Select Page
Промовирани резултатите од Проектот „Требенишко Кале – истражување 2019

Промовирани резултатите од Проектот „Требенишко Кале – истражување 2019

Вчера во општина Дебрца беа промовирани резултатите и сознанијата од Проектот „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019”.

Археолошкиот локалитет „Требенишко Кале” беше истражуван оваа година со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.

Беа истражувани одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.

По истражувањата беа добиени доволно резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика.

На настанот присуствуваа градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и раководителот на истражувачкиот тим, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.

„Сето ова што го правиме е во рамките на нашата заложба Дебрца навистина да ја промовираме во една високо рангирана природна културна и археолошка туристичка дестинација и токму затоа во наредниот период ќе продолжиме со тие активности, се ова што досега беше истражувано од страна на истражувачкиот тим предводен од раководителот на тимот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Наша заложба е, со оглед на тоа што најзначајниот локалитет кој што го има Дебрца тоа е Требенишкото Кале и Требенишката Некропола да го преуредиме, да го преуредиме и задружниот дом во Требеништа и да претвориме во своевиден Дом на археолошкото наследство на општина Дебрца, на тоа не обврзуваат и „100-те години Требеништа“.“ – истакна градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Раководителот на истражувачкиот тим, професорот Виктор Лилчиќ Адамсен рече дека е цврсто убеден, дека со овие истражувања на Требенишкото кале се насетува името на средновековниот град Дебрец.

„Оваа општина под водство на градоначалникот, покажа навистина една зрелост, еден огромен интерес со реализацијата на овие две фази ги опфативме цивилизациските локалитети, 10 локалитети во 2018 година во Дебрца, северо-источниот дел од Десаретија,  така што оваа 2019 година се концентриравме на најглавниот, сфативме дека Требенишкото кале претставувало град, очекувавме да откриеме рана антика, меѓутоа оваа година неочекувано откривме еден поголем временски континуитет на локалитетот, каде живеела една силна, јака, компактна човечка заедница. Со овие наоди, засега јас сум цврсто убеден дека го насетуваме името на средновековниот град, а тоа би бил градот Дебрец. Тоа е град по кој нашите колеги долги години трагаа. Тоа е едно огромно изненадување. Ние се надеваме дека ќе успееме во наредните години да го отвориме црковниот храм и да го прошириме истражувањето можеби и на некрополата, да собереме уште повеќе податоци за да ја потврдиме оваа хипотеза што денес ја лансираме. Дебрца лежи врз древна цивилизација, тоа е нешто што мораме да го откриеме и заштитиме и да го потпреме развојот на оваа општина, тие предмети да бидат депонирани во еден локален музеј, каде би се вработиле луѓе од тука, на крајот важен е профитот од тоа и општината да заработува.“ – изјави проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов вели дека ваквите знајачни локалитети треба да го добијат вистинското место во регионот.

„Ние како Управа, нашите професори и останатите Заводи за заштита, ќе пробаме со поинаква стратегија и тактика, да допринесеме, да ги подигнеме стандардите, да го подигнеме нивото на работа, овие локалитети кои што се значајни да го добијат вистинското место во регионот. Конкретно, приоритет ќе биде новиот нацрт-закон за заштита на културното наследство. Во тој закон веројатно ќе бидат видоизменети начините како ќе биде финансирањето. Инсистираме на подолготрајно финансирање, да не зависи од моменталните политички ситуации во државата туку тоа да биде трајно финансирање до неговото завршување или секојдневно менаџирање, да не се случува да биде оставено без никаков надзор и контрола. Тука се подразбира и поинакви принципи на однесување и во конзерваторските центри и на луѓето кои ќе треба да ги прифатат таквите принципи.“ – изјави Костов.

Градоначалникот Ногачески истакна дека и покрај тоа што Проектот беше одбиен од страна на Министерството за култура, тој не се обесхрабрува, туку како што кажа, тој ќе аплицира преку Бирото за рамномерен регионален развој.

„На јавниот повик кој што беше објавен од страна на Министерството за култура за капитални инвестиции за 2019 година аплициравме ние со тој Проект со добро образложение на приказната за Дебрца и од страна на професорот Лилчиќ, мене ми е искрено жал што можам да констатирам дека Проектот ни беше одбиен од Министерството за култура и тоа во година која целокупната држава и Владата беа ангажирани на манифестацијата и изложбата „100 години Требеништа“, меѓутоа тоа мене не ме обесхрабрува, веќе за наредната година, односно на утрешната седница на Советот на општината, при носење на годишната програма за развој на културата во оштина Дебрца за 2020 година го ставам овој проект повторно на дневен ред и ќе аплицираме преку Бирото за рамномерен регионален развој, така што очекувам од пролет 2020 година да започнеме со реконструкција на тој објект.“ – додаде Ногачески.

Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот: “Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019

Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот: “Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019

Покана до медиумите и заинтересираната јавност

Настан : Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот: “Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019”.

