Dec 23, 2022
Денес во општина Дебрца се одржа втора јавна расправа со заинтересирани граѓани за под-проектот:
“Модернизација на јавното осветлување/ замена на постојните улични светилки со нови лед светилки во населените места во општина Дебрца”, а кој ќе се финансира преку Министерството за финансии, со под-заем и грант , во рамките на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка.
Dec 15, 2022
На денешната 15-та седница, Советот на Општина Дебрца, со 7 (седум) гласа “за” го донесе Буџетот на општина Дебрца за 2023 година и Годишните развојни програми на општината за 2023 година.
На изготвувањето на буџетот претходеше транспарентна постапка во која граѓаните, месните заедници, здруженијата на граѓани и други заинтересирани страни можеа да дадат свои предлози во поглед на креирање на буџетот за 2023 година.
Вкупниот буџет на општина Дебрца за 2023 година е проектиран на износ од 113.000.000 денари.
Основната цел на буџетот е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на повеќе проекти.
На тој начин ќе се обезбеди простор за мерки и проекти кои што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и зголемување на квалитетот на живот во општината.
Во буџетот за 2023 година предвидено е реализација на капитални инфраструктурни проекти, проекти од областа на образованието, културата, социјалата, спортот, животната средина, руралниот туризам и други.
Dec 15, 2022
Продолжуваме да вложуваме во образовната инфраструктура во општина Дебрца.
Завршена е санацијата и адаптацијата на влезниот дел од училишната зграда во село Оровник.
Се изврши санација на влезните скалила од училиштето, заградување и застаклување на терасата, нова влезна врата, монтажа на настрешница, бетонирање на тротоар, обработка на ѕидовите во заградениот простор и друго.
Вкупната вредност на работите изнесува 693.014 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на општината.
Dec 9, 2022
Денес (09/12/22, Петок) во општина Дебрца, градоначалникот Зоран Ногачески оствари работна средба со Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Насер Нуредини.
За време на средбата градоначалникот Ногачески, го информираше министерот за текот на активностите од спроведувањето на еден од позначајните проекти, на територијата на општина Дебрца и воопшто во Охридскиот регион, заштитен од УНЕСКО , “Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито.”
Со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот протек од 15 m3 /s во нејзиното природно корито, што се влева во река Црн Дрим и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито, со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот.
Се дискутираше и за изнаоѓање решение и дополнителни средства за целосно расчистување на речното корито низ територија на општина Струга, до влевање на реката Сатеска во Црни Дрим.
Исто така министерот имаше можност и од блиску, теренски, да го види досега сработеното.
За потсетување, решавањето на проблемот со река Сатеска е нотиран во 19-те препораки на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион.
Од тие причини, преземањето на конкретни активности, макар за почеток и парцијални за решавање на проблемот со река Сатеска е чекор напред во исполнувањето на препораките за зачувување на заштитениот статус на Охридскиот регион.
Проектот се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ) и Министерството за животна средина и просторно планирање, урбанистичко планската документација ја донесе општина Дебрца, средствата се обезбедени од Фондот за адаптација во рамките на регионалниот проект за и прекугранично управување со ризици од поплави во сливот на река Дрим, изведувач на работите е “Маркоски К 73 “ ДООЕЛ Струга, а според договорот работите треба да завршат до месец Март 2023 година.
Dec 8, 2022
Денес градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески во управната зграда на Пивара Скопје / Pivara Skopje беше дел од промоцијата на новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак и други поддржувачи. Главната цел на оваа платформа е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и заштита од загадување.
Првата фаза на реализација на целите на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ , опфаќа повеќе активности за чистење и заштита на Охридското Езеро, со целосна поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак, општините Охрид, Струга и Дебрца, нуркачките клубови Амфора и Акватек, волонтерите од Пивара Скопје и Мен анд Маунтаин.
Во акцијата за најава на платформата беа исчистени над 100.000 метри квадратни површина од отпад од дното и крајбрежјето на Охридското Езеро.
За наредната година планирани се уште неколку акции за чистење, како и активности за пошироко вклучување на заедницата, за јакнење на свесноста и заштита на националната гордост – Охридското Езеро.
Dec 6, 2022
Врз основа на член 81 став 8 од Законот за животна средина (“Службен весник на Република Македонија” бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 44/2015, 129/2015, 9/2016 и 99/2018) Министерството за животна средина и просторно планирање донесе РЕШЕНИЕ со кое се утврдува потребата од оценка на влијание на проектот: ‘’Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито’’. Решението може да се симне тука.