригадата водела офанзивни борби, посебно кај селата Завој, Велмеј, Лешани , Брежани – во месноста Српница, Слатино, Оздолени, Цер, Арбиново, Лактиње и други, вели Георгиески.
Во борбата на бригадата при пробивот на бугарскиот непријателски обрач, на 29 април 1944 година во месноста Српница животите ги положија 13 борци, кои со своите млади животи и пролеана крв се втемелија во создавањето на првата слободна македонска држава.

Во Слатино одбележани 17 години од масакрот кај Вејце

Во Слатино одбележани 17 години од масакрот кај Вејце

Денес во селото Слатино, за првпат во организација на општина Дебрца се одбележа 17 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година кај Вејце, Тетовско.

На денешниот чин покрај граѓаните на Слатино, советниците во советот на општина Дебрца, Здружението на борците, Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста присуствуваа Миливој Костески, татко на Игор, претставници на Специјалната единица на АРМ, Волци и поранешниот Претседател на Република Македонија, Г-дин Бранко Црвенковски.
Свое обраќање имаше и градоначалникот Зоран Ногачески:

Почитувани присутни,
Денес сме тука собрани пред овој паметник во село Слатино да го одбележиме херојското дело и 17 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година кај Вејце, Тетовско.
28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.
Судбината сакаше Дебрца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година.
Во воениот конфликт 2001 година 80 млади македонски херои, припадници на безбедносните сили на Република Македонија ги положија своите животи на браникот на Татковината, бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Војната во 2001 година заврши со Охридскиот рамковен договор , политички договор чии решенија беа вградени во Уставот на РМ, со што во Рамковна Македонија ништо повеќе не е како во Асномска Македонија.
17 години подоцна, Македонија сеуште го трасира патот кон ЕУ и Нато интеграциите и и на тој пат никогаш не смееме да ја заборавиме жртвата на сите овие македонски херои од 2001 година.
Ликот и делото на водникот Игор Костески се вгради во плејадата на 58 борци, херои што низ историјата ги дало Слатино, меѓу кои се и прадедото на Игор, кој загинал како комита и дедото, кој загинал како партизан.
До ден денес многу прашања и околу воениот конфликт во 2001 и посебно во врска со настаните кај Вејце останаа неразјаснати, но сепак Вејце не смее да се повтори, ниту да се заборави.
Од оваа година на мој предлог советот на општината одлучи на овој ден и на ова место да го одбележуваме херојското дело на Игор Костески, а планираме да отвориме и спомен соба, која ќе го носи неговото име.
Нека им е вечна слава. И на Игор и на неговите другари, соборци. Хероите никогаш не умираат.