Mar 22, 2018
Врз основа на член 35 став 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), Општина Дебрца, го дава следното:
С О О П Ш Т Е Н И Е
Се известуваат граѓаните, правните лица од просторот опфатен со Урбанистички план за село Издеглавје, КО Издеглавје, Општина Дебрца, државната управа, научните и стручните организации, Општина Дебрца, организира:
ПОВТОРНА ЈАВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА И ЈАВНА АНКЕТА
По предлог – УПС за село Издеглавје, Општина Дебрца, кој опфаќа простор од 29,97 ха, со следните граници:
Граници на опфатот се:
| УПС ИЗДЕГЛАВЈЕ |
|
X |
Y |
| СЕВЕР |
485272.43 |
577640.81 |
| ИСТОК |
486616.41 |
576935.49 |
| ЈУГ |
486398.9 |
576702.05 |
| ЗАПАД |
484935.02 |
577415.73 |
Повторната Јавната анкета и јавната презентација по Предлог План УПС Издеглавје, КО Издеглавје, Општина Дебрца со тех.бр. 0801-06-02/16 од 03/2018 год., изработен од “Иванов Инженеринг” – ДООЕЛ, Битола, ќе се спроведе со излагање на Предлог планот во просториите на Општина Дебрца,
Јавната анкета ќе трае 5(пет) работни дена и тоа од 23.03.2018 год. до 29.03.2017 год., секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Во споменатиот рок, заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови.
Јавната презентација со стручно презентирање на планот ќе се одржи на ден 29.03.2018 година (четврток) во 12:00 часот во просториите на Општина Дебрца.
Со Почит,
ГРАДОНАЧАЛНИК
Зоран Ногачески
Mar 15, 2018
Општина Дебрца им соопштува на граѓаните на општина Дебрца дека на ден 20.03.2018 година ( вторник ) со почеток во 20 часот , во просториите на општина Дебрца во с. Мешеишта , ќе се одржи ЈАВНА РАСПРАВА врз основа на проектот ЕУ ИПА грант за подобрување на руралната инфраструктура ,за проектот „Реконструкција на улици во с. Мешеишта“, набавка на комбинирана машина Ровокопач – Натоварач со плуг за расчистување на снег, набавка на трактор со приклучна механизација приколица,мулчер, плуг за снег, набавка на мини ровокопач на гумени гасеници, и набавка на теренско моторно возило.

ГРАДОНАЧАЛНИК
Зоран Ногачески
Feb 19, 2018
Со Годишната програма за спорт за 2018 година Општината ќе додели финансиска и друга поддршка на спортски клубови од општината кои се натпреваруваат во организиран систем на натпревари во општинска и регионална лига .
За екипите во општинска лига предвидена е финансиска поддршка од по 60.000 денари годишно, а за екипи во регионална лига од по 200.000 денари годишно и обезбеден превоз за патување на релации подалеку од 40 км.
Предвидена е финансиска поддршка за сите спортски манифестации во општината, за талентирани спортисти, училишната спортска лига, есенскиот училишен крос.
Планирани се инвестиции во спортска инфраструктура ( реконструкција на соблекувална на фудбалско игралиште во село Лешани, реконструкција на осветлување на спортски полигон во село Мешеишта ( поставување на лед рефлектори ), реконструкција на осветлување на спортски полигон во село Волино ( поставување на столбови и лед рефлектори ) и други инвестиции во спортот.
Ги повикувае спортските клубови да поднесат барања за користење на средствата за пролетната сезона 2018 година.
Очекуваме и Ваши предлози за инвестиции за развој на спортот во општината.
Feb 18, 2018
Почитувани граѓани,
Ако човек на човек замерил, ако човек со човек не зборува, денес е денот да се олесни душата од таквиот товар, денес е денот да се подаде рака, да се побара прошка и да се даде прошка.
Токму затоа, да ги поткрепиме нашите семејства, да ги почитуваме нашите родители, да ги почитуваме нашите соседи и пријатели, да имаме разбирање еден со друг, да бидеме љубезни еден за друг.
Тоа е божјиот пат, патот на љубовта, простувањето и спасението на човековиот род.
Прво треба да си простите на себе си што сте верувале во нешто дека е погрешно или исправно, што не сте пружале љубов на некому кога му била потребна, што не сте дале подршка некому во вистинскиот момент, што сте креирале негативна енергија во животот на некој друг или во Вашиот или кога не сте биле чесни и не сте имале почит кон некого.
Разберете дека не можете да го промените тоа што се случило, туку прифатете го тоа како лекција од животот која Ве научила на нешто.
Простете им на другите, за да Ви биде простено и Вам .
Дозволете ми, на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Велики поклади-Прочка и да побарам прошка ако некому сум згрешил .
Jan 26, 2018
Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.