Jul 19, 2018
Република Македонија
Проект за подобрување на општинските услуги – МСИП
ИПА инвестициски грант
MSIP-IPA-NCB-022А-18
- Овој Повик за Понуди ја следи Општата објава за набавки за овој Проект објавена во изданието на UN Development Business, со бр. 767, од 31 Јануари, 2010 година (печатено издание) и објавена електронски на 06 Јануари, 2010 година.
- Република Македонија доби грант средства од Европската комисија во рамките на ИПА фондот за рурални инвестиции на Европската комисија за реконструкција и развој за Проектот за подобрување на општински услугите (МСИП) и има намера дел од добиените средства од овој кредит да ги искористи за плаќања по договор за: Реконструкција на две улици во с.Мешеишта,Општина Дебрца
- Општина Дебрца ги повикува подобните и квалификувани понудувачи да дадат запечатени понуди за градежни работи кои вклучуваат: Реконструкција на две улици во с.Мешеишта,Општина Дебрца
- Процесот на понудување ќе се спроведе преку процедури за национално јавно наддавање како што е специфицирано во Упатството на Светска банка: Набавка со средства добиени од IBRD Заеми и IDA Кредити, од јануари 2011 година и е отворен за сите понудувачи од подобните земји како што е дефинирано во тендерската документација.
- Заинтересираните подобни понудувачи може да добијат дополнителни информации на адресата наведена подолу од 08:30 до 16:30 часот :
(more…)
Mar 30, 2018
Денес во општинските простории во с. Мешеишта се одржаа јавни расправи, градоначалникот со членовите на советот на општина Дебрца и граѓани за подготовка на Физибилити студијата, односно документ за оправданоста на проектите “Реконструкција на улици во село Мешеишта” и “Подобрување на капацитетите на ЈКП Дeбрца” ( набавка на механизација ), а за кои имаме аплицирано за средствата од ЕУ ИПА грантот.

Јавните расправи ги спроведуваше ангажираниот консултант од страна на Министерството за финансии, М-р Светлана Петровска, од Центарот за промоција на Одржливи Земјоделски Практики и Рурален Развој –ЦеПроСАРД, Скопје.
Сите ја потврдиме оправданоста и потребата од одобрување и имплементација на проектите.
Jan 26, 2018
Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.