Организатор и подржувач: Општина Дебрца

Реализатор: Филозофски факултет Скопје

Време и место: 24 Декември 2019 година, 12.30 часот, сала за седници на советот на општина Дебрца, село Белчишта

На настанот ќе присуствуваат: градоначалникот на општина Дебрца, Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и раководителот на истражувачкиот тим, проф. Др. Виктор Лилчиќ Адамс.

Археолошкиот локалитет “Требенишко Кале” беше истражуван оваа година со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од Филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.

Беа истражувани одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.

По истражувањата беа добиени доволно резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика.

Меѓутоа, успеа да се навлезе и во трагата на неговата идентификација со еден средновековен град, споменат во еден средновековен извор.

Тоа е град по чија местоположба истражуваа и трагаа македонските историчари и археолози повеќе од половина век.

За тоа повеќе информации на настанот.

Се реализира проектот “Требенишко Кале – истражување 2019”

Се реализира проектот “Требенишко Кале – истражување 2019”

Ако преку проектот за Белчишкото Блато го промовираме светското природно наследство на Дебрца, сакам да Ве информирам за уште еден проект кој деновиве интензивно се работи и кој има за цел да се промовира светското археолошко и културно наследство на Дебрца.

Имено, откако минатата година со Филозофскиот факултет Скопје спроведовме истражување на десет најзначајни археолошки локалитети во Дебрца, оваа година продолживме со истражувањата на најзначајниот археолошки локалитет, Требенишкото Кале.
Вчера градоначалникот Зоран Ногачески ги прими Проф.Др.Виктор Лилчиќ Адамсен и неговиот тим, кои го информираа за сознанијата од нивната работа на терен.

Според нив, сознанијата од истражувањата илустрираат околу 1800 години живот во континуитет и ако се додаде архајскиот период, или како што вели почитуваниот професор Лилчиќ “периодот на господарите со златните маски”, тогаш имаме 2200 години континуитет на овој древен град, распослан на околу 5 хектари.

По завршувањето на истражувањата на терен ќе се изработи завршен извештај со фото и техничка документација, а кој ќе биде претставен и пред пошироката јавност.

Средствата за реализација на овој проект, во износ од 100.000 денари се обезбедени од Буџетот на општина Дебрца за 2019 година.

А мојот “сон”, кој се надевам дека за бргу ќе биде јаве е Требеништа да биде културната престолнина на општина Дебрца, со Културен Изложбен Центар, во кој ќе биде претставено не само археолошкото наследство од Требенишкото Кале и Требенишката некропола, туку и целокупното археолошко наследство на Дебрца. – изјави градоначалникот Ногачески по средбата.

На тоа силно обврзуваат и “100-те години Требеништа”.

Започна санацијата на Спомен училиштето во село Црвена Вода

Започна санацијата на Спомен училиштето во село Црвена Вода

Дебрца освен со сочувани природно наследство, биолошка разновидност и автентичност, се одликува и со богато историско наследство, градено од разните слоеви на цивилизации и култури, напластени на овие простори низ историјата и поради што со право го носи епитет Славна Дебрца.
Затоа, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата историја, култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато историско и културно наследство.
Едно од тие историски места е селото Црвена Вода.
Во Црвена Вода, во текот на НОБ се донесени пресвртните одлуки за Македонија, а пред се Манифестот на Главниот штаб на НОВ И ПОМ.
Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.
И не случајно, 3 Октомври, Денот на Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, воедно е и Ден – Патронен празник на општина Дебрца.
Поради тоа, започнавме со санација на Спомен училиштето во село Црвена Вода, во кое се сместени Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и Спомен собата на писателот Ванчо Николески.
Ќе се изврши демонтажа на старите подови и прозорци, бетонирање на подовите, поставување на керамички плочки, молерисување на внатрешни ѕидови, нови прозорци, нова електрична инсталација, шприцање на фасада, изработка на конзолна настрешница пред влезот и др.
Вкупната вредност на работите изнесува 589.535 денари , кои се обезбедени од Буџетот на општината за 2019 година.
Градиме по План-от.

Реализирани два нови проекти со партерно уредување

Реализирани два нови проекти со партерно уредување

На платото во црквата “Св.Спас”, село Годивје, во површина од 160 мкв, просторот каде се прославува верскиот празник “Спасовден”, се одржува културната манифестација “Ѓомлезијада” и е стартот на спортско рекреативната планинска велосипедска тура “Славеј + Караорман”, Дебрца ;

На влезот во манастирот “Св.Јован Крстител”, село Слатино, во површина од 70 мкв.
Средствата во износ од 208.335 денари се обезбедија од Буџетот на општината за 2019 година.

Продолжуваме да работиме по Планот.

