Jul 6, 2023
Последниве неколку месеци сведоци сме на неконтролирано депонирање на инертен отпад/градежен шут на секаде, и на места кои во изминативе години на трошок на Општина Дебрца по неколку пати биле чистени, со што директно се загрозува природната и животната средина.
Како детектирани места каде се одлага градежниот шут се :
-Кај мостот на патот Волино Требеништа и покрај старото корито на река Сатеска, во местноста Аџица, село Волино,
-Во непосредна близина на каптажите за вода,кај Св.Мартинија,село Требеништа,
-Под поранешното фудбалско игралиште,село Оровник ,
-Црвени Брегови,село Мешеишта
-На влезот во село Грко Поле,
-Кај фудбалското игралиштето,село Лешани,
-Кај Царо Поле,село Ново Село,
-Долж патот од Белчишта кон Сини Вирој.
Сите овие локации во изминатиот период општината ги има повеќекратно чистено.
90% од прекршителите се детектирани и на сите ќе им бидат доставени записници и задолженија во најкраток рок да ги санираат локациите или отстранат отпадот.
Во спротивно,ќе бидат поднесени пријави, за кои согласно законот се изрекуваат високи глоби.
Согласно член 54 од Законот за управување со отпад инертниот отпад се депонира на депонии за кои општината има добиено согласност од Министерството за животна средина. Бидејќи општина Дебрца нема таква депонија инертниот отпад треба се депонира кај овластени собирачи на таков отпад,за што се плаќа одреден надоместок.
Сите прекршители кои нема да постапат по задолжението на општината ќе бидат и јавно објавени.
Ги повикуваме граѓаните до општината да го пријавуваат секој ваков случај.
Нула толеранција за дивите депонии.
Jul 5, 2023
Денес во Канцеларијата на УНДП ( Програмата за развој на Обединетите нации ) за Македонија, во Скопје, се изврши потпишување на договорот за изградба на детско игралиште во село Требеништа , хортикултурно уреден простор, во склоп на спортското игралиште.
Проектот се реализира во рамките на програмата “Зајакнување на општинските совети – фаза 2”, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.
Вкупната вредност на проектот изнесува 2.605.212 мкд, од кои 70% или 1.953.909 мкд се грант на донаторот, а 30% или 651.303 мкд се учество на општина Дебрца.
По регистрација на проектот во Секретаријатот за европски прашања ( СЕП ) и Управата за јавни приходи за ослободување на проектните активности од ДДВ и спроведување на тендерската постапка ќе се пристапи кон имплементација на проектот.
Jul 3, 2023
Врз основа на член 5 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Дебрца за субвенционирање на физички лица за купен велосипед во 2023 година, број 09-518/1, од 11.04.2023 година и Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2023 година ( „Службен гласник на општина Дебрца”, број 11/22 ) се објавува следниот :
ЈАВЕН ПОВИК
За субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипед во 2023 година
- Опис на јавниот повик
1.1. Општина Дебрца, со цел да ги стимулира жителите на општината за користење на велосипеди и поттикне рекреативниот спорт, на граѓаните кои ќе купат нов велосипед во 2023 година ќе им надомести дел од трошоците направени за купување на велосипед ( во понатамошниот текст: субвенција ).
1.2. Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2023 година, мерка “Живеј здраво – вози точак”, поддршка на рекреативниот спорт, обезбедени се средства за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипед, во вкупен износ од 200.000 денари.
1.3. На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени за купување на велосипед, во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари и вклучен персонален данок на доход .
1.4. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
- Право на учество на Јавниот повик
2.1.Право на субвенција имаат физички лица, жители на општина Дебрца, кои ќе купат нов велосипед во 2023 година и кои ги исполнуваат условите од јавниот повик.
3.Услови за користење на субвенцијата
3.1.Барателот треба да ги исполнува следните услови:
-да е жител на општина Дебрца,
-да нема добиено субвенција за купување на велосипед на друг јавен повик, од било кој друг извор,
– велосипедот да го купил во било кој продажен салон во државата , во 2023 година, од 01.01.2023 година до денот на завршување на јавниот повик, односно до искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2023 година.
4.Начин на пријавување на Јавниот повик
4.1. Барателот е должен да ја поднесе следната документација за исполнување на услови за добивање субвенција:
-барање за субвенција, кое може да се подигне во архивата на општината или електронски на веб страницата на општина Дебрца (www.debrca.gov.mk),
-копија од важечка лична карта, како доказ дека е жител на општина Дебрца,
-копија од трансакциска сметка,
-доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа: фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка, со датум од 01.01.2023 година до денот на завршувањето на јавниот повик, односно до денот на искористување на средствата по овој основ,а најдоцна до 31.12.2023 година,
– изјава дека нема искористено право на субвенција за набавка на велосипед на друг јавен повик од било кој друг извор во Република С. Македонија.
