Select Page
Положено свежо цвеќе пред спомен обележјето на водникот Игор Костески

Положено свежо цвеќе пред спомен обележјето на водникот Игор Костески

„Пролетва на Скопска Црна Гора и Шара, наместо кокичиња ‘ртеше највеличенственото македонско достоинство кое се полева, а можеби и ќе се полее и со мојата младешка крв, без да го почувствувам вкусот на плодовите. Ќе биде како што Бог сака!?“

Тоа беа последните зборови напишани од водникот Игор Костески во неговиот нотес кои го носел секогаш со него, пред трагичната и маченичка смрт кај тетовското село Вејце, 2001 година.

Со полагање на свежо цвеќе пред спомен обележјето и посета на спомен собата  водникот Игор Костески, заедно со припадннаици на специјалната единица “Волци”, Армијата на Република Македонија,ветераните од одбраната и безбедноста, боречката организација за Охрид и Дебрца, месната заедница, роднини и месно население денес во село Слатино, Славна Дебрца се потсетивме на најтажниот ден во поновата македонска историја, денот кога пред 24 години , кај Вејце, Тетово на подмолен начин беа убиени и масакрирани 8 припадници на вооружените сили на Република Македонија ( 4 припадници на специјалната единица на АРМ “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и 4 припадници на посебната единица на СВР Битола ).

Нека им е вечна слава на македонските херои.

Одржана вело авантура на Славеј Планина

Одржана вело авантура на Славеј Планина

Стотина вљубеници на планинскиот велосипедизам, од цела Македонија ја одржаа Четвртата велосипедска тура во Дебрца, која годинава во организација на Здружението за планински велосипедизам Rupicapra MTB Adventure team се вози од село Лактиње до Славеј Планина.

Градоначалникот Зоран Ногачески Поздравувајќи ги учесниците на планинска велосипедска тура, посебно истакна дека општина Дебрца располага со доста неоткриени природни убавини, кои што се привлечни за љубителите на природата, екологисти, планинари, а во поново време и љубители на планински велосипедизам.

На учесниците им посака успешен настан, посебно да ја почуствуваат недопрената природа и притоа да се напојуваат од слободарскиот дух на овој крај.

Посебна благодарност изрази до Амбасадата на СРГерманија во Македонија,која преку програмата за мали проекти го поддржа проектот „Патеки на откривање“.

Проектот ,,Патеки на откривање” е имплементиран од страна на здружението за планински велосипедизам Рупикапра МТБ Струга,а со кој се маркираа шест велосипедски патеки,со вкупна должина од 210км, на планините Стогово,Караорман,Илинска и Славеј Планина.

Општина Дебрца во целост го поддржува овој спортско-рекреативен настан, бидејќи преку истиот се промовираат здравиот начин на живот, природните убавини, историското и културното наследство на општината.

 


 

 

 

 

 

Измени во вело авантура на Славеј Планина 13-ти Април

Измени во вело авантура на Славеј Планина 13-ти Април

Во недела,турата ќе ја возиме во малку скратена верзија Село Лактиње-Врв Славеј,кај споменикот и назад по исиот пат. Вкупна должина е 36км со 1000м елевација.Патот е сув и е супер за возење,само на самиот врв вчера имаше 3см снег и се топеше.

Нема потреба да ризикуваме кружно да ја возиме турата затоа што од другата страна на врвот на планината Славеј е лош терен и на неколку места има наноси од снег и џипот за поддршка не може да не’ прати,а целата област нема и телефонска мрежа

Ве Замолуваме бидете пред 9.30ч на сред село Лактиње, за да подигнете освежителни пакетчина и да потпишеме изјави дека секој на своја одговорност ја вози турата.

На крајот од возењето,во црквата во село Лактиње има ручек.

Учеството на настанов е без котизација,а за кој организаторот ќе обезбеди бесплатни освежителни пунктови,ручек и паркинг.

Правила за учество

– Во турата може да учествува секое полнолетно лице (или малолетно во придружба на родител или старател) кое се чувствува физички подготвено за повеќечасовно возење велосипед на планина.
– Секој учесник задолжително треба да има технички исправен велосипед за возење по планина и off-road, кацига, резервна внатрешна гума, облека според најавените временски услови
– Секој учесник во турата вози на сопствена одговорност и според своите можности и е лично одговорен за евентуалните несакани последици
– Организаторот го задржува правото за измени на турата предизвикани од објективни новонастанати фактори, како и предвремено затворање на пријавувањето доколку бројноста на групата го достигне планираниот максимум

 

Повеќе инфо: Душан- 070 247 850
Тихо- 078 368 078
Виктор- 076 457 464

 

Објавена мерката-“Живеј здраво – вози точак” Јавен Повик За субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипед во 2025 година

