Jul 25, 2019
Денес, во Охрид градоначалникот Ногачески оствари неформална средба со градоначалникот на Модра, Моравија, Република Чешка, Г-дин Мирослав Коварик.
На средбата разменија информации за своите општини, како и за воспоставување на поблиска соработка меѓу дваете општини, особено во областа на културата и туризмот.
Градоначалникот на Модра го запозна Ногачески со европски подржаниот проект за откривање и популаризација на патот на Светите Кирил и Методиј, во Моравската мисија и нивната намера со проектот да бидат опфатени сите градови и области , каде што Светите браќа Кирил и Методиј ја вршеле својата просветителска дејност и ја ширеле словенската писменост.
Средбата ја завршија со желба за понатамошна соработка и отворена покана од Ногачеаки за посета на општина Дебрца, односно од страна на Коварик за посета на општина Модра.
Jun 1, 2019
Градоначалникот Ногачески синоќа присуствува, на Собир со граѓаните на село Белчишта.
Транспарентно и отворено дебатиравме за тековните проблеми, планираните проекти, актуелниот проблем со кучињата на еден жител на селото, чистењето на одводните канали, доизградбата на фекалната канализација, реновирањето на големата сала во општинската зграда, реконструкцијата на објектот-изложбен центар на Белчишкото Блато, уредувањето на плоштадот и речното корито во центарот и други проблеми и проекти.
Транспарентна и отворена општина, за сите .
May 27, 2019
Денес градоначалникот Зоран Ногачески присуствуваше на презентацијата за проектот: “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, што го имплементира Министерството за локална самоуправа и Кабинетот на заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка ( СДЦ ).
Во рамките на проектот има грантови шеми за инвестициски и иновативни проекти, за кои општините аплицираа преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Општина Дебрца аплицираше и доби средства во двете грантови шеми.
Во грантовата шема за инвестициски проекти аплициравме со проектот: “Уредување на атрактивни зони и патеки во Југозападниот плански регион” и со одобрените околу 20.000 CHF ќе внесеме нови туристички содржини на Слатинско Езеро ( со автохтон камен ќе се уреди пешачка патека во должина од 150 метри, ќе се изгради паркинг, три летниковци и ќе се постави урбана опрема), а новата патека ќе се постави на Андроид ГИС апликацијата SW Macedonia attractions.
Следна задача ќе ни биде да ги анимираме сите чинители, а особено АД “Водостопанство на Македонија”, кое стопанисува со овој воден ресурс, по завршената санација на браната да се изврши чистење на езерото од вегетацијата и да се врати неговата природна убавина.
Во грантовата шема за иновативни проекти аплициравме со проектот: “Визуелизација на туристички атракции во Југозападниот плански регион” и со одобрените средства ќе се набави инфо киоск, кој ќе се постави на инфо точка ( info touch panels ), пред општинсклата зграда, во село Белчишта, со текстови и фотографии на туристички атракции во општина Дебрца, со превод на содржините на англиски јазик, софтверско решение за презентација на туроистичките атракции, односно ќе се обезбеди достапност до информации преку инфо точките за граѓаните и туристите. За овој проект се обезбедени 38.980 CHF за 4 општини ( Дебрца, Дебар, Вевчани и Македонски Брод ).
May 24, 2019
Македонија денес го чествува ликот и делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј , кои оставија траен белег не само во македонската култура и историја, туку и во европската цивилизација.
Македонија е особено горда на фактот што искрата на сесловенското просветителство започна од тука. Светите Кирил и Методиј со своето лик и дело вечно ги задолжија сите словенски народи и воопшто, европската и светската култура и цивилизација.
Наша обврска и аманет е да го продолжиме нивното дело, да продолжиме да го негуваме и зачуваме нашиот јазик, традиција и идентитет и на тој начин да придонесуваме кон збогатување на културната ризница на Европа.
Нека ни е честит Денот и Големото дело на светите Кирил и Методиј .
May 19, 2019
Почитувани матуранти од општина Дебрца,
Ви упатувам искрени честитки по повод завршувањето на средното образование.
Посакувам овие денови кога го одбележувате крајот на средното образование, да Ви останат во трајно сеќавање на еден од најубавите животни периоди.
Знам дека овие мигови Ви се прекрасни и незаборавни.
Се наоѓате пред голема животна пресвртница и сериозна обврска, да го одберете своето идно занимање.
Вам, кои својата иднина ќе ја побарате на пазарот на трудот, Ви посакувам што поскоро да се вработите и со својот труд, за себе и за Вашите семејства, но и за својата општина и држава, да обезбедите сеопшт напредок.
Вам, кои планирате да го продолжите образованието на факултетите, Ви посакувам многу успех во стекнувањето на нови знаења и вештини.
Уште еднаш Ви честитам!
Патот што е пред Вас, Ве води во сериозни животни предизвици, и нека Ве следи среќа на тој пат.