Apr 3, 2023
Денес градоначалникот Ногачески, беше домаќин на Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Г-дин Дејвид Гир,кој беше во работна посета на општина Дебрца.
На средбата градоначалникот го запозна евроамбасадорот со личната карта на општината,нејзиното природно и културно историско наследство, нашите заложби општината да прерасне во високорангирана еко туристичка дестинација,со акцент на развојот на зелената економија ,руралниот туризам и производството на здрава храна.
Гостинот го информирав за тековните и идните проекти, за можностите за развој, предизвиците со кои се соочуваме како локална самоуправа.
На средбата стана збор и за проектите реализирани во општината со средства од претпристапните фондови на ЕУ,особено потенцирајќи ги грантот на ЕУ за рурална инфраструктура, кој беше искористен за изградба на две улици во село Мешеишта и набавка на механизација за потребите на јавното претпријатие, conse pp проектот финансиран од Програмата за прекугранична соработка Македонија-Грција, во чии рамки е адаптирана зградата на идниот изложбен центар на Белчишкото Блато во село Белчишта и проектот “Нови можности за безбеден авантуристички зимски туризам”, финансиран од Програмата за прекугранична соработка Македонија-Албанија, во чии рамки е адаптирана Планинската куќа во село Брежани.
И во оваа прилика до евроамбасадорот изразив голема благодарност за досегашната поддршка,при што заеднички констатиравме дека искористувањето на претпристапните фондови на ЕУ е важно за евроинтеграциите на нашата земја, а уште повеќе за општина Дебрца која е со ограничени финансиски ресурси, со оглед на тоа што парите кои се користат од овие фондови се инвестираат во конкретни проекти, кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.
Ја потенциравме определбата нашата соработка да продолжи и на идни проекти од интерес на граѓаните,а за што како општина сме подготвени со конкретни проекти. – изјави градноачалникот Ногачески, по средбата со Евроамбасадорот.
Евроамбасадорот оствари средба и со членовите на Советот на општината,невладини организации,а имаше и средба со граѓани.
Mar 29, 2023
Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е Давид Гир, во понеделник 03.04.2023 година ќе биде во целодневна работна посета на општина Дебрца. За време на посетата покрај работна средба со градоначалникот Ногачески и Членовите на Совет на Општина Дебрца, предвидено е и посета и промоција на претходно реализираните проекти кои се поддржани од страна на Европскат Унија.
Во попладневните часови амбасадорот исто така ќе оствари и непосредни средби со НВО и граѓаните на општина Дебрца.
Feb 1, 2023
Денес, во рамките на проектот ” Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам” реализирана е уште една проектна активност.
Поставени се три современи настрешници за автобуски стојалишта во селата Велмеј, Лешани и Злести
Проектот се реализираше во рамките на Програмата за прекугранична соработка Македонија-Албанија,а партнери беа Црвениот Крст ОО Охрид,општина Дебрца и Алпинистичкото друштво Патагонија,од македонска страна и општина Грамш, од Албанија.
Nov 17, 2022
Општина Дебрца, објавува Јавен повик за пријавување на интерес за изнајмување и менаџирање со “Планинска Куќа Брежани”.
Сите заинтересирани правни и физички лица (агенции, тур оператори, туристички водичи и др.) можат да се обратат во општина Дебрца, секој работен ден од 8:00 – 15:00 часот за подетални информации во врска со јавниот повик заклучно 17.12.2022 година.
Лице за контакт:
Ангел Секулоски
Планинската куќа е лоцирана во планинското село Брежани, сместено во пазувите на Илинска планина, во општина Дебрца, на триесет километри одалеченост од градовите Охрид, Струга и Кичево. Располага со дваесет легла , современи бањи и кујна, греење, ладење.
Реконструкцијата на старата училишна зграда во селото Брежани и нејзина адаптација во Планинска куќа беше реализирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.
Фотографии во прилог:

Oct 26, 2022
На денешниот завршен, свечен настан беа презентирани сработените активности од проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ .
Проектот во изминатите три години го реализираше Црвен крст Охрид, во партнерство со општините Дебрца и Грамш од Албанија и Алпинистичкиот клуб Патагонија Охрид, а е финансиран од Европската Унија, Програма за прекугранична соработка Македонија-Албанија и Министерството за локална самоуправа.
Општина Дебрца беше еден од партнерите во проектот со кој доби современ, планинарски дом со 20 легла, опрема за делување во зимски услови и сигурност на посетителите со формирањето на Планинската спасителна служба за регионот.
Градоначалникот Ногачески во свето пригодно обраќање уште еднаш потенцира дека проектот е значаен од аспект на тоа што е во целосна корелација со визијата Дебрца да прерасне во извонредна туристичка природна дестинација, затоа што Дебрца со своето природно богатство, која е дел од светското природно наследство, со сите планински масиви кои ги поседува е природно предодредена за развој на зимскиот авантуристички туризам. Токму затоа сите реализирани активности во рамките на проектот беа во таа насока.
Кога зборуваме за развој на зимскиот авантуристичкиот туризам, треба да се има услови за развој и на безбеден туризам. Во наредниот период сите ние општините од овој регион треба да ги поддржиме сите активности на ПСС и тој Меморандум за соработка кој го потпишавме не треба да остане само на хартија, туку треба да го преточиме во практика.
👉а нас проектот покрај конкретни бенефити, индирекно придонесе и за јакнење на нашите капацитети во процесот од апликација до реализација на проектите од прекуграничната соработка.
Уште еднаш ја изразив големата благодарност до Делегацијата на ЕУ и Министерството за локална самоуправа кои ги обезбедија финансиските средства за имплементација на проектот, како и до сите партнери со кои заедно ги реализиравме проектните активности.
Oct 19, 2022
Почитувани,
Со особена чест и задоволство, Ве покануваме да присуствувате на свечен настан по повод завршувањето на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, Програма за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за Локална самоуправа на Република Северна Македонија.
Проектот е реализиран од страна на Црвен крст Охрид, во партнерство со општините Дебрца, РСМ и Грамш, Албанија и Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид. Во текот на три годишната имплементација се реализираа бројни инфраструктурни активности за развој на авантуристичкиот туризам, како и активности за подобрување на капацитетите на тимовите за спасување во прекуграничниот регион. Настанот ќе се одржи во просториите на Оперативниот Центар на Планинската спасителна служба во Охрид, ул. Кленоец бр 2А, со почеток од 12:00 ч, на 26 Октомври, 2022 година.
Поради подобра организација на настанот, Ве молиме да го потврдите Вашето присуство и бројот на претставници од Вашата организација/институција, најдоцна до 15:00 часот, во петок 21.10.2022 година, на e-mail: ohrid.ipa2cbc@gmail.com Во очекување на Вашето ценето присуство,
АГЕНДА
Време
11:30 – 12:00 Пристигнување
Поздравни говори
12:00 Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид
12:05 Г-ѓа Мариа Канелопулу, Прв Советник, Раководител на сектор за
економски прашања, градење институции, прекугранична соработка
12:15 Претставник од Министерството за локална самоуправа на РСМ
12:20 Претставник од Државната агенција за стратешко планирање и
придружна координација од Албанија
12:25 Г-дин Кирил Пецаков, Градоначалник на Општина Охрид, РСМ
12:30 Г-дин Зоран Ногачески, Градоначалник на општина Дебрца, РСМ
12:35 Г-дин Клодијан Таче, Градоначалник на општина Грамш, Албанија
Изјави за медиуми
12:50 – 13:20 Презентација на проектните резултати
Антонио Додевски, Раководител на проект
13:30 Коктел
Со почит,
Проектен тим