Mar 21, 2019
Вчера во рамките на програмата за развој на образованието во општина Дебрца за 2019 година, исплатени се првите рати на учениците и студентите кои ги исполнаа критериумите за доделување на стипендии.
Вчера на 15-те ученици , корисници на ученичка стипендија им исплативме по 7.500 денари , а на 5-те корисници на студентска стипендија по 12.500 денари, за пет месеци, или вкупно од Буџетот на општината за овие намени се исплатени 175.000 денари.
Наместо за непродуктивни трошења, парите ги враќаме кај учениците, студентите, граѓаните.- изјави градоначалникот Ногачески.
Mar 20, 2019
Во нашата изборна програма ја зацртавме нашата визија за Дебрца како општина со одржлив економски развој, доволно атрактивна за привлекување на нови инвестиции, што индуцира пораст на вработеноста и останување на младите, со изградена локална инфраструктура, посакувана дестинација за рурален туризам, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, заштитено културно-историско и природно наследство, подобрена социјална средина, привлечно место за живеење и создавање .
За да дојдеме до посакуваната цел најнапред е потребно да се изработат основните стратешки документи.
Минатата година ја донесовме Стратегијата за енергетска ефикасност на општината, како и Планот за зачувување на Белчишкото Блато-Сини Вирој.
Со цел остварување на визијата за современа и економски развиена Дебрца, општината моментално работи на подготовка на уште три стратешки документи.

Со финансиска и стручна помош од тимот на UNDP се изработува Интегриран план за локален развој. Целта на овој документ е преку инклузивен пристап на сите засегнати чинители да се детектираат предностите, слабостите, потребите и можностите во општината. Врз основа на тоа да се формираат стратешките цели, да се определат мерките и преку реализација на потребните проекти да се оствари визијата.
Исто така, со финансиска ( одобрени 5000 евра ) и стручна помош од тимот на UNDP ќе се изработи нов Локален еколошки акционен план ( ЛЕАП ), а за што советот на општината на последната седница едногласно ја прифати иницијативата на градоначалникот.
Со средства од Буџетот на општината во тек е изработка на Физибилити студија за реконструкција и модернизација на јавното осветлување во општината.
При изработката на овие стратешки документи се владееме од “Агенда 2030” на Обединетите Нации, која содржи 17 цели за одржлив развој.
Мотото на “Агенда 2030” е “Никој не смее да биде запоставен” , а се со единствена цел, да се обезбеди континуиран напредок на квалитетот на живот и благосостојба и да се обезбеди одржлив развој за сегашните, без да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации.
Mar 14, 2019
Во организација на Археолошкиот музеј на Република Македонија, синоќа во Скопје беше отворена ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет.

Во рамките на изложбата беа претставени златните маски од 6 век пр. н. е. пронајдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Ќе бидат прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.

– Нема зборови со кои можам да Ви го опишам чувството кога поминувате покрај артефактите од исклучително богатата некропола од 6 век пред нашата ера, а притоа знаете дека се работи за археолошко наследство пронајдено токму тука, околу сите нас, наследство кое сведочи за една исклучителна цивилизација која живеела на овие простори каде што денес ние живееме. И посебно Ве прави горд тоа што токму тоа наше, денес му припаѓа на светот. Митот и загатката за нашето Требеништа се` уште трае. Приказната за Требеништа не е завршена. Таа допрва ќе треба да се демистифицира, отплеткува, допишува и прераскажува. И со право можам да кажам, дека Требеништа е нешто најдоброто што ни се случило, нешто највредното што сме и` го дале на светската археологија и цивилизација. Требеништа вечерва на едно место обедини три балкански држави. Да посакаме таа обединувачка енергија да продолжи да се шири насекаде по светот, порача градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески.

По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб. Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид.


Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и од Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година.
Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.
Mar 14, 2019
Денес градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески оствари работна средба со професорот Митја Гуштин од Словенија и професори од Институтот за Историја на уметност со археологија за ревитализација и афирмација на археолошкиот локалитет Требеништа. На средбата беше истакнато културолошкото значење на локалитетот односно дефинирање на планот за истражување во 2019 година поддржан од општина Дебрца.
Mar 10, 2019
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 21-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 21–та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 15.03.2019 година (петок), со почеток во 13.00 часот, во салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на Записникот од 20-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за усвојување на Извештајот за остварување на Буџетот на општината Дебрца за периодот од 01.01.2018 до 31.12.2018 година
- Предлог – Одлука за усвојување на Завршна сметка на Буџетот на Единицата на локалната самоуправа Дебрца за 2018 година
- Предлог – Годишна програма за изменување и дополнување на Годишната програма за активностите на општина Дебрца во областа на социјалната и здравствената заштита во 2019 година
- Предлог – Годишна програма за решавање на проблемот со бездомните животни на подрачјето на општина Дебрца
- Предлог – Годишна програма за организирање на јавни работи и работно ангажирање на невработени лица во општина Дебрца за 2019 година
- Предлог – Одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Дебрца во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги (MSIP) 2
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Петре Голабоски