Jun 7, 2021
Инвестираме во учениците и студентите и нивната мотивација за постигнување на особени резултати во учењето.
Ве информирме дека од сметката на општинскиот буџет се исплатени 202.500 денари за ученички стипендии за учебната 2020/2021 година и 135.000 денари за студентски стипендии за студиската 2020/2021 година или вкупно 337.500 денари.
Jun 6, 2021
Деновиве Центарот за граѓански комуникации го објави 📃Извештајот за активна транспарентност на 97 јавни институции за 2021 година.
За потсетување, според Индексот на активна транспарентност 2017 ( за период на претходната локална власт), општина Дебрца го зазеде 86-то место од вкупно 97 институции, со резултат од 16,4 % остварени позитивни показатели, со оценка “многу слаба транспарентност”.
Според Индексот на активна транспарентност 2020, општина Дебрца го зазеде 44-то место од вкупно 98 институции, со резултат од 63,8 % остварени позитивни показатели , со оценка “добра транспарентност”.

Според Индексот на активна транспарентност 2021, општина Дебрца го зазеде 38-то место од вкупно 97 институции, со резултат од 72,5 % остварени позитивни показатели , со оценка “добра транспарентност”.
Од 2017 година до 2021 година во поглед на транспарентноста општина Дебрца направила позитивен скок од 48 места!
Од сосема нетранспарентна и затворена општина стигнавме до препознатлива и отворена општина.
И во наредниот период посветено ќе работиме на концептот отворена и транспарентна општина .
Целта ни е , со примена на стандардите за е-транспарентност да стигнеме во групата на институции со многу добра транспарентност ‼️ ✅
May 17, 2021
Денес градоначалникот Зоран Ногачески оствари средба со Г-дин Елвис Али, програмски менаџер на Делегацијата на ЕУ за ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.
Заедно со нашиот партнер,Црвениот крст Охрид програмскиот менаџер го запознавме со реализираните активности од Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.
Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило Duster за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.
Го посетивме и село Брежани каде по завршувањето на тендерската постапка, која е во тек ќе започнеме со активностите за реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во модерен планинарски дом.
И во оваа прилика изразувам голема благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија, која ја поддржа имплементацијата на овој проект. – изјави градоначалникот Ногачески по средбата.
Apr 29, 2021
Советот на општина Дебрца денес ја одржа 47-ма редовна седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
- На оваа седница Советот ги усвои Извештаите за работа на Центарот на Југозападниот плански регион во 2020 година. Во текот на 2020 година преку Центарот на Југозападниот плански регион во општина Дебрца беа имплементирани следните проекти: Реконструкција на патен правец за село Арбиново, доизградба на патен правец село Волино/општина Дебрца-село Мороишта/општина Струга и реконструкција на Дом на култура село Требеништа/прва фаза.
- Советот донесе одлука за проширување на средствата во Буџетот на општина Дебрца за 2021 година, со која во делот на основното образование се предвидени дополнителни 926.000 денари, обезбедени од донација преку Еразмус програмата.
- Советот ја усвои Годишната програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Дебрца за 2021 година, со која се планираат конкретните мерки и активности за заштита од заразни болести.
- Советот го усвои Анексот на Годишната програма за работа на ООУ Дебрца во учебната 2020/2021 година, со кој работењето на основното училиште се прилагодува кон новонастанатите услови предизвикани од ковид 19 кризата.
- Советот ги усвои одлуките за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност Дебрца за периодот 01.10.2020-31.12.2020, завршната сметка за 2020 година, како и на годишните извештаи за спроведување на утврдените тарифи за водоснабдување и одведување на отпадни води.
- Советот ги усвои измените на персоналниот состав на општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди. Постапувајќи по барања на загрижени земјоделци, кои претрпеа штети на овошните насади од доцните пролетни мразеви, во наредниот период комисијата ќе објави повик за пријавување на штетите.
- Советот донесе одлука за за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата – дом с.Требеништа, со намена за отворање на откупен пункт за земјоделски производи. Со јавниот повик, кој ќе биде објавен ќе се повикаат сите заинтересирани инвеститори за отворање на откупен пункт за земјоделски производи.
Apr 23, 2021
На локалитетот Белчишко блатот и неговата околина изградена е набљудувачница за птици, видиковци за одмор и информативни знаци.
Изградената екотуристичка инфраструктура на која работеше Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид, ќе биде предадена во трајна сопственост на општина Дебрца, за да може да ја користи за развој на екотуризам, набљудување див свет и рекреација на посетители.
Изградбата на инфраструктурата е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 мај 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. – информира Ѓоко Зороски од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид.
Проектот е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.