Feb 12, 2020
Денес на граничниот премин кај Свети Наум се одржа свечен настан, на кој и официјално беше означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија. Проектот ќе се имплементира во наредните три години, а партнери се: ОО Црвен Крст Охрид, Алпинистичкото друштво “Патагонија” Охрид и општина Дебрца, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.
Градоначалникот Ногачески поздравувајќи ги присутните изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект,при што посебно потенцираше дека :
Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.
И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.
Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.
Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.
Ова е втор проект кој општина Дебрца го спроведува во рамките на прекуграничната соработка, во насока на подобрување на алтернативниот туризам во општината. Другиот проект е во рамките на прекуграничната соработка со Грција и истиот го тангира оригинерниот природен ресурс, “Белчишкото Блато.”
И затоа, во оваа прилика изразувам голема благодарност и до Делегацијата на ЕУ во Скопје, за нивната поддршка на овие за нас значајни проекти, како и благодарност до Министерството за локална самоуправа, кое со 15 % контрибуција ги помага проектите.
Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.
Овде би сакал да изразам посебна благодарност и до Г-динот Бертолини, кој организираше неколку сесии за обука на администрацијата, како да се подготви и аплицира еден добар проект.
Се надевам и не се сомневам дека во текот на имплементацијата на Проектот ќе имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.
Впрочем, со нашиот партнер, ОО Црвен Крст Охрид и Планинската Спасителна Служба имаме потпишано и меморандум за соработка.
А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – кажа во своето обраќање градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески
Feb 11, 2020
Утре (12/02/20 г) на граничниот премин „Свети Наум“ официјално ќе биде означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку програмата за прекугранична соработка со Р. Албанија.
На настанот предвидено е свое обраќање ќе имаат Г-дин Сашо Точков, Претседателот на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална самоуправа на Р. C. Македонија, Г-дин Никола Бертолини, Раководител на одделот за соработка во ЕУД во Р. C. Македонија, Г-дин Гент Чакај, в.д. Министер за Европа и надворешни прашања на Р.Албанија, Г-дин Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца, Р. С. Македонија, Г-дин Клодиан Таче, градоначалник на општина Грамш, Р. Албанија и Г-дин Гоко Танасоски директорот на Царинската управа на Р.С. Македонија.
Во рамките на настанот ќе биде потпишан на меморандум за соработка помеѓу Планинската Спасителна Служба и НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТИВЕН ЦЕНТАР за Гранично Управување.
Со овој проект, во општина Дебрца како еден од директните партнери во проектот, предвидено е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкцја пропустите и патот од Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови. Исто така предвидени се и обуки за прва помош во зимски услови,
Ова е втор проект кој општина Дебрца го спроведува во рамките на пограничната соработка во насока на подобрување на алтернативниот туризам во општината.
Dec 25, 2019
Вчера во општина Дебрца беа промовирани резултатите и сознанијата од Проектот „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019”.
Археолошкиот локалитет „Требенишко Кале” беше истражуван оваа година со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.
Беа истражувани одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.
По истражувањата беа добиени доволно резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика.
На настанот присуствуваа градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и раководителот на истражувачкиот тим, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.
„Сето ова што го правиме е во рамките на нашата заложба Дебрца навистина да ја промовираме во една високо рангирана природна културна и археолошка туристичка дестинација и токму затоа во наредниот период ќе продолжиме со тие активности, се ова што досега беше истражувано од страна на истражувачкиот тим предводен од раководителот на тимот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Наша заложба е, со оглед на тоа што најзначајниот локалитет кој што го има Дебрца тоа е Требенишкото Кале и Требенишката Некропола да го преуредиме, да го преуредиме и задружниот дом во Требеништа и да претвориме во своевиден Дом на археолошкото наследство на општина Дебрца, на тоа не обврзуваат и „100-те години Требеништа“.“ – истакна градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Раководителот на истражувачкиот тим, професорот Виктор Лилчиќ Адамсен рече дека е цврсто убеден, дека со овие истражувања на Требенишкото кале се насетува името на средновековниот град Дебрец.
„Оваа општина под водство на градоначалникот, покажа навистина една зрелост, еден огромен интерес со реализацијата на овие две фази ги опфативме цивилизациските локалитети, 10 локалитети во 2018 година во Дебрца, северо-источниот дел од Десаретија, така што оваа 2019 година се концентриравме на најглавниот, сфативме дека Требенишкото кале претставувало град, очекувавме да откриеме рана антика, меѓутоа оваа година неочекувано откривме еден поголем временски континуитет на локалитетот, каде живеела една силна, јака, компактна човечка заедница. Со овие наоди, засега јас сум цврсто убеден дека го насетуваме името на средновековниот град, а тоа би бил градот Дебрец. Тоа е град по кој нашите колеги долги години трагаа. Тоа е едно огромно изненадување. Ние се надеваме дека ќе успееме во наредните години да го отвориме црковниот храм и да го прошириме истражувањето можеби и на некрополата, да собереме уште повеќе податоци за да ја потврдиме оваа хипотеза што денес ја лансираме. Дебрца лежи врз древна цивилизација, тоа е нешто што мораме да го откриеме и заштитиме и да го потпреме развојот на оваа општина, тие предмети да бидат депонирани во еден локален музеј, каде би се вработиле луѓе од тука, на крајот важен е профитот од тоа и општината да заработува.“ – изјави проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов вели дека ваквите знајачни локалитети треба да го добијат вистинското место во регионот.
