Dec 30, 2020
Крајот на годината е период кога вообичаено се прави ретроспектива на тоа што сме исполниле и што не сме исполниле од ветеното.
Зад нас останува една многу тешка година, година која ја одбележа светската здравствена криза, предизвикана од ковид 19 вирусот, со сите последици што истата ги донесе ( здравствени, економско-финансиски, социјални ).
На локален план кризата придонесе голем дел од планираните проекти да не се реализираат или да се стават во мирување.
Здравјето на сите беше во преден план.

И во такви околности, продолживме со реализација на капиталните инвестиции во повеќе проекти од локалната инфраструктура.

Хронолошки ќе ги потенцираме некои од нив, како:

Во село Требеништа инсталирано централно греење во подрачното училиште

Во село Оровник детското игралиште докомплетирано со потребните реквизити

Поставени се две нови автобуски постојки во селата Белчишта и Ботун.Постојките информираат за Белчишкото Блато, кое е природен бисер во овој дел од државава

Во село Волино ја градевме фекалната канализација. Вкупната вредност на работите изнесува 20.011.640 денари, од кои 16.959.017 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и 3.052.623 денари од Буџетот на општина Дебрца

Во село Велмеј работевме на втората фаза од партерното уредување на централниот простор – заградување, доуредување и осветлување на просторот,за што од Буџетот на општината се издвоени 1.178.796 денари

Во село Белчишта ја реконструиравме старата зграда – касарна, со пренамена на објектот, во ЕКО-музеј Белчишко Блато „Сини вирој”. Вредноста на договорот за реконструкција е 128,172,25 ЕУР. Средствата се озбезбедени од грант во рамките на EU IPA CBC проектот за “Подобрување на заштитата на природните растенија во пограничната област”, со вкупна вредност од 1 милион и 250 илјади, при што за општина Дебрца се издвоени 241 000 евра

Извршивме реконструкција на патниот правец за село Арбиново, врска со Автопат А2 и патен правец за село Лактиње, при што асфалтирана е делница во должина од 1.178 метри, а вкупната вредност на работите изнесува 4.377.194 денари, од кои 3.263.926 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, а 1.113.268 денари од Буџетот на општина Дебрца за 2020 година

Во село Сливово со општинската механизација помогнавме да се доуреди дворното место во црквата “Св.Варвара”.

Извршивме чистење и уредување на депонијата, лоцирана во непосредна близина на распределителната градба на река Сатеска, на влезот од село Волино

Извршено е тампонирање на полскиот пат од село Издеглавје до село Слатински Чифлик, по кој ја вградивме трасата на водоводот за Слатински Чифлик, во должина од 1376 метри, со што обезбедуваме и полесен пристап до земјоделското земјиште. Средствата за тампонирањето, во износ од 380.000 денари се обезбедени од Биро за регионален развој

Во рамките на проектот: “ Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој “ беше имплементиран инфраструктурен проект: “Уредување на атрактивни зони и патеки во Југозападниот плански регион “, при што на Слатинското Езеро се уредени мини туристички содржини ( изградена е пешачка патека од камени плочи, во должина од 160 метри, уреден е паркинг простор, три летниковци, три типски пикник маси )

Во село Издеглавје -изградба на резервоар за водоснабдување на селата Издеглавје и Слатински Чифлик. Вкупната вредност на проектот изнесува 5.072.301 денари, од кои 3.902.260,00 денари се обезбедени од Министерството за транспорт и врски, а 1.170.041,00 денари од Буџетот на општина Дебрца

Во село Оровник завршена е санација на каптажи за водоснабдување во местност “Тројани”, КО-Оровник. Средствата, во износ од 433.650 денари се обезбедени од Буџетот на општина Дебрца

Во село Требеништа изведба на нова бушотина за водоснабдување на селата Горенци, Оровник, Подмолје. Вредноста на проектот изнесува 605.400 денари.

Во село Требеништа ја реализиравме првата фаза од проектот: “Реконструкција-санација на задружниот дом во село Требеништа и негова адаптација во Археолошки Изложбен Центар Требеништа “, средствата , во износ од 2.500.000 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој

“Живеј здраво – вози точак”-воведовме нова мерка – поддршка на рекреативниот спорт со доделување на поединечна субвенција на физичко лице за купен велосипед за 2020 година.

Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца обезбедивме комплет спортска опрема за ФК “Велмеј”-Велмеј и ФК “Славеј”-Мешеишта

Во село Лешани извршивме уредување на просторот позади училиштето во село Лешани, асфалтирање –изградба на кошаркарско игралиште, 250 м2, уредување со бекатонски плочки, 290 м2, метална ограда, канал за одводнување, два рефлекторски столба со четири рефлектори, кош, детско катче, урбана опрема-столици и канти за отпад.
Вкупната вредност на проектот изнесува 1.557 807 денари, од кои 1.400.000 се обезбедени од Биро за регионален развој,а 157.807 денари од Буџетот на општина Дебрца за 2020 година.

Поставено ново лед осветлување на спортскиот полигон во село Лешани.

Обезбедено ново возило Duster, кое за потребите на општина Дебрца ќе се користи и како специјално теренско возило за спасување во зимски услови, во рамките на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија.

Во село Белчишта-уредување на централното подрачје

Во село Оровник извршено е тампонирањето на полскиот пат во местноста “Широки Разор”, село Оровник, во должина од 1548 метри.
Вкупната вредност на работите изнесува 1.161.665 денари, од кои 984.462 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, а 177.203 денари се учество на општина Дебрца.

