Nov 14, 2025
Денес започна со чистење на крајпатна вегетација на патниот правец село Белчишта-село Ново Село и во следните денови ќе се спроведува акција за чистење на крајпатната вегетација на повеќе локални делници.

Акцијата опфаќа:
- кастрење и косење на обрасната вегетација,
- отстранување на ниски и високи гранки кои ја намалуваат видливоста,
- уредување на приодите покрај патиштата.
Целта е да се зголеми безбедноста на сообраќајот и да се подобри уреденоста на јавните површини.

Ги замолуваме жителите за разбирање и внимателно движење покрај местата каде што ќе се изведуваат активности.
Oct 14, 2025
Пристигна противпожарното возило ,донација за општина Дебрца од тиролската противпожарна бригада, Република Австрија, а кое ќе биде дадено на користење на новоформираното Доброволно противпожарно друштво “Ентузијаст Дебрца.”

Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески изразува особена благодарност до донаторот,Противпожарната бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија и до командирот на ТППЕ Охрид,Борко Јанкулоски,кој со својот несебичен ангажман е најзаслужен за реализација на оваа донација,со што се создаваат почетни услови за остварување на противпожарната заштита во општина Дебрца на поорганизирано ниво,нешто што сите овие години наназад беше основна заложба на локалната самоуправа и воопшто на граѓаните на Дебрца.
Sep 24, 2025
Во текот на Вчерашниот ден се изврши и последната фаза од процесот на спроведување на програмата за заштита на населението од заразни болести, се изврши дератизација на канализационите системи во општината.
Во процесот на дератизација беа опфатени 920 шахти во населените места, Белчишта, Регионален колектор од село Мешеишта до Оровник, село Мешеишта, село Волино, Село Горенци и село Оровник.
Дератизацијата ја изврши Трули Нолен, Дооел Скопје, овластена компанија за дератизација,дезнисекција и дезинфекција под надзор на епидемиолог од Центар за јавно здравје – Охрид.
Дератизацијата се изврши со помош на специјални хемиски средства , со цел да се спречи ширењето на заразни болести.
Средствата се обезбедени од буџетот на општина Дебрца.
Sep 17, 2025
Здружението ЕКОТУРИЗАМ 2016, Охрид со учениците од прво до деветто одделение од Општинското основно училиште „Дебрца“ и со поддршка од Општина Дебрца, организираше едукативен настан посветен на запознавање на биолошката разновидност на Белчишко Блато.
Учениците имаа можност да се запознаат со дел од богатото био-разнообразие на блатото, да идентификуваат растенија и животни, а во вториот дел од настанот го посетија и Музејот на Белчишко Блато во с. Белчишта. Ден исполнет со нови знаења, дружење и љубов кон природата!
Настанот се реализира во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на зелена агенда на локално ниво“, кој се спроведува од Центар за климатски промени во соработка со партнерите: Еко зелено движење, Геосфера, Екотуризам – 2016 Охрид, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Еко екшон, со финансиска поддршка од Швајцарската Амбасада преку програмата Цивика Мобилитас.
Sep 17, 2025
ДПД Ентузијаст/Volunteer fire association Enthusiast Ohrid во текот на вчерашниот ден превзеде две противпожарни возила заедно со братското волонтерско здружение ДПД Ентузијаст Дебрца/Volunteer fire association Enthusiast Debrca .
Ентузијаст прераснува во сериозна волонтерска организација во југозападниот регион на Македонија

На свечената церемонија организирана во Тирол, Ентузијаст прими вредна донација од две противпожарни возила и со самото тоа се зајакнуваат капацитетите на противпожарната заштита во Општина Охрид и Општина Дебрца, на настанот присуствуваа членовите на ДПД Ентузијаст Дебрца/Volunteer fire association Enthusiast Debrca, членовите на ДПД Ентузијаст/Volunteer fire association Enthusiast Ohrid и преставници на ТППЕ Охрид – Пожарна предводени од Командирот Борко Јанкулоски

Волонтерската организација ,,Ентузијаст” и Општина Дебрца упатува благодарност до главниот двигател на волонтерските здруженија, Командирот на ТППЕ Охрид – Пожарна , Борко Јанкулоски
Sep 12, 2025
Во Општина Дебрца се одржа работилница во рамки на проектот EcoFire Youth Ambassadors, реализирана во партнерство со Доброволните противпожарни организации од Охрид и Дебрца и со активно учество на локални чинители.
Проектот е финансиран преку Landscape Fire Management in the Western Balkans Programme (LFMWB), имплементиран од Farmahem, а негов носител е Здружението за екологија ЕКОМЕНЛОГ – Охрид. ЕКОМЕНЛОГ, основано во 2015 година, е препознатливо по својата мисија за заштита на природата и подигнување на еколошката свест во регионот на Охридското Езеро преку научни истражувања, образовни програми и активно вклучување на заедницата.
📅 Проектот трае 14 месеци (ноември 2024 – февруари 2026) и има за цел да зајакне капацитети за превенција и управување со пожари, преку изградба на растителни противпожарни појаси, обука на млади амбасадори, интеграција на традиционални практики и примена на иновативни технологии.
Почетокот на активностите симболично беше означен со расчистување на дивата депонија која ќе биде дел од зафатот на кој ќе се простира растителниот противпожарен појас

Ќе се изврши и набавка на противпожарна опрема која ќе биде ставена во функција на ДПД,,Ентузијаст”-Дебрца.
🤝 Работилницата ја потврди заедничката посветеност за градење поотпорен регион, каде што традицијата и иновацијата се надополнуваат за одржлива иднина на Охридското Езеро и Дебрца.