„Ние како Управа, нашите професори и останатите Заводи за заштита, ќе пробаме со поинаква стратегија и тактика, да допринесеме, да ги подигнеме стандардите, да го подигнеме нивото на работа, овие локалитети кои што се значајни да го добијат вистинското место во регионот. Конкретно, приоритет ќе биде новиот нацрт-закон за заштита на културното наследство. Во тој закон веројатно ќе бидат видоизменети начините како ќе биде финансирањето. Инсистираме на подолготрајно финансирање, да не зависи од моменталните политички ситуации во државата туку тоа да биде трајно финансирање до неговото завршување или секојдневно менаџирање, да не се случува да биде оставено без никаков надзор и контрола. Тука се подразбира и поинакви принципи на однесување и во конзерваторските центри и на луѓето кои ќе треба да ги прифатат таквите принципи.“ – изјави Костов.
Градоначалникот Ногачески истакна дека и покрај тоа што Проектот беше одбиен од страна на Министерството за култура, тој не се обесхрабрува, туку како што кажа, тој ќе аплицира преку Бирото за рамномерен регионален развој.
„На јавниот повик кој што беше објавен од страна на Министерството за култура за капитални инвестиции за 2019 година аплициравме ние со тој Проект со добро образложение на приказната за Дебрца и од страна на професорот Лилчиќ, мене ми е искрено жал што можам да констатирам дека Проектот ни беше одбиен од Министерството за култура и тоа во година која целокупната држава и Владата беа ангажирани на манифестацијата и изложбата „100 години Требеништа“, меѓутоа тоа мене не ме обесхрабрува, веќе за наредната година, односно на утрешната седница на Советот на општината, при носење на годишната програма за развој на културата во оштина Дебрца за 2020 година го ставам овој проект повторно на дневен ред и ќе аплицираме преку Бирото за рамномерен регионален развој, така што очекувам од пролет 2020 година да започнеме со реконструкција на тој објект.“ – додаде Ногачески.
Dec 20, 2019
Покана до медиумите и заинтересираната јавност
Настан : Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот: “Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019”.
Организатор и подржувач: Општина Дебрца
Реализатор: Филозофски факултет Скопје
Време и место: 24 Декември 2019 година, 12.30 часот, сала за седници на советот на општина Дебрца, село Белчишта
На настанот ќе присуствуваат: градоначалникот на општина Дебрца, Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и раководителот на истражувачкиот тим, проф. Др. Виктор Лилчиќ Адамс.
Археолошкиот локалитет “Требенишко Кале” беше истражуван оваа година со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од Филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.
Беа истражувани одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.
По истражувањата беа добиени доволно резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика.
Меѓутоа, успеа да се навлезе и во трагата на неговата идентификација со еден средновековен град, споменат во еден средновековен извор.
Тоа е град по чија местоположба истражуваа и трагаа македонските историчари и археолози повеќе од половина век.
За тоа повеќе информации на настанот.
Nov 1, 2019
Ако преку проектот за Белчишкото Блато го промовираме светското природно наследство на Дебрца, сакам да Ве информирам за уште еден проект кој деновиве интензивно се работи и кој има за цел да се промовира светското археолошко и културно наследство на Дебрца.
Имено, откако минатата година со Филозофскиот факултет Скопје спроведовме истражување на десет најзначајни археолошки локалитети во Дебрца, оваа година продолживме со истражувањата на најзначајниот археолошки локалитет, Требенишкото Кале.
Вчера градоначалникот Зоран Ногачески ги прими Проф.Др.Виктор Лилчиќ Адамсен и неговиот тим, кои го информираа за сознанијата од нивната работа на терен.
Според нив, сознанијата од истражувањата илустрираат околу 1800 години живот во континуитет и ако се додаде архајскиот период, или како што вели почитуваниот професор Лилчиќ “периодот на господарите со златните маски”, тогаш имаме 2200 години континуитет на овој древен град, распослан на околу 5 хектари.
По завршувањето на истражувањата на терен ќе се изработи завршен извештај со фото и техничка документација, а кој ќе биде претставен и пред пошироката јавност.
Средствата за реализација на овој проект, во износ од 100.000 денари се обезбедени од Буџетот на општина Дебрца за 2019 година.
А мојот “сон”, кој се надевам дека за бргу ќе биде јаве е Требеништа да биде културната престолнина на општина Дебрца, со Културен Изложбен Центар, во кој ќе биде претставено не само археолошкото наследство од Требенишкото Кале и Требенишката некропола, туку и целокупното археолошко наследство на Дебрца. – изјави градоначалникот Ногачески по средбата.
На тоа силно обврзуваат и “100-те години Требеништа”.
Sep 19, 2019
Дебрца освен со сочувани природно наследство, биолошка разновидност и автентичност, се одликува и со богато историско наследство, градено од разните слоеви на цивилизации и култури, напластени на овие простори низ историјата и поради што со право го носи епитет Славна Дебрца.
Затоа, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата историја, култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато историско и културно наследство.
Едно од тие историски места е селото Црвена Вода.
Во Црвена Вода, во текот на НОБ се донесени пресвртните одлуки за Македонија, а пред се Манифестот на Главниот штаб на НОВ И ПОМ.
Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.
И не случајно, 3 Октомври, Денот на Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, воедно е и Ден – Патронен празник на општина Дебрца.
Поради тоа, започнавме со санација на Спомен училиштето во село Црвена Вода, во кое се сместени Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и Спомен собата на писателот Ванчо Николески.
Ќе се изврши демонтажа на старите подови и прозорци, бетонирање на подовите, поставување на керамички плочки, молерисување на внатрешни ѕидови, нови прозорци, нова електрична инсталација, шприцање на фасада, изработка на конзолна настрешница пред влезот и др.
Вкупната вредност на работите изнесува 589.535 денари , кои се обезбедени од Буџетот на општината за 2019 година.
Градиме по План-от.