Dec 21, 2018
Предлагач: Градоначалник на ЕЛС Дебрца Зоран Ногачески
Изработил: дип.еко. Сашо Силјаноски
Буџетот е од граѓаните и за граѓаните и затоа секој треба да има пристап и увид во него.Ве охрабруваме и ги очекуваме Вашите мислења, предлози и сугестии по предлог-Буџетот на општината.
Dec 20, 2018
Градоначалникот Ногачески денес оствари средба со учениците и наставниците од О.У Дебрца, кои во рамките на проектот #play2adapt од Еразмус + програмата, учестваа на првата мобилност во градот Невшехир Турција.
Тие го информираа за нивните впечатоци од посетата во Турција, каде на достоинствен начин беа презентирани училиштето и општина Дебрца.
Проектот предвидено е да продолжи во месец Мај, нареднава година, со втората средба, каде домаќинк ќе биде општина Дебрца и ОУ”Дебрца”, а ќе присуствуваат тимовите на Грција,Турција,Шпанија и Португалија.
Имплементацијата на вакви проекти има особено значење за нашата општина и училиште, посебно за нивната меѓународна промоција и афирмација.
Изразувајќи пофалба и благодарност за успешно реализираните активности во Турција, на учениците, наставниците и директорката на училиштето уште еднаш им ја повторив нашата определба за безрезервна поддршка на сите активности на училиштето, не само за овој проект , туку и за други проекти и тековните активности.– изјави градоначалникот Ногачески по средбата.
Dec 16, 2018
Проф. Др. Јован Стојаноски не беше само Градоначалник на општина Охрид.
Тој беше голем пријател и на општина Дебрца и нејзините граѓани.
И не само пријател. Туку и повеќе од тоа. Неговото семејно потекло е село Ботун, Дебрца.
Тој беше професор на многу студенти од општина Дебрца.
Неговото прерано заминување е голема и ненадоместлива загуба пред се за неговото семејство, академската заедница, граѓаните на општина Охрид, но и за нас, неговите сограѓани од општина Дебрца.
Во знак на жалост и почит кон Неговата личност, утре, 17.12.2018 година, денот на неговиот погреб, знамињата пред зградата на општина Дебрца, село Белчишта ќе бидат спуштени на половина копје.
Dec 16, 2018
Дозволете ми во мое лично име и во име на општина Дебрца, да изразам сочуство до семејството Стојаноски и граѓаните на општина Охрид за ненадоместливата загуба,
Колку животот понекогаш знае да биде суров и неправеден.
Пред неколку дена заедно го пречекавме Министерот за локална самоуправа, заедно дававме изјави за медиумите, а вчера заедно, еден до друг седевме на Националната конференција во Скопје.
А, денес Те нема .
Почивај во мир, мој драг пријателе, проф.др.Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид. – напиша градоначалникот на општина Дебрца, г-дин Зоран Ногачески.
Dec 14, 2018
Врз основа на член 8 од Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски (”Службен весник на РМ” бр.209/18), Градоначалникот на Општина Дебрца објавува :
ЈАВЕН ПОВИК
до доверителите на Општина Дебрца и доверителите
на единките корисници основани од Општина Дебрца од
областа на образованието
за пријавување на доспеани, а неплатени побарувања
Се повикуваат доверителите на Општина Дебрца и доверителите на единките корисници основани од Општина Дебрца од областа на образованието да ги пријават доспеаните а неплатени побарувања.
Рокот за пријавување на побарувањата е 8 (осум) работни дена од денот на објавувањето на Jавниот повик. Денот на објавување на Јавниот повик не се засметува во рокот.
Право на пријавување на побарување имаат доверителите за побарувања доспеани до 30.09.2018 година, евидентирани во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврските.
Со пријавата, доверителите се должни да ја достават и следната документација:
- Договор или друг акт од каде произлегува побарувањето помеѓу Општина Дебрца и доверителот
- Фактура/ Ситуација за задолжувањето (аналитичка картица).
Документација целосно пополнета се доставува во оригинал или копија. Доколку документацијата се доставува во копија, веродостојноста на секоја страница подносителот на барањето ја потврдува со свој потпис и печат.
Пријавата за побарување за пријавување на Јавниот повик, подносителите може да ја подигнат од општината или да ја превземат од web страната на Општина Дебрца www.debrca.gov.mk
- Рок и начин на доставување на пријавите
Рокот за поднесување на пријавите е 8 (осум) работни дена од денот на објавувањето на јавниот повик. Јавниот повик и обрасците „Пријава на побарување согласно Јавен Повик до доверителите на Општина Дебрца и доверителите на единките корисници основани од Општина Дебрца од областа на образованието ” ќе бидат објавени и на web странaта на Општина Дебрца.
Пријавата со потребната документација да се достави преку пошта со препорачана пратка или лично во архивата на Општина Дебрца (од 08:30 до 16:30 часот секој работен ден), во с.Белчишта.
Пријавите со потребната документација примени по истекот на рокот, нема да бидат земени во предвид.
Подетални информации, заинтересираните правни субјекти можат да добијат на телефонскиот број 046 286 855 – Одделение за финансиски прашања, или на електронската адреса: contact@debrca.gov.mk
По завршувањето на Јавниот повик, Општина Дебрца во рок од 8 дена ќе ги разгледува пристигнатите пријави, а Градоначалникот на Општина Дебрца ќе постапи во согласност со Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски (”Службен весник на РМ” бр.209/18).
ОПШТИНА ДЕБРЦА
ГРАДОНАЧАЛНИК
Зоран Ногачески