Dec 24, 2021
На денешната 3-та седница, Советот на Општина Дебрца, со 10 гласа “за” го донесе Буџетот на општина Дебрца за 2022 година и Годишните развојни програми на општината за 2022 година.
.На изготвувањето на буџетот претходеше транспарентна постапка во која граѓаните, месните заедници, здруженијата на граѓани и други заинтересирани страни можеа да дадат свои предлози во поглед на креирање на буџетот за 2022 година.
Вкупниот буџет на општина Дебрца за 2022 година е проектиран на износ од 112.000.000 денари.
Основната цел на буџетот е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на повеќе проекти.
На тој начин ќе се обезбеди простор за мерки и проекти кои што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и зголемување на квалитетот на живот во општината.
Во буџетот за 2022 година предвидено е реализација на капитални инфраструктурни проекти, проекти од областа на образованието, културата, социјалата, спортот, животната средина, руралниот туризам и други.
Jul 20, 2021
Врз основа на член 5 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Дебрца за субвенционирање на физички лица за купен велосипед во 2021 година, број 01-1297/1, од 20.07.2021 година и Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2021 година ( „Службен гласник на општина Дебрца”, број 12/20 ) се објавува следниот :
ЈАВЕН ПОВИК
За субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипед во 2021 година
- Опис на јавниот повик
1.1. Општина Дебрца, со цел да ги стимулира жителите на општината за користење на велосипеди и поттикне рекреативниот спорт, на граѓаните кои ќе купат нов велосипед во 2021 година ќе им надомести дел од трошоците направени за купување на велосипед ( во понатамошниот текст: субвенција ).
1.2. Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2021 година, мерка “Живеј здраво – вози точак”, поддршка на рекреативниот спорт, обезбедени се средства за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипед, во вкупен износ од 300.000 денари.
1.3. На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени за купување на велосипед, во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари и вклучен персонален данок на доход .
1.4. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
- Право на учество на Јавниот повик
2.1.Право на субвенција имаат физички лица, жители на општина Дебрца, кои ќе купат нов велосипед во 2021 година и кои ги исполнуваат условите од јавниот повик.
3.Услови за користење на субвенцијата
3.1.Барателот треба да ги исполнува следните услови:
-да е жител на општина Дебрца,
-да нема добиено субвенција за купување на велосипед на друг јавен повик, од било кој друг извор,
– велосипедот да го купил во било кој продажен салон во државата , во 2021 година, од 01.01.2021 година до денот на завршување на јавниот повик, односно до искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2021 година.
4.Начин на пријавување на Јавниот повик
4.1. Барателот е должен да ја поднесе следната документација за исполнување на услови за добивање субвенција:
-барање за субвенција, кое може да се подигне во архивата на општината или електронски на веб страницата на општина Дебрца (www.debrca.gov.mk),
-копија од важечка лична карта, како доказ дека е жител на општина Дебрца,
-копија од трансакциска сметка,
-доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа: фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка, со датум од 01.01.2021 година до денот на завршувањето на јавниот повик, односно до денот на искористување на средствата по овој основ,а најдоцна до 31.12.2021 година,
– изјава дека нема искористено право на субвенција за набавка на велосипед на друг јавен повик од било кој друг извор во Република С. Македонија.
4.2. Едно физичко лице / барател може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за еден велосипед.
4.3.Барањата за користење на субвенција можат да се поднесуваат од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2021 година.
4.4. Барањата, со потребната документација се поднесуваат до Комисијата за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2021 година, со адреса: општина Дебрца, 6344 село Белчишта, по пошта или лично во архивата на општината, секој работен ден од 07.30 до 15.30 часот, во затворен плик.
На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците на физички лица за купување велосипед”.
4.5. Архивата на општината примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување ( датум, час и минута ), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.
5.Начин на спроведување на Јавниот повик
5.1. Некомплетните барања комисијата ќе ги отфрли и истите нема да бидат предмет на понатамошна постапка.
5.2.Градоначалникот на општината, на предлогот на Комисијата донесува решение за одобрување на барањето, за барателите кои ги исполниле условите од јавниот повик.
5.3.Градоначалникот на општината, на предлог на Комисијата донесува решение за одбивање на барањето,за барателите кои не ги исполниле условите од јавниот повик.
5.4.Исплатата на средствата на барателите за чии барања е донесено решение за одобрување ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати и одобрени барања, во рок од најдоцна 30 дена од денот на донесувањето на решението за одобрување.
5.5.Општината, во зависност од динамиката на поднесени барања, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно искористување, но не подоцна од 31.12.2021 година.
5.6.Доколку бидат искористени предвидените финансиски средства, општината на својата веб страница ќе го објави завршувањето на јавниот повик.
ОПШТИНА ДЕБРЦА
Комисија за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2021 година
1.Даниел Паункоски -претседател
2.Димитар Велјаноски – член
3.Билјана Суклоска-Милошеска – член

Б А Р А Њ Е На субвенција за купување велосипед во 2021 година
Jul 16, 2021
Во рамките на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија, а кој општина Дебрца го имплементира со партнерите: ОО Црвен Крст Охрид и Алпинистичкото друштво “Патагонија” Охрид, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна во село Брежани започнаа градежните активности за реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во Планинарски Дом.
Ќе се изврши целосна реконструкција и опремување на зградата, а за што ќе бидат инвестирани околу 85.000 евра.
Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина и особено селото Брежани, кое се наоѓа помеѓу Илинска Планина и Мазатар се природно предодредени за развој на зимскиот и планинскиот туризам.
Проектот е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација
Jan 27, 2021
Денес, во Охрид се одржа промотивен настан, на кој беа презентирани возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца, Македонија и Грамш, Албанија и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.
Свое обраќање на настанот имаа: Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа , Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Македонија, а беа присутни и Г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид, Г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Албанија.

Во изјавата за медиумите градоначалникот Ногачески изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект.
Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.
И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.
Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.
Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.
Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.
Во текот на имплементацијата на Проектот имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.
А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – изјави градоначалникот Ногачески.
Jan 16, 2021
Вложувањето во спортската инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети.
Ние се водиме од девизата дека спортот не е и не смее да биде привилегија само на одбраните, или само на големите и урбани центри. Напротив, тој мора да биде достапен секому и секаде подеднакво.
Извршивме санација на балон спортската сала во село Требеништа.
Општина Дебрца го доби и првото тениско игралиште. Игралиштето е во балон салата и е едно од ретките во Македонија во покриен простор.
За овие активности од буџетот на општината се издвоени вкупно 175.000 денари и тоа за санацијата на балон салата -40.000 денари и за изработка на акрилната подлога на тениското игралиште ( за набавка на специјалните акрилни бои ) -135.000 денари.
Благодарност до ентузијастите од ЗФК “Св.Петар” село Лешани, кои доброволно и без надомест ја изработија акрилната подлога и се иницијатори за формирање на првиот тениски клуб во општина Дебрца.
Благодарност и до советот на општината кој ја поддржа реализацијата на оваа проектна активност во спортската инфраструктура.
Согласно Годишната програма за спорт за 2021 година сите спортски клубови и поединци од општината можат бесплатно да ја користат балон салата за спортски и рекреативни активности, а трошоците за тоа ќе бидат субвенционирани од буџетот на општината.
Во здраво тело – здрав дух!