Select Page
Општина Дебрца доби два грантови во рамките на проектот за “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”

Општина Дебрца доби два грантови во рамките на проектот за “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”

Денес градоначалникот Зоран Ногачески  присуствуваше на презентацијата за проектот: “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, што го имплементира Министерството за локална самоуправа и Кабинетот на заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка ( СДЦ ).
Во рамките на проектот има грантови шеми за инвестициски и иновативни проекти, за кои општините аплицираа преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Општина Дебрца аплицираше и доби средства во двете грантови шеми.
Во грантовата шема за инвестициски проекти аплициравме со проектот: “Уредување на атрактивни зони и патеки во Југозападниот плански регион” и со одобрените околу 20.000 CHF ќе внесеме нови туристички содржини на Слатинско Езеро ( со автохтон камен ќе се уреди пешачка патека во должина од 150 метри, ќе се изгради паркинг, три летниковци и ќе се постави урбана опрема), а новата патека ќе се постави на Андроид ГИС апликацијата SW Macedonia attractions.
Следна задача ќе ни биде да ги анимираме сите чинители, а особено АД “Водостопанство на Македонија”, кое стопанисува со овој воден ресурс, по завршената санација на браната да се изврши чистење на езерото од вегетацијата и да се врати неговата природна убавина.
Во грантовата шема за иновативни проекти аплициравме со проектот: “Визуелизација на туристички атракции во Југозападниот плански регион” и со одобрените средства ќе се набави инфо киоск, кој ќе се постави на инфо точка ( info touch panels ), пред општинсклата зграда, во село Белчишта, со текстови и фотографии на туристички атракции во општина Дебрца, со превод на содржините на англиски јазик, софтверско решение за презентација на туроистичките атракции, односно ќе се обезбеди достапност до информации преку инфо точките за граѓаните и туристите. За овој проект се обезбедени 38.980 CHF за 4 општини ( Дебрца, Дебар, Вевчани и Македонски Брод ).

Со гранд од УНДП, општина Дебрца набави нови канти за отпад

Со гранд од УНДП, општина Дебрца набави нови канти за отпад

Во рамките на Проектот ‘Унапредување на општинското владеење’, финансиран од Европската Унија, спроведуван од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, а врз основа на предложен приоритетен проект од општината денес го добивме грантот од 350 канти за собирање на отпад, од по 360 литри.
Вредноста на грантот изнесува 26.000 евра и покрај набавката на канти се изработуваат и два стратешки документи, Интегриран план за развој на општината и Локален еколошки акционен план / ЛЕАП.
Кантите нема да ги продаваме, практика која со донираните канти ја применуваше претходната локална власт.
Истите врз основа на утврден план од Јавното претпријатие ќе бидат поставени на јавни површини ( плоштадите, училиштата, јавни објекти, спортски игралишта, верски објекти ) во сите села во општината.
Посебно акцентот ќе биде ставен на селата од Горна Дебрца, каде Јавното претпријатие ќе започне со организирано собирање на комуналниот отпад.

Општина Дебрца работи на подготовка на три стратешки документи за оддржлив развој

Општина Дебрца работи на подготовка на три стратешки документи за оддржлив развој

Во нашата изборна програма ја зацртавме нашата визија за Дебрца како општина со одржлив економски развој, доволно атрактивна за привлекување на нови инвестиции, што индуцира пораст на вработеноста и останување на младите, со изградена локална инфраструктура, посакувана дестинација за рурален туризам, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, заштитено културно-историско и природно наследство, подобрена социјална средина, привлечно место за живеење и создавање .
За да дојдеме до посакуваната цел најнапред е потребно да се изработат основните стратешки документи.
Минатата година ја донесовме Стратегијата за енергетска ефикасност на општината, како и Планот за зачувување на Белчишкото Блато-Сини Вирој.
Со цел остварување на визијата за современа и економски развиена Дебрца, општината моментално работи на подготовка на уште три стратешки документи.


Со финансиска и стручна помош од тимот на UNDP се изработува Интегриран план за локален развој. Целта на овој документ е преку инклузивен пристап на сите засегнати чинители да се детектираат предностите, слабостите, потребите и можностите во општината. Врз основа на тоа да се формираат стратешките цели, да се определат мерките и преку реализација на потребните проекти да се оствари визијата.
Исто така, со финансиска ( одобрени 5000 евра ) и стручна помош од тимот на UNDP ќе се изработи нов Локален еколошки акционен план ( ЛЕАП ), а за што советот на општината на последната седница едногласно ја прифати иницијативата на градоначалникот.
Со средства од Буџетот на општината во тек е изработка на Физибилити студија за реконструкција и модернизација на јавното осветлување во општината.
При изработката на овие стратешки документи се владееме од “Агенда 2030” на Обединетите Нации, која содржи 17 цели за одржлив развој.
Мотото на “Агенда 2030” е “Никој не смее да биде запоставен” , а се со единствена цел, да се обезбеди континуиран напредок на квалитетот на живот и благосостојба и да се обезбеди одржлив развој за сегашните, без да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации.