Објавена мерката-“Живеј здраво – вози точак” Јавен Повик За субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипед во 2025 година

Врз основа на член 5 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Дебрца за субвенционирање на физички лица за купен велосипед во 2025 година, број 01-382/1, од 14.03.2025 година и Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2025 година ( „Службен гласник на општина Дебрца”, број 13/24 ) се објавува следниот :

 

ЈАВЕН ПОВИК

За субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипед во 2025 година

 

  1. Опис на јавниот повик

1.1. Општина Дебрца, со цел да ги стимулира жителите на општината за користење на велосипеди и поттикне рекреативниот спорт, на граѓаните кои ќе купат нов велосипед во 2025 година ќе им надомести дел од трошоците направени за купување на велосипед ( во понатамошниот текст: субвенција ).

1.2. Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2025 година, мерка “Живеј здраво – вози точак”, поддршка на рекреативниот спорт, обезбедени се средства за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипед, во вкупен износ од 200.000 денари.

1.3. На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени за купување  на велосипед, во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари и вклучен персонален данок на доход .

1.4. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот  „прв дојден, прв услужен“.

  1. Право на учество на Јавниот повик

2.1.Право на субвенција имаат физички лица, жители на општина Дебрца, кои ќе купат нов велосипед во 2025 година и кои ги исполнуваат условите од јавниот повик.

3.Услови за користење на субвенцијата

3.1.Барателот треба да ги исполнува следните услови:

-да е жител на општина Дебрца,

-да нема добиено субвенција за купување на велосипед на друг јавен повик, од било кој друг извор,

– велосипедот да го купил во било кој продажен салон во државата , во 2025 година, од 01.01.2025 година до денот на завршување на јавниот повик, односно до искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2025 година.

4.Начин на пријавување на Јавниот повик

4.1. Барателот е должен да ја поднесе следната документација за исполнување на услови за добивање субвенција:

-барање за субвенција, кое  може да се подигне во архивата на општината или електронски на веб страницата на општина Дебрца (www.debrca.gov.mk),

-копија од важечка лична карта, како доказ дека е жител на општина Дебрца,

-копија од трансакциска сметка,

-доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа: фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка, со датум од 01.01.2025 година до денот на завршувањето на јавниот повик, односно до денот на искористување на средствата по овој основ,а најдоцна до 31.12.2025 година,

– изјава дека нема искористено право на субвенција за набавка на велосипед на друг јавен повик од било кој друг извор во Република С. Македонија.

4.2. Едно физичко лице / барател  може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за еден велосипед.

4.3.Барањата за  користење на субвенција можат да се поднесуваат од  денот на објавувањето на јавниот повик до денот на искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2025 година.

4.4. Барањата, со потребната документација се поднесуваат до Комисијата за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2025 година, со адреса:  општина Дебрца, 6344 село Белчишта, по пошта или лично во архивата на општината, секој работен ден од 07.30 до 15.30 часот, во затворен плик.

На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците на физички лица за купување велосипед”.

4.5. Архивата на општината примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување ( датум, час и минута ), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

5.Начин на спроведување на Јавниот повик

5.1. Некомплетните барања комисијата ќе ги отфрли и истите нема да бидат предмет на понатамошна постапка.

5.2.Градоначалникот на општината, на предлогот на Комисијата донесува решение за одобрување на барањето, за барателите кои ги исполниле условите од јавниот повик.

5.3.Градоначалникот на општината, на предлог на Комисијата донесува решение за одбивање на барањето,за барателите кои не ги исполниле условите од  јавниот повик.

5.4.Исплатата на средствата на барателите за чии барања е донесено решение за одобрување ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати и одобрени барања, во рок од најдоцна 30 дена од денот на донесувањето на решението за одобрување.

5.5.Општината, во зависност од динамиката на поднесени барања, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно искористување, но не подоцна од 31.12.2025 година.

5.6.Доколку бидат искористени предвидените финансиски средства, општината на својата веб страница ќе го објави завршувањето на јавниот повик.

 

Прилог:

БАРАЊЕ

 

ОПШТИНА ДЕБРЦА

Комисија за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2025 година

1.Даниел Паункоски -претседател

2.Ристо Наумоски – член

3.Билјана Суклоска-Милошеска – член

Заменик амбасадорот Јан Аксел Фос и претставници на Амбасадата на СР Германија во посета на Општина Дебрца

Заменик амбасадорот Јан Аксел Фос и претставници на Амбасадата на СР Германија во посета на Општина Дебрца

Имавме чест да ги пречекаме заменик амбасадорот Јан Аксел Фос и претставници на Амбасадата на СР Германија кои ја посетија општина Дебрца во рамки на завршната контрола и примопредавањето на проектот „Патеки на откривање“, финансиран од амбасадата преку програмата Мали проекти.

