Ветивме дека за сите спортски фудбалски клубови од општината кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ќе ја зголемиме финансиската поддршка и ќе обезбедиме средства во висина на котизацијата за соодветниот ранг на натпреварување и тоа континуирано го правиме.
И не само тоа.
Не ветивме, а исполнивме.
Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2019 година за сите фудбалски клубови од општина Дебрца кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ( ФК “Свети Петар”, Лешани, ФК “Злести”, ФК “Дебрца”, Белчишта –општинска лига и ФК “Сатеска”, Волино – регионална лига ) обезбедивме комплет спортска опрема ( по 20 дресови, шорцеви, штуцни, тренерки и по три фудбалски топки ).
Спортската опрема денес им ја предадов на претставниците на клубовите.
Средствата за набавка на спортската опрема во износ од 300.000 денари се обезбедени од буџетот на општината за 2019 година.
Парите на граѓаните ги враќаме назад кај граѓаните, овојпат кај спортистите.
И во иднина општината финансиски ќе го поддржува спортот, бидејќи вложувањето во спортот е вложување во здравјето.
Вчера во рамките на програмата за развој на образованието во општина Дебрца за 2019 година, исплатени се првите рати на учениците и студентите кои ги исполнаа критериумите за доделување на стипендии.
Вчера на 15-те ученици , корисници на ученичка стипендија им исплативме по 7.500 денари , а на 5-те корисници на студентска стипендија по 12.500 денари, за пет месеци, или вкупно од Буџетот на општината за овие намени се исплатени 175.000 денари. Наместо за непродуктивни трошења, парите ги враќаме кај учениците, студентите, граѓаните.- изјави градоначалникот Ногачески.
Нашите заложби се да обезбедиме квалитетно образование за сите ученици во нашата општина. За таа цел, ја подобруваме образовната инфраструктура и применуваме повеќе мерки за мотиварање на учениците да постигнуваат подобри резултати во воспитно-образовниот процес. Од вчера, 01 Октомври воведовме ужинка за секој ученик во основното училиште. Секој ученик ќе добива ужинка во текот на учебната година. Средствата за ужинката, во износ од 1.200.000 денари се обезбедени во буџетот на општина Дебрца. Со оваа мерка сакаме малку да го растеретиме семејниот буџет на родителите, а повеќе да го потенцираме социјалниот моментум, односно до израз да дојде социјалната рамноправност на учениците. Продолжуваме и со другите мерки: бесплатна екскурзија, финансиска поддршка за талентираните ученици, награда за првенец и ученици на генерација, поддршка за училиштните спортови – изјави градоначалникот на општината Зоран Ногачески
Вчера и денес учениците од ОУ „Дебрца“ ги реализираа активностите од Отворената фудбалска школа 2018, која финансиски, со 100.000 денари беше поддржана од општина Дебрца.
„Овие два дена прекрасно изгледаше спортскиот полигон во Мешеишта, во што лично се уверив при денешното дружење со учениците.
Исто така, со еколошка акција за чистење на училишните дворови го одбележавме и 15-ти септември, Светскиот ден на чистењето.“- вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Како што вели градоначалникот Ногачески, како локална самоуправа и во иднина безрезервно ќе го поддржуваат секој проект и активност за спортско издигнување на учениците и развој на училишниот спорт.
Денес во Волино се потпиша договорот и го означивме почетокот на градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда и нејзина пренамена во објект на локалната заедница.
Договорот го потпишаа Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион , Мирјана Лозаноска и Директорот на изведувачот на работите, градежната фирма Тане 2007 Дооел Охрид.
Средствата за реконструкција , во висина од 2.464.926,00 денари, без ДДВ се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, финансирање на проекти за развој на планските региони.
Старата училишна зграда во село Волино е изградена во далечната 1939 година и до 2013 година е користена како основно училиште. Генерации и генерации на ученици од Волино во неа го стекнаа своето образование.
Од 2013 година кога се изгради новото училиште објектот е вон функција. Со реконструкцијата објектот ќе се претвори во Центар на локалната заедница.
Според договорот градежните работи треба да завршат во рок од 70 дена.
Согласно програмата за развој и подршка на спортот во општина Дебрца, изминатиов период се инвестира во подобрување на спортската инфраструктура.
На спортскиот полигон во Волино се поставени бетонско цокле и нова мрежа на заштитната ограда, нови столбови за рефлектори, реконструирана е електричната инсталација, преостанува да се постават новите 18 лед рефлектори.
Санирана е соблекувалната на фудбалското игралиште во Лешани, поставени се 18 лед рефлектори на спортскиот полигон во Мешеишта, четири металхалогени рефлектори на одбојкарското игралиште во Велмеј, шест металхалогени рефлектори на спортскиот полигон во Оровник.
Во наредните денови предвидено е поставување на нови лед рефлектори и во спортската балон сала во Требеништа.- потенцираше градоначалникот Ногачески.