Select Page
Соопштение: Општина Дебрца отпочна со постапка за изработка на Локален еколошки акционен план (ЛЕАП)

Соопштение: Општина Дебрца отпочна со постапка за изработка на Локален еколошки акционен план (ЛЕАП)

Општина Дебрца имајќи ги во предвид своите законски надлежности во доменот на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните, отпочна со постапка за изработка на Локален еколошки акционен план (ЛЕАП). Овој документ претставува највисок локален стратешки документ за управување и заштита на животната средина на ниво на општина. ЛЕАП документот претставува основа за планирање на заштитата на животната средина во период од 6 години, преку проценка на моменталната состојба, идентификација на проблеми, дефинирање на мерки за заштита, зголемување на јавната свест и следење на имплементацијата.

Вклучувањето на јавноста во изработката на ЛЕАПот е од суштинско значење, поради што општина Дебрца ја повикува целата јавност во изразување на своето мислење преку пополнување на анонимен анкетен прашалник за испитување на јавното мислење околу проблемите со животната средина. Во продолжение ќе го најдете линкот до прашалникот што може електронски да го пополните.

Исто така, сите оние граѓани кои активно сакаат да земат учество со свој допринос во некоја од работните групи за изработка на ЛЕАП ги охрабруваме да се пријават и да ги остават своите податоци во општина Дебрца. Нацрт План за вклучување на јавноста

Анкетен прашалник за испитување на јавното мислење:    ТУКА

Прашалникот ќе биде активен во период од еден месец од денот на објавување на соопштението.

Ви благодариме однапред.

 

                                                                                                     ОПШТИНА ДЕБАРЦА

                                                                                                           Градоначалник

                                                                                                          Зоран Ногачески

 

 

“Не фрлај, не загадувај! Немаш изговор !”- општина Дебрца се справува со дивите депонии

“Не фрлај, не загадувај! Немаш изговор !”- општина Дебрца се справува со дивите депонии

Со денешниот ден и официјално  општина го започна пролетното чистење кое континуирано ќе се спроведува во наредните месеци, се со цел чиста и зелена општина Дебрца.
Сите овие еколошки активности ќе бидат под мотото: “Не фрлај, не загадувај! Немаш изговор!”

Почнавме со чистење на дивата депонија покрај патот село Издеглавје – село Оздолени.
Изразувам голема благодарност до фирмата ЗК “Агро Михајло”, сопственост на Паско Тодороски, која како општествено одговорна фирма го помогна чистењето на депонијата.
Апелирам, сите да бидеме општествено одговорни и совесни граѓани и да не го загадуваме она што природата ни го дарила. – изјави градоначалникот Зоран Ногачески.

Благодарница за градоначалникот Ногачески за успешната соработка и афирмацијата на активностите на здружението на ветераните во одбраната и безбедноста

Благодарница за градоначалникот Ногачески за успешната соработка и афирмацијата на активностите на здружението на ветераните во одбраната и безбедноста

На денешната Езерска средба, организирана од Здружението на ветераните во одбраната и безбедноста, огранокот за општините Охрид и Дебрца на градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески му врачија благодарница за успешната соработка и афирмацијата на активностите на здружението.

Благодарам на вниманието. Програмските активности на Здружението секоја година се и ќе бидат преточени и во Годишните програми на општина Дебрца.
Голем дел од нивните активности се имплементираат во славна и слободарска Дебрца и затоа секогаш ќе ја имате мојата и поддршката од советот на општина Дебрца. – изјави Ногачески.

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НОГАЧЕСКИ ЗА МАКЕДОНСКОТО РАДИО: Нашата заложба е од Дебрца да создадеме високо рангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НОГАЧЕСКИ ЗА МАКЕДОНСКОТО РАДИО: Нашата заложба е од Дебрца да создадеме високо рангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација

Денес градоначалникот Зоран Ногачески даде изјава за емисијата “Патоказ”, која оди во живо на Македонското радио – Радио Скопје, за туристичките потенцијали на општина Дебрца.

Во прилог интегралниот текст од неговото обраќање на Македонското радио:

Нашата заложба, односно визија е општина Дебрца биде посакувана дестинација за рурален туризам, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, заштитено културно-историско и природно наследство, подобрена социјална средина, привлечно место за живеење и создавање .
Од Дебрца да создадеме високо рангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација.
Општина Дебрца е природно предиспонирана и има одлични услови за развој на квалитетен туризам, особено за развој на руралниот туризам. Традиционалните и автохтони природни, културни-историски и обичајни вредности на подрачјето на општината: архитектурата, пејзажот, природните реткости, недопрената природа, храната, обичаите, се само некои од потенцијалите кои треба да се искористат за развој на руралниот туризам .
Општината Дебрца е една од врвните оази на културното наследство и природното богатство на Република Македонија и затоа не случајно истата е дел и од заштитеното светско и природното наследство во Охридскиот регион.
За жал, во изминатиот период сите овие потенцијали недоволно се искористени.
Потребен е посериозен пристап кон искористувањето на природните ресурси и потенцијали, кои ќе значат и поголема промоција на општината и секако поголем број на туристи.
И затоа, и во изминатиов период и во иднина особено се залагаме за изнаоѓање можности, потенцијали и преземање мерки за развој, унапредување на селскиот -руралниот туризам, промоција и брендирање на туристичките производи во општината и поттикнување на инвестиции; креирање на електронски туристички портал и печатен промотивен матерјал за туристичкиот потенцијал на општината; брендирање на традиционална кујна; поставување табли за битните туристички локалитети во општината,мапирање и обележување на планинарски патеки, едукација на локалното население за рурален туризам, едукација и стручна помош за изготвување и реализирање на бизнис планови за рурален туризам, креирање на туристички тури и програми за посети на туристите на локалните атракции и соработка со Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

Со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) општина Дебрца склучи Меморандум за соработка, чија основна цел е зедничко преземање на повеќе активности во насока на создавање на туристички производи, базирани на културата, традицијата, историјата и природни богатства. Во контекст на ова, активностите имаат за цел формирање и збогатување на туристичките содржини и промовирање на вкупните туристички потенцијали и туристичка понуда на регионот кој го опфаќа општина Дебрца.
Во преостанатиот дел од изјавата градоначалникот Ногачески ги потенцираше природните убавини, археолошките локалитети, културното и историското наследство, културните манифестации и настани кои се предиспозиција за развој на туризмот во општината, како и проектите кои досега се реализирани или допрва ќе бидат реализирани во функција на зголемување на туристичкиот потенцијал на општина Дебрца.

Со гранд од УНДП, општина Дебрца набави нови канти за отпад

Со гранд од УНДП, општина Дебрца набави нови канти за отпад

Во рамките на Проектот ‘Унапредување на општинското владеење’, финансиран од Европската Унија, спроведуван од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, а врз основа на предложен приоритетен проект од општината денес го добивме грантот од 350 канти за собирање на отпад, од по 360 литри.
Вредноста на грантот изнесува 26.000 евра и покрај набавката на канти се изработуваат и два стратешки документи, Интегриран план за развој на општината и Локален еколошки акционен план / ЛЕАП.
Кантите нема да ги продаваме, практика која со донираните канти ја применуваше претходната локална власт.
Истите врз основа на утврден план од Јавното претпријатие ќе бидат поставени на јавни површини ( плоштадите, училиштата, јавни објекти, спортски игралишта, верски објекти ) во сите села во општината.
Посебно акцентот ќе биде ставен на селата од Горна Дебрца, каде Јавното претпријатие ќе започне со организирано собирање на комуналниот отпад.