Проектот ,,Патеки на откривање” е имплементиран од страна на здружението за планински велосипедизам Рупикапра МТБ Струга,а со кој маркиравме и унапредивме шест велосипедски патеки,со вкупна должина од 210км, на планините Стогово,Караорман,Илинска и Славеј Планина,со цел развивање на одрлжлив еко-туризам и заштита на животната средина во општина Дебрца.

Покрај тоа, тие имаа можност да ја посетат администрацијата на општината и да се запознаат со нивното работење.

Многу силен впечаток им остави посетата на музејот- центарот за посетители со природнонаучна и етнолошка збирка и истражувањата за Белчишко блато-едно од најзначајните и најзачуваните блата во нашата земја,со фактите за стотиците видови птици,растенија и цицачи што го прави ова место вистинско природно богатство.

Оваа посета беше одлична можност претставниците на амбасадата да се запознаат со нашата работа, проектите што ги реализираме и визијата за развој на еко туризмот и заштитата на животната средина.

Голема благодарност до Германската амбасада за поддршката и соработката! Со заеднички напори, продолжуваме да создаваме нови можности за локалната заедница.

На 13 април ќе организираме велосипедски настан,на една од шесте патеки опфатени со овој проект- Славеј Планина МТБ тура 2025

 

КОНКУРС за доделување стипендии на одлични  ученици од општина Дебрца запишани на јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2024/2025 година

КОНКУРС за доделување стипендии на одлични ученици од општина Дебрца запишани на јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2024/2025 година

Врз основа на член 50 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број  5/02) и Правилникот за доделување стипендии на одлични  ученици од општина Дебрца запишани на јавните и приватните средни училишта во Република С.Македонија ,број 01-401/1 од 18.03.2025 година, Градоначалникот на општина Дебрца,  објавува :

 

КОНКУРС
за доделување стипендии на одлични  ученици од општина Дебрца запишани на јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2024/2025 година

 

I.ВОВЕД

Општина Дебрца за учебната 2024/2025 година ќе додели стипендии на одлични ученици од општина Дебрца, запишани на јавните и приватните средни училишта во Република Македонија.

  1. II. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА

Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, а ги исполнуваат следните услови:

  1. да се редовни ученици од I година, кои во текот на основното образование постигнале континуиран одличен успех;
  2. да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на средното образование постигнале континуиран одличен успех;
  3.  да не повторувале година во текот на образованието;
  4. да имаат континуирано  примерно поведение;
  5. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
  6. да се државјани на Република С.Македонија и жители на општина Дебрца.

Критериум за доделување на стипендиите се:

-остварениот успех,

-освоени награди на меѓународни/државни натпревари освоени во текот на претходните две учебни години за учениците од прва година, односно во текот на претходната учебна година за учениците од II, III и IV година.

III.НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да го  пополнат потребниот образец  за пријава поставен на интернет страната  www.debrca.gov.mk.

Со Пријавата потребно е да се достават следните документи:

  1. Извод на родени на ученикот ( копија );
  2. Копија од трансакциска сметка на ученикот (доколку има) или на еден од родителите;
  3. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2024/2025 година;
  4. Фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);
  5. Фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;
  6. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија;
  7. Изјавапотпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити и податоците во нив се идентични со оние податоци внесени во пријавата;
  8. Изјава потпишана од родител-старател за користење и обработка на личните податоци на кандидатот , со која се сложува Општина Дебрца по службена должност да ги обезбеди потребните документи од јавни институции со кои има склучено договори за соработка.
  9. IV. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ

Пријавата со потребните документи, учениците треба да ги достават во рок од 15 работни дена, а најдоцна до 08.04.2025 година, на адреса: Општина Дебрца, 6344 село Белчишта , во затворен плик,  со назнака:  „За Комисијата за спроведување на Конкурсот за доделување ученички и студентски  стипендии“.

  1. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

Висината на стипендијата ќе изнесува 2.500,00 денари месечно,  за девет месеци во текот на учебната година.

VI.ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Пријавите нема да бидат разгледувани ако доставената документација е:

-некомплетна и/или

-ненавремено доставена.

Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен најдоцна до  15.04.2025 година на интернет страницата на Општина Дебрца.

Учениците кои ќе добијат стипендија ќе склучат договор со општина Дебрца со кој ќе се уредат меѓусебните права и обврски.

ПРИЛОГ:

ПРИЈАВА – ИЗЈАВИ – ученици

 

 

ОПШТИНА ДЕБРЦА

                                                                                               Градоначалник

                                                                                                Зоран Ногачески