Apr 29, 2021
Советот на општина Дебрца денес ја одржа 47-ма редовна седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
- На оваа седница Советот ги усвои Извештаите за работа на Центарот на Југозападниот плански регион во 2020 година. Во текот на 2020 година преку Центарот на Југозападниот плански регион во општина Дебрца беа имплементирани следните проекти: Реконструкција на патен правец за село Арбиново, доизградба на патен правец село Волино/општина Дебрца-село Мороишта/општина Струга и реконструкција на Дом на култура село Требеништа/прва фаза.
- Советот донесе одлука за проширување на средствата во Буџетот на општина Дебрца за 2021 година, со која во делот на основното образование се предвидени дополнителни 926.000 денари, обезбедени од донација преку Еразмус програмата.
- Советот ја усвои Годишната програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Дебрца за 2021 година, со која се планираат конкретните мерки и активности за заштита од заразни болести.
- Советот го усвои Анексот на Годишната програма за работа на ООУ Дебрца во учебната 2020/2021 година, со кој работењето на основното училиште се прилагодува кон новонастанатите услови предизвикани од ковид 19 кризата.
- Советот ги усвои одлуките за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност Дебрца за периодот 01.10.2020-31.12.2020, завршната сметка за 2020 година, како и на годишните извештаи за спроведување на утврдените тарифи за водоснабдување и одведување на отпадни води.
- Советот ги усвои измените на персоналниот состав на општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди. Постапувајќи по барања на загрижени земјоделци, кои претрпеа штети на овошните насади од доцните пролетни мразеви, во наредниот период комисијата ќе објави повик за пријавување на штетите.
- Советот донесе одлука за за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата – дом с.Требеништа, со намена за отворање на откупен пункт за земјоделски производи. Со јавниот повик, кој ќе биде објавен ќе се повикаат сите заинтересирани инвеститори за отворање на откупен пункт за земјоделски производи.
Apr 23, 2021
На локалитетот Белчишко блатот и неговата околина изградена е набљудувачница за птици, видиковци за одмор и информативни знаци.
Изградената екотуристичка инфраструктура на која работеше Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид, ќе биде предадена во трајна сопственост на општина Дебрца, за да може да ја користи за развој на екотуризам, набљудување див свет и рекреација на посетители.
Изградбата на инфраструктурата е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 мај 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. – информира Ѓоко Зороски од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид.
Проектот е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.
Mar 13, 2021
Во рамки на “Проектот за поврзување на локални патишта ”, кој се реализира од Министерството за транспорт и врски, со финансиска поддршка од Светска Банка, а со цел подобрување на локалната патна инфраструктура, општина Дебрца аплицираше со проектот: “Реконструкција на патниот правец село Злести-село Белчишта ( врска со регионален пат ) и изградба на обиколница околу село Злести”, како продолжение на патниот правец село Лешани-село Злести, во вкупна должина од 2121 метри.
Проектот е одобрен и на 10 Март преку Министерството за транспорт и врски е објавен вториот тендер за локални патишта, меѓу кои е и нашиот аплициран проект ( Тендер 2 Дел 3 ) .
По завршувањето на тендерот ( крајниот рок е 8 Април ) очекуваме да започне реализацијата на проектот.
Градиме по План-от!
Feb 20, 2021
Ветивме дека со примена на најмодерните ИКТ мерки и стратегии ќе ја зголемиме отчетноста и транспарентноста на општинските институции, преку целосна имплементација на концептот на отворена општина ( Е-транспарентност .
До каде сме на овој пат?
Според Индексот на активна транспарентност 2017 ( за период на претходната локална власт), мерење подготвено од Центарот за граѓански комуникации со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), по нивото на транспарентност општина Дебрца го зазеде 73-то место од вкупно 84 општини, со резултат од 16,4 % остварени позитивни показатели или од вкупно 97 институции во кои се мерела активна транспарентност, општина Дебрца е рангирана на 86-то место, со оценка “многу слаба транспарентност”.
Според Индексот на активна транспарентност 2020, општина Дебрца го зазеде 30-то место од вкупно 84 општини, со резултат од 63,8 % остварени позитивни показатели или од вкупно 98 институции во кои се мерела активна транспарентност, општина Дебрца е рангирана на 44-то место, со оценка “добра транспарентност”.

Дали сме задоволни?
Ако тргнеме од тоа каква состојба сме наследиле , од многу слаба транспарентност стигнавме во горната половина институции со добра транспарентност, сме направиле позитивен скок.
Од сосема нетранспарентна и затворена општина стигнавме до препознатлива и отворена општина.
Ако тргнеме од тоа дали можеме подобро, тогаш мораме уште да работиме, бидејќи знам и убеден сум, дека можеме и повеќе и подобро.
Затоа и во наредниот период посветено ќе работиме на концептот отворена и транспарентна општина .
Целта ни е да стигнеме во групата на институции со многу добра транспарентност.
Jan 27, 2021
Денес, во Охрид се одржа промотивен настан, на кој беа презентирани возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца, Македонија и Грамш, Албанија и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.
Свое обраќање на настанот имаа: Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа , Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Македонија, а беа присутни и Г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид, Г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Албанија.

Во изјавата за медиумите градоначалникот Ногачески изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект.
Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.
И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.
Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.
Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.
Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.
Во текот на имплементацијата на Проектот имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.
А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – изјави градоначалникот Ногачески.