Oct 23, 2024
Денес, 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба е потсетник на првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна татковина.
На овој ден се потсетуваме на истрајноста и пожртвуваноста на нашите претци, но и одлучноста и нескршливата волја за слобода и независност.
Македонската револуционерна организација е олицетворение на македонскиот непокор преку кој ќе се води бoрбата на сите генерации кои ќе следат до конечно остварување на најголемиот сон за слободна и независна држава.
Честит празник и нека е вечна Македонија !!
Aug 18, 2024
Народноослободителен баталјон „Мирче Ацев“ (Прв баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ) — прва регуларна воена единицица на НОВ и ПОМ. Бил формиран на Славеј Планина на 18 Август 1943 година од околу 200 борци од Преспанско-битолскиот НОПО,, Дамјан Груев”, делови од Велешкиот НОПО ,,Димитар Влахов”, делови од Прилепскиот НОПО ,, Ѓорче Петров” и новопристигнати борци од Дебрца.
На почетокот на месец септември 1943 година извршил значаен борбен поход во кој била создадена првата слободна територија во Македонија во Дебрца и ослободен првиот град – Кичево. Почнувајќи со акции од баталјонот извршил напади на италијански карабинерски станици во Охридско, урнал три моста на патот Кичево-Охрид, исекол 130 ПТТ столбови, на 11 ноември ја запалил жандармериската станица во селото Сливово, а на12 септември влегол во првиот ослободен град -Кичево, каде учествувал во разоружувањето на италијанскиот гарнизон.
Баталјонот бил расформиран на 11 ноември 1943 година, во селото Сливово во Општина Дебрца каде влегол во составот на Првата македонска НОУ бригада. По осамостојувањето на Македонија, во 1992 година, денот на формирањето на баталјонот -18-ти август е прогласен за Ден на Армијата на Македонија
Денешниот ден е и ден во кој не смееме да ги заборавиме сите оние кои загинаа и кои ги положија животите за својата татковина, Македонија.
Вечно нека се памети нивниот пример за тоа како се сака и како се брани сопствената земја.
Од име на Градоначалникот на Општина Дебрца и од името на граѓаните на општина Дебрца на сите припадници на Армијата им го честитаме 18-ти Август – Денот на македонската Армија.
Aug 2, 2024
Денеска го празнуваме денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и вториот Илинден – Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија во 1944 година.
Илинден е симбол на вечниот стремеж за слобода и за самостојност на македонскиот народ, темел на нашата државност, потврда за нашиот идентитет, нашата историја, јазик и култура и постојан патоказ за нашата иднина.
Дебрца е нераскинливо втемелена и во двата Илиндена.
Нека ни е честит празникот!
Нека ни е вековита Македонската Република!
May 9, 2024
Денес одбележуваме 79 години од победата над фашизмот и Денот на Европа.
Граѓаните на Дебрца се посебно горди на овој Ден, бидејќи Дебрца е местото каде се исковани најголемите придобивки од НОАВМ, 1941-1945 година.
Споменикот на револуцијата, победата и слободата „Кременатец”,во Белчишта е најдобриот паметник за тоа.
9 мај треба да послужи и како потсетник дека фашизмот во Европа и во светот никогаш не е искоренет и вистински поразен и дека против него треба да се бориме и денес, секојдневно, бидејќи антифашизмот, рамноправноста и почитта меѓу луѓето, без оглед на нацијата, верата, расата, полот се цивилизациски текови и вредности кои мораат да се негуваат.
May 4, 2024
Почитувани сограѓани – православни христијани,
Христовото Воскресение, како најторжествен христијански празник, кога ја славиме победата на животот над смртта, нека Ви донесе радост, среќа, спокој и благосостојба во Вашите домови, како и здравје, достоинствен живот и хармонија во Вашите семејства.
Упатувајќи срдечни честитки, на сите верници Ви посакувам среќни и благословени празнични денови, исполнети со радост, среќа и благодат.
Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Велигден !
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
Apr 10, 2024
Почитувани наши сограѓани, верници од исламска вероисповед, Ви го честитам големиот верски празник – Рамазан Бајрам.
Нека празникот Ви донесе многу здравје, радост,спокој и мир во Вашите домови и во домовите на Вашите најблиски.
Љубовта кон ближните и хуманоста кон посиромашните нека ни биде водилка и сега и во иднина.
Нека владее добрата мисла и добрите човекови дела, како за празникот, така и во текот на целата година.
Ваквите вредности се богатство во нашето општество и нивното зачувување е наша обврска.
Нека е честит големиот верски празник – Рамазан Бајрам.