Mar 8, 2024
Почитувани сограѓанки, припаднички на понежниот пол,
Од срце Ви го честитам денешниот Ден, 8-ми Март, Денот на кој традиционално изразуваме благодарност и почит кон жените, Денот кој не потсетува на големите и храбри жени кои низ историјата се бореа за рамноправност, а која многу често им била ускратена и одземена.
Многу работи цивилизацијата ги измени, многу грешки поправи, меѓутоа борбата сеуште трае.
А повеќе жени во сите подрачја, посебно во оние во кои се управува со општеството,само ќе придонесе овој свет да биде подобар, потолерантен и посреќен.
Со таа мисла, посакувам Денот на жените уште повеќе да не поттикне секој ден во годината да го посветиме на рамноправноста, толеранцијата.
Бидете среќни и секој ден нека биде Ваш Ден.
Jan 6, 2024
Почитувани сограѓани, православни христијани,
Божик-Христовото раѓање е најрадосниот ден во христијанството, величествен ден за човештвото, ден кога се здогледа големиот сјај и се означи зачетокот на славењето на љубовта кон Бога.
Божик е празник на мирот и празник на радоста.
Господ Исус Христос при една прилика им порача на своите апостоли: „Мир ви испраќам од небото“.
Тој Мир посакувам да се всели во срцата и душите на сите Нас, да ги посети сите наши домови и тој Мир да ни даде сила во деновите кои доаѓаат, за да се справиме со сите искушенија и нека празникот на Христовото раѓање биде водилка за сите Нас, на патот на меѓусебното почитување, толеранција , љубов и разбирање.
Со желби, радоста на Божик Ви донесе среќа и благосостојба во Вашите домови и ги огрее срцата на сите луѓе со добра волја, Ве поздравувам со радосниот поздрав :
Мир Божји – Христос се роди!
Dec 31, 2023
Почитувани сограѓани,
Сакам најтопло да Ви ја честитам Новата година со најискрени желби.
Посакувам во новата година да го исполниме нашето секојдневие со љубов, верба и надеж.
Заедно да придонесеме во исполнувањето на новите предизвици, да изградиме пат кон напредокот на нашата заедница и сите заедно да продолжиме да ја градиме нашата и иднината на нашите деца.
Ви посакувам многу здравје, среќа, бериќет и успех во Новата 2024 година.
Dec 8, 2