Градоначалникот Ногачески го објави планот за реализација на нови инфраструктурни проекти до крајот на 2019 година

Градоначалникот Ногачески го објави планот за реализација на нови инфраструктурни проекти до крајот на 2019 година

Наша основна определба беше и е да се фокусираме на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во општината и во тој контекст со средства од Буџетот на државата, ЕУ фондовите, буџетот на општината и други расположливи извори да инвестираме во капитални инфраструктурни проекти.
Во оваа прилика ќе потенцирам повеќе инфраструктурни проекти кои ќе ги започнеме и реализираме ( некои се отпочнати ) до крајот на оваа година и тоа :
ОРОВНИК
-хортикултурно уредување на просторот кај јарболот и дел од главната влезна улица во селото ( средства од Биро за регионален развој, програма за развој на села и буџет на општината ),
-осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
-осветлување на спортски полигон со лед рефлектори ( буџет на општина ),
-санација на каптажи во местност “Тројани” ( буџет на општина ),
-тампонирање на пат од кај Црква “Св. Спас” до приклучок на Аеродром ( АФПЗРР, програма за рурален развој ),
ГОРЕНЦИ
–осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
-аплицирано во МЗШВ за тампонирање на полски пат од подвозник до каналот на река Сатеска,
ТРЕБЕНИШТА
-тампонирање на пат до Црква “Св.Петка” ( буџет на општина )
-инсталирање на централно греење во Подрачното училиште ( буџет на општина , основно училиште ),
-поврзување на новата бушотина за вода со резервоарот над основното училиште ( буџет на општина ),
ВОЛИНО
-изградба на фекална канализација ( АФПЗРР, програма за рурален развој и буџет на општината),
-доизградба на патен правец село Волино-село Мороишта, Струга ( Центар за развој на Југозападен плански регион, АФПЗРР, програма за рурален развој ),
МЕШЕИШТА
-реконструкција и инсталирање на централно греење во Подрачното училиште (Центар за развој на Југозападен плански регион, програма за регионален рамномерен развој и буџет на општината ),
-изградба/асфалтирање на една уличка ( буџет на општина ),
БОТУН
-санација на стара каптажа за водоснабдување ( буџет на општина ),
-поставување на нова типска автобуска постојка ( проект за Белчишко Блато, ЗГ Екотуризам 2016 ),
ЗЛЕСТИ
-регулација на канал за наводнување ( буџет на општина),
-осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
БЕЛЧИШТА
-отпочнување со санација и пренамена на објект Изложбен центар на Белчишко Блато ( средства на ЕУ, Прекугранична соработка со Грција ),
-уредување на речното корито во централното подрачје ( буџет на општина ),
-поставување на нова типска автобуска постојка ( проект за Белчишко Блато, ЗГ Екотуризам 2016 ),
ЛЕШАНИ
-Регулација на канал за наводнување ( буџет на општина ),
-осветлување на спортски полигон со лед рефлектори ( буџет на општина ),
-подобрување на централното греење во подрачното училиште,
ВЕЛМЕЈ
-доуредување и заградување на просторот кај селската амбуланта ( буџет на општина ),
-осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
НОВО СЕЛО
-санација на покрив на објект на месната заедница ( буџет на општина ),
ПЕСОЧАНИ
-тампонирање на уличка со гребан асфалт ( буџет на општина ),
ЦРВЕНА ВОДА
-санација на спомен соба од АСНОМ и спомен соба на Ванчо Николески во зградата на училиштето ( буџет на општина ),
ИЗДЕГЛАВЈЕ
-изградба на резервоар за водоснабдување ( Министерство за транспорт и врски и буџет на општина ),
-тампонирање со гребан асфалт на пат до црква “Св.Димитрија” ( буџет на општина ),
-санација на мост на пат до црква “Св.Димитрија” ( буџет на општина ),
СЛАТИНСКИ ЧИФЛИК
-изградба на доводен цевковод за водоснабдување ( Биро за регионален развој ,програма за развој на подрачја со специфични развојни потреби ),
СЛАТИНО
-уредување на влезот во манастир “Св. Јован” ( буџет на општина ),
-асфалтирање на улица во селото ( буџет на општина ),
-уредување на патека и поставување на летниковци на Слатинско Езеро ( Центар за развој на Југозападен плански регион, грант од Швајцарска агенција за развој и соработка ),
ОЗДОЛЕНИ
-тампонирање на улица ( буџет на општина ),
АРБИНОВО
-реконструкција на пат врска со А2-село Арбиново ( Центар за развој на Југозападен плански регион, АФПЗРР,програма за рурална инфраструктура и буџет на општина ),
СЛИВОВО
-тампонирање на пат до црква “ Св.Атанасиј “( буџет на општина ),
-санација на споменик на МКУБ ( буџет на општина ),
-санација на спомен чешма во Сливовски Анови ( буџет на општина ),
ВРБЈАНИ
-асфалтирање на две улици ( буџет на општина ),
-изградба на бетонски пропусти на трета улица ( буџет на општина ),
ГОДИВЈЕ
-асфалтирање на две улици ( буџет на општина ),
-уредување на простор во црква “Св.Спас” ( буџет на општина ),
ЛАКТИЊЕ
-асфалтирање на две улици ( буџет на општина )
БРЕЖАНИ
-Во рамите на ЕУ Програмата за Прекугранична соработка со Албанија во прва фаза е одобрен проект, во чии рамки е предвидена санација и адаптација на зградата на поранешното училиште во планинарски дом.

Големина на Фонт
Контраст