Oct 23, 2020
Денес, 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, ден кога е формирана Македонската револуционерна организација.
Славејќи го овој ден, ја празнуваме идејата на македонските револуционери за самостојна и независна Македонија која денес ја живееме во сопствена, независна државa.
Честит и вековит празник !!
Oct 3, 2020
Денес, во историското село Црвена Вода, славна Дебрца го одбележавме јубилејот- 77 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ, на 03 Октомври 1943 година, ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што слободно можеме да констираме дека извориштето на современата македонска држава е во Дебрца.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја.
И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде што пред 75 години беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.
Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца.
Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца.
Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.
Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.

Aug 20, 2020
Денес пристигна новото возило Duster, кое за потребите на општина Дебрца ќе се користи и како специјално теренско возило за спасување во зимски услови . Возилото е обезбедено во рамките на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија, кој општина Дебрца го спроведува со партнерите – ОО Црвен Крст Охрид, Алпинистичкото друштво “Патагонија” Охрид, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна. Набавката на возилото е финансирана со средства од ЕУ ИПА Програмата за прекугранична соработка ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа ( 15 % ).

Aug 11, 2020
Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести ( Сл. весник на РМ 66/2004, 139/2008 и 99/2009, 149/2014 ,150/2015 и 37/2016), а врз основа на одлуката на Советот на Општина Дебрца за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на општина Дебрца како општа противепидемиска мерка ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид го издава следното соопштение:
Се известуваат граѓаните кои одгледуваат пчели на подрачјето на општина Дебрца дека на ден 13.08.2020 год. (Четврток) екипите на Центар за јавно здравје Охрид ќе спроведат теристичка (од земја) дезинсекција со цел уништување на комарците. Запрашувањето ќе се врши во период од 21.00 до 06.00 часот со апарат за УЛВ ладно запрашување .
Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во Општината, подрачјето на река Сатеска, локалитетите со застојни водени површини, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата.
Се молат пчеларите и пчеларските задруги да ги превземат соодветните мерки за заштита на на пчелите.
Во случај на појава на неповолни временски услови (ветар, дожд) дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден.
За сите информации и прашања отворен телефон за контакт во Центар за јавно здравје Охрид е 231 881: 230 231.
Со почит,
Одделение за
епидемиолошка дејност
Охрид
11.08.2020 година