Преку EU IPA грант Општина Дебрца набави нова механизација

Преку EU IPA грант Општина Дебрца набави нова механизација

Ветивме дека ќе го подигнеме квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.
Една од мерките за постигнување на таа цел е набавка на нова механизација за Јавното комунално претпријатие.
Денес конечно е реализирана набавката и од страна на избраните добавувачи е испорачана механизацијата и тоа:
– универзален ровокопач натоварувач ЈЦБ, опремен со нож за чистење на снег и мини ровокопач на гумена гусеница ЈЦБ, во вкупна вредност од 5.892.191 денари;
-трактор со приклучна механизација-приколка, мулчер и нож за чистење на снег, во вредност од 2.441.550 денари и
-теренско возило Лада Нива, во вредност од 714.347 денари.
Вкупната вредност на механизацијата изнесува 9.048.088 денари или 147.000 евра, а средствата се обезбедени од ЕУ ИПА грант ( 111.000 евра ), грантот за успешност ( 10.000 евра ) и буџетот на општина Дебрца ( 26.000 евра ).


Во оваа прилика, изразувам благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија за обезбедениот грант, Министерството за финансии кое го спроведуваше проектот / МСИП проектот за подобрување на општинските услуги и советниците во советот на општина Дебрца, кои едногласно го поддржаа овој проект.
На Јавното комунално претпријатие му посакувам успешно користење на механизацијата и грижа за истата како добри и совесни домаќини.
Граѓаните на Дебрца сакам да ги уверам дека дека ова не е крајот на нашите заложби да обезбедиме квалитетни комунални услуги. 
Напротив, во подготовка или во тек се и други проекти за кои набргу ќе информираме.
И да им посакам со здравје и леснотија да си ја користат новата механизација. –  изјави градоначалникот Зоран Ногачески по извршувањето на техничкиот прием на механизацијата.

 

Со средствата обезбедени од грант на ЕУ ИПА се реконструираат улици во с.Мешеишта

Со средствата обезбедени од грант на ЕУ ИПА се реконструираат улици во с.Мешеишта

Започнавме со реализација на уште еден капитален проект во општина Дебрца.
Се работи за реконструкција на две улици во село Мешеишта, во должина од 998 метри.
Со проектот се планира машинско стругање и машински ископ на постојната асфалтна површина, тампонирање, асфалтирање, уредување на дел од банкините со бекатон плочки-тротоари, решавање на проблемот со одводнувањето долж улиците (изградба на бетонски канали, бетонски каналети, цевасти пропусти, бетонски плочи, метални решетки ), уредување на просторот пред селската чешма.
Изведувач на градежните работи е АДГ Илинден Струга.
Вкупната вредност на работите изнесува 9.061.907,67 денари без ДДВ или 147.000 ЕУР.
Средствата се обезбедени од грант на ЕУ ИПА.

Почеток на проектот “Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓу-граничната област Македонија-Грција”.

Почеток на проектот “Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓу-граничната област Македонија-Грција”.

Во рамките на активностите за одбележување на Денот на европската соработка, денес, заедно со парнерите, Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област “Јасен” и Шумарскиот факултет го претставивме и симболично го означивме почетокот на Проектот “Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓу-граничната област / Македонија-Грција”.
Наши партнери од Република Грција се Грчката национална организација за земјоделски науки “Деметер” Солун и општина Терми, Солун.
Проектот е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK GR ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа на РМ ( 15 % ).


Целта на Проектот е да се обезбеди одржливо управување со заштитените области, екосистемите и биодиверзитетот.
Со Проектот за општина Дебрца се обезбедени вкупно 219.555,79 ЕУР, кои ќе се искористат за повеќе проектни активности, како што
се:
-подготовка на оригинални слики и видеа од локална флора во Белчишкото Блато, развој на мобилна андроид апликација и реконструкција на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато.
Проектот е во функција на нашите заложби Дебрца ( во случајов Белчишкото Блато “Сини Вирој” ) да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација.