Dec 5, 2025
Почитувани граѓани,
Општина Дебрца го започнува процесот на креирање на новиот Буџет за 2026 година.
Партиципативното буџетирање и вклучувањето на граѓаните и граѓанските организации при креирање на Буџетот е наш приоритет.
Ве повикуваме да се вклучите, со вашите идеи, предлози и сугестии, пополнувајќи го соодветниот формулар во прилог на овој текст.
Посочете ги клучните проблеми и предлози за вашата месна заедница, со цел, локалната самоуправа да добие појасна претстава за потребите на граѓаните во сите месни заедници.
Во рамките на процесот ќе бидат одржани и посети по населени места каде јавноста навремено ќе биде информирана за посета на населените места и локациите за собири, ги повикуваме сите граѓани на општина Дебрца, да дадат свој предлог, идеа, мислење.
Предлозите може да се доставуваат и електронски преку пополнување на формуларот во прилог.
Секој пополнет формулар и секоја идеа ќе биде темелно прегледани од нашите вработени и предлозите за нови проекти ќе бидат земени во предвид при креирање на буџетските програми и Буџетот за 2026 година.
Sep 17, 2025
Здружението ЕКОТУРИЗАМ 2016, Охрид со учениците од прво до деветто одделение од Општинското основно училиште „Дебрца“ и со поддршка од Општина Дебрца, организираше едукативен настан посветен на запознавање на биолошката разновидност на Белчишко Блато.
Учениците имаа можност да се запознаат со дел од богатото био-разнообразие на блатото, да идентификуваат растенија и животни, а во вториот дел од настанот го посетија и Музејот на Белчишко Блато во с. Белчишта. Ден исполнет со нови знаења, дружење и љубов кон природата!
Настанот се реализира во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на зелена агенда на локално ниво“, кој се спроведува од Центар за климатски промени во соработка со партнерите: Еко зелено движење, Геосфера, Екотуризам – 2016 Охрид, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Еко екшон, со финансиска поддршка од Швајцарската Амбасада преку програмата Цивика Мобилитас.
Sep 14, 2025
Драги сограѓани, почитувани пријатели,
Во изминативе осум години, со ваша доверба, ја имав честа и одговорноста два мандати да бидам градоначалник на нашата општина Дебрца – првиот мандат како партиски, а вториот како независен кандидат.
Секогаш сум верувал дека два мандати се доволни човек да ја докаже својата визија и да остави зад себе дела. Денес со гордост можеме да кажеме дека зад нас остануваат многу реализирани проекти, значајни за развојот на нашата општина и за подобар живот на граѓаните.
Во изминативе месеци, секојдневно бев исправен пред голем број барања од вас – граѓаните на Дебрца. Се разговараше во општина, мојот дом, по улици, по телефон. Вие бевте тие што ме потсетивте дека многу започнати проекти чекаат да бидат довршени и дека борбата за подобра Дебрца не смее да запре.
Искрено, не беше лесна одлуката – енергијата не е истата како пред осум години, а и мојата првична одлука беше да застанам тука. Но, вашиот глас беше посилен. Вие ми покажавте дека довербата и очекувањата се уште постојат, и затоа – ја носам одлуката да се кандидирам за уште еден мандат како независен кандидат.
Со почит кон сите мои противкандидати, кои сигурен сум дека имаат свои визии и идеи, ние на граѓаните ќе им понудиме едно – дела.
Дела кои ги реализиравме, дела кои ги реализираме и нови дела кои ќе следат во наредните години.
Дела за Дебрца!
Sep 12, 2025
Во Општина Дебрца се одржа работилница во рамки на проектот EcoFire Youth Ambassadors, реализирана во партнерство со Доброволните противпожарни организации од Охрид и Дебрца и со активно учество на локални чинители.
Проектот е финансиран преку Landscape Fire Management in the Western Balkans Programme (LFMWB), имплементиран од Farmahem, а негов носител е Здружението за екологија ЕКОМЕНЛОГ – Охрид. ЕКОМЕНЛОГ, основано во 2015 година, е препознатливо по својата мисија за заштита на природата и подигнување на еколошката свест во регионот на Охридското Езеро преку научни истражувања, образовни програми и активно вклучување на заедницата.
📅 Проектот трае 14 месеци (ноември 2024 – февруари 2026) и има за цел да зајакне капацитети за превенција и управување со пожари, преку изградба на растителни противпожарни појаси, обука на млади амбасадори, интеграција на традиционални практики и примена на иновативни технологии.
Почетокот на активностите симболично беше означен со расчистување на дивата депонија која ќе биде дел од зафатот на кој ќе се простира растителниот противпожарен појас

Ќе се изврши и набавка на противпожарна опрема која ќе биде ставена во функција на ДПД,,Ентузијаст”-Дебрца.
🤝 Работилницата ја потврди заедничката посветеност за градење поотпорен регион, каде што традицијата и иновацијата се надополнуваат за одржлива иднина на Охридското Езеро и Дебрца.
Sep 1, 2025
За почетокот на новата учебна 2025/2026 година –Градоначалникот Зоран Ногачески им приреди свечен прием за 20 те првачиња од ООУ Дебрца.
Посакувајќи им топло добредојде во светот на знаењата, на првачињата им додели училишен прибор, кој традиционално го донира фондацијата „Капинков“ на Драган Капинков, бизнисмен од Перт, Австралија, родум од битолското село Цапари.

Пред првачињата и родителите уште еднаш ја потенцира заложбата дека како локална самоуправа, постојано ќе вложуваме во училишната инфраструктура, во наставниот кадар и мотивирани ученици, се со цел учениците во општина Дебрца да бидат меѓу најдобрите.
И оваа година општина Дебрца на сите првачиња ќе им додели еднократна парична помош од по 5.000 денари.
И во оваа прилика изразувам благодарност до фондацијата „Капинков“ на Драган Капинков и до почесниот конзул на Република Македонија во Перт, Г дин Зоран Ќосески , по чија иницијатива фондацијата од 2013 година непрекинато пред почетокот на секоја учебна година доделува училишен прибор за првачињата од општина Дебрца.

Оваа година подароци за првачињата донираа и Министерството за образование и наука и Комерцијална банка АД Скопје.
Добредојдовте и среќно првачиња!
Jul 4, 2025
Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески изврши прием на најдобрите ученици, односно првенецот на генерација Анастасија Тупанческа и учениците на генерација Рената Јолакоска и Стефани Николоска за учебните 2021-2025 година од ООУ “Дебрца” Белчишта.
Честитајќи им го постигнатиот успех и им посака успех и во средното и натамошното образование.
На најдобрите ученици им додели пригодни плакети и парични награди, на првенецот на генерацијата 15.000 денари,а на учениците на генерација по 7.500 денари.
Исто така, на сите завршени полуматуранти општината ќе им додели еднократна парична помош од по 5.000 денари.
Како општина остануваме посветени на поддршката на сите ученици,а особено на учениците кои покажале одлични и особени резултати во образовниот процес.