Во рамките на Годишната програма за изградба, реконструкција на општинските патишта и улици извршивме:
-тампонирање и асфалтирање на патот до Црква “Св.Богородица” и гробиштата во село Ботун, во должина од 550 метри,
-тампонирање и асфалтирање на улица во село Врбјани, во должина од 320 метри,
-асфалтирање на паркинг простор пред административната зграда на општина Дебрца, во село Белчишта
Започнавме со собирање на комунален отпад и во селата на Средна и Горна Дебрца

Вредно е да ги споменеме и следните проекти:

реконструкција на делницата село Велмеј-село Брежани и неколку други делници од регионалниот пат, проект реализиран од Јавното претпријатие за државни патишта

-доизградба на патниот правец село Волино ( Дебрца ) – село Мороишта ( Струга ), делница: граница помеѓу општина Дебрца и општина Струга – село Мороишта, односно регионално патно поврзување помеѓу двете соседни општини

ЈП “Македонија Пат” со припомош на општинска механизација изврши изведба на банкините на делницата Ботун-Белчишта, во должина од 2,5 км и делницата Белчишта – Лешани, во должина од 2,0 км.

Проектите ќе продолжиме да ги реализираме и во наредната 2021, особено таму каде што не реализиравме или реализиравме помалку оваа година
И најважно од се е, да бидеме живи и со добро здравјe.
Dec 28, 2020
Ако бев славеј – вели римскиот филозоф Епиктет (I. в) – ќе го правев тоа што го прави славејот; ако бев лебед, ќе го правев она што го прави лебедот; но јас сум разумно создание и ми приличи да Го прославувам Бога“.
А на Бога најугодна прослава му е преку нашите добри дела, подадената рака на ближниот, милостина кон секое човечко битие кои има за тоа потреба.
Сакам да се заблагодарам од срце на сите што денес учествуваа и придонесоа за новогодишната хуманитарна акција.
Благодарам на Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески, преседателот на совет Петре Голабоски, на колегите советници, директорот на ЈК Дебрца Игор Крцоски кои што дадоа свој продонес. Но и сите останати жители на нашата општина кои што од срце учествуваа на оваа благородна акција! Продолжуваме со вакви активности и во новата година!
На крај од мое име од срце ви посакувам среќна, здрава, бериќетна и благословена да биде новата 2021 година!
Прпдолжуваме со вакво темпо и во новата година
Бог да биде со сите нас!
Со почит
М-р Катерина Пискулоска- член на советот на општина Дебрца
Dec 25, 2020
Почитувани сограѓани кои најрадосниот христијански празник, Христовото раѓање-Божик го празнувате според Грегоријанскиот календар,
Божик е празник чија симболика и универзални пораки-љубовта, простувањето и милосрдието не потсетуваат да ја обновиме и зајакнеме нашата вера, да ги подобриме меѓусебните односи и заеднички да работиме на создавање на услови за подобар и поквалитетен живот.
Нека празникот на Христовото раѓање биде водилка за сите Нас, на патот на меѓусебното почитување, толеранцијата , љубов и разбирање и да бидеме слободни во своите различности.
Со желби, радоста на Божик Ви донесе среќа и благосостојба во Вашите домови и ги огрее срцата на сите луѓе со добра волја, Ве поздравувам со радосниот поздрав :
Мир Божји – Христос се роди !
Dec 24, 2020
Почитувани градоначалник, советници, општинска, администрација, вработени во општина Дебарца, и ЈКП Дебрца, жители на општината и секој добронамерен поединец или фирма.
На ден 28.12.2020 година (понеделник) во просториите на зградата на општина Дебрца, село Белчишта, се организира хуманитарна акција за дарување на храна, средства за хигиена, облека за нашите сожители кои што не се во можност тоа да си го дозволат.
Ве замолувам сите кои ќе дарувате сето тоа да е уредно спаковано. Храната да не е брзо расиплива, а облеката да е чиста, неоштетена,употреблива.
Исто така апелирам да се запазат мерките за заштита од пандемијата на covid вирусот.
Да споделиме радост.
Да направиме некој среќен .
Помагајте им на луѓето и тогаш кога знаете дека неможат да ви возвратат. По тоа ќе Ве препознаат дека сте човечни,сочуствителни,милостиви.
Среќна, бериќетна, и благословена да ни биде 2021 година.
Со почит
М-р Катерина Пискулоска,
член на совет при општина Дебрца
Dec 4, 2020
Почитувани граѓани,
Тргнувајќи од мојата заложба во изминативе три години од мандатот, за подигнување на нивото на транспарентност во работата на Општина Дебрца и со цел вие да станете активни чинители и активно да се вклучите во дебати кои директно влијаат на вашите индивидуални, групни и колективни интереси, оваа година поради Ковид 19 кризата одлучивме предлог програмите и предлог-буџетот на Општина Дебрца за 2021 година да го презентираме online преку платформите ZООМ и Facebook.
Презентацијата ќе се одржи во четврток (10.12.2020 година) со почеток во 11:00 часот.
Ве покануваме да учествувате на презентацијата и да кажете свои забелешки и предлози во однос на буџетот.
Вашите разумни предлози ќе бидат земени предвид, ќе се разгледаат и според можностите ќе бидат внесени во предлог-буџетот на Општината за 2021 година, кој ќе биде доставен до Советот на Општина Дебрца за усвојување.
Со почит,
Зоран Ногачески
Градоначалник на Општина Дебрца