Oct 11, 2023
Почитувани граѓани,
11 Октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност.
На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Востание кое мора да стои на пиедесталот на македонскиот народ во креирањето на вистинската приказна за македонската република.
Во најубавата приказна за слободна Македонија посебно е вградена и нашата Дебрца,
Во Дебрца, на Славеј Планина е формирана првата регуларна воена единица на НОВ и ПОМ, баталјонот “Мирче Ацев”, во Сливово е формирана Првата македонска-косовска ударна бригада, во Црвена Вода е објавен Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ.
Наша должност останува да го чуваме она за кое се дадени многу животи.
Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе.
Нека ни е честит празникот, нека ни е вечна Македонија !
Oct 3, 2023
Денес во Црвена Вода и Белчишта,се одбележа јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Во село Црвена Вода се посети Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и се одржа историски час, а во село Белчишта се промовираше обновената Спомен соба од НОБ.
Градоначалникот Зоран Ногачески во своето обраќање пред присутните посебно го истакна следното:
Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ. Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ.
Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки.
Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство.
Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.