4.2. Едно физичко лице / барател може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за еден велосипед.
4.3.Барањата за користење на субвенција можат да се поднесуваат од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2023 година.
4.4. Барањата, со потребната документација се поднесуваат до Комисијата за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2023 година, со адреса: општина Дебрца, 6344 село Белчишта, по пошта или лично во архивата на општината, секој работен ден од 07.30 до 15.30 часот, во затворен плик.
На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците на физички лица за купување велосипед”.
4.5. Архивата на општината примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување ( датум, час и минута ), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.
5.Начин на спроведување на Јавниот повик
5.1. Некомплетните барања комисијата ќе ги отфрли и истите нема да бидат предмет на понатамошна постапка.
5.2.Градоначалникот на општината, на предлогот на Комисијата донесува решение за одобрување на барањето, за барателите кои ги исполниле условите од јавниот повик.
5.3.Градоначалникот на општината, на предлог на Комисијата донесува решение за одбивање на барањето,за барателите кои не ги исполниле условите од јавниот повик.
5.4.Исплатата на средствата на барателите за чии барања е донесено решение за одобрување ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати и одобрени барања, во рок од најдоцна 30 дена од денот на донесувањето на решението за одобрување.
5.5.Општината, во зависност од динамиката на поднесени барања, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно искористување, но не подоцна од 31.12.2023 година.
5.6.Доколку бидат искористени предвидените финансиски средства, општината на својата веб страница ќе го објави завршувањето на јавниот повик.
Барање велосипеди 2023
ОПШТИНА ДЕБРЦА
Комисија за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2023 година
1.Даниел Паункоски -претседател
2.Билјана Суклоска-Милошеска – член
3.Доста Дојчиноска – член
Jun 30, 2023
Во рамки на “Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор во РСМ” кој се реализира од страна на Единицата за спроведување на проектот при Министерството за финансии со финансиска поддршка од Светска Банка, Општина Дебрца аплицираше со под-проект за „Енергетска ефикасност за улично осветлување за општина Дебрца“.
Согласно Рамката за животна средина и социјални работи изготвена врз основа на барањата на Светска Банка беше подготвен документ “План за намалување на влијанијата врз животната средина и социјалните работи” во кој се анализирани влијанијата врз животната средина и социјалните работи кои ќе произлезат од планираните активности на под-проектот. Овој документ е поставен за јавен увид на официјалните веб страници на:
Министерството за финансии (Под-проекти за енергетска ефикасност во единиците на локална самоуправа – finance.gov.mk) и на:
Општина Дебрца: www.debrca.gov.mk
Вашите коментари може да ги доставите во рок од 30 дена од поставување на документот на веб страна, преку пополнување на формуларот кој е достапен на веб страната на општина Дебрца
Во текот на периодот наменет за јавни консултации за ПУЖССР, ќе се одржи и јавна расправа за документот, на 10.07.2023 (понеделник) со почеток во 12.00 часот во просториите на општина Дебрца, со следниот дневен ред:
- Воведен збор на Градоначалникот на општина Дебрца и намерата за задолжување – 15 минути
- Краток осврт на документ “План за управување со животната средина и со социјалните аспекти за проектот” (Катарина Георгиевска, Консултант за животна средина) – 15 минути
- Дискусија.
Формулар за поднесување коментари за ПУЖССР на подпроекти на општините
ПУЖССР – Контролна листа – за подпроект за улично осветлување – општина Дебрца
Известување-и-Дневен-ред-за-јавни-консултации-на-ПУЖССР-подпроект-општина-Дебрца
Датум на објава: 30.06.2023
Министерство за финансии
Единица за спроведување на проектот и
Општина Дебрца
Jun 25, 2023
Општина Дебрца ги повикува граѓаните кои имаат материјални штети на земјоделските култури предизвикани од атмосферската непогода – град која ја зафати територијата на општината на ден 24 Јуни 2023 година да ја пријават штетата на своите земјоделски култури до Комисијата за проценка на штети на општина Дебрца.
Барањето за пријавување на штета на земјоделските култури може да се подигне во архивата на општина Дебрца или да се преземе од веб страната на www.debrca.gov.mk и пополнето со бараните податоци се доставува до архивата на општина Дебрца.
Покрај барањето секој барател треба да достави:
- копие од лична карта со изјава за користење на личните податоци потпишана од барателот;
- доказ за основ на користење на земјиштето за насадите ( копие од имотен лист или копие од решение за запишување на земјоделско стопанство во Единствениот регистар на земјоделски стопанства издадено од МЗШВ или копие од договор за закуп ).
Пријавувањето на штетите може да се изврши најдоцна до 07.07.2023 година.
За сите дополнителни информации може да се обратите на тел. 046 286 855
ПРИЈАВА
ИЗЈАВА
ОПШТИНА ДЕБРЦА
Комисија за проценка на штети