Dec 5, 2025
Почитувани граѓани,
Општина Дебрца го започнува процесот на креирање на новиот Буџет за 2026 година.
Партиципативното буџетирање и вклучувањето на граѓаните и граѓанските организации при креирање на Буџетот е наш приоритет.
Ве повикуваме да се вклучите, со вашите идеи, предлози и сугестии, пополнувајќи го соодветниот формулар во прилог на овој текст.
Посочете ги клучните проблеми и предлози за вашата месна заедница, со цел, локалната самоуправа да добие појасна претстава за потребите на граѓаните во сите месни заедници.
Во рамките на процесот ќе бидат одржани и посети по населени места каде јавноста навремено ќе биде информирана за посета на населените места и локациите за собири, ги повикуваме сите граѓани на општина Дебрца, да дадат свој предлог, идеа, мислење.
Предлозите може да се доставуваат и електронски преку пополнување на формуларот во прилог.
Секој пополнет формулар и секоја идеа ќе биде темелно прегледани од нашите вработени и предлозите за нови проекти ќе бидат земени во предвид при креирање на буџетските програми и Буџетот за 2026 година.
Dec 4, 2025
Денес спроведуваме акција за отстранување на насип од над 300 m² отпад. Ова е само една од многуте локации што ги идентификувавме и влегува во нашиот план за чистење на сите диви депонии низ општината.
Да бидеме одговорни – заедно!
Како локална самоуправа инвестираме во почиста и уредна животна средина, но успехот е можен само ако сите заедно бидеме внимателни. Апелираме до граѓаните:
• внимавајте каде го фрлате вашиот отпад и шут,
• пријавувајте несовесно однесување,
• заштитете ја природата што ни е доверена.
Нашата визија – чиста и зелена Дебрца
Целта ни е Дебрца да стане препознатлива како примерна, еколошки свесна општина, каде што грижата за околината е заедничка вредност.
Продолжуваме чекор по чекор
Активностите продолжуваат и на другите критични точки. Чекор по чекор да ја вратиме вистинската убавина на нашата општина.
Dec 2, 2025
Денеска бев на увид на градежните работи на улица во с. Мешеишта. Се поставува нов асфалт, со што значително ќе се подобри инфраструктурата и секојдневното движење на жителите.
Продолжуваме со реализација на проекти во сите населени места на Општина Дебрца.

Dec 1, 2025
Долгогодишниот проблем за поврзување меѓу Дебрца и Струга – конечно решен!
Денес остварив средба со градоначалникот на Општина Струга, г-дин Менди Ќура. На средбата се разговараше за долгогодишниот проблем со кој се соочуваат жителите на Дебрца, односно поврзувањето со Струга преку патниот правец Требеништа – Мислешево.
Градоначалникот информираше дека овој долгогодишен инфраструктурен проблем ќе биде конечно решен и дека во наредниот период ќе започне асфалтирањето на делницата. Со тоа ќе се овозможи сигурно, брзо и безбедно поврзување за жителите на овој регион.
Dec 1, 2025
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 3-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 3-та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 03.12.2025 година (среда), со почеток во 13.00 часот, салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на записник од 1-та конститутивна седница на Советот на општина Дебрца
- Усвојување на записник од 2-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Оптина Дебрца за 2025 година
- Предлог – Одлука за определување на надоместок за членовите на Општинската изборна комисија Дебрца и Избирачките одбори за Локалните избори 2025 година
- Предлог – Одлука за усвојување на Годишен план за вработување на ЈПКД „Дебрца“ с.Белчишта
- Предлог – Програма за работа во областа на располагањето со градежно змејиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Дебрца за 2025 година
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Иван Стрезоски
Nov 26, 2025
Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање е извршена достава на вкупно 480 канти за отпад со капацитет од 120 литри чија цел е унапредување на управувањето со комуналниот отпад и подобрување на животната средина.
Со испораката на новите канти, Општина Дебрца ќе го подобри системот за собирање отпад, со што ќе се придонесе кон почиста и уредена животна средина за жителите на општината.
Општина Дебрца изразува благодарност до Министерството за животна средина за континуираната поддршка и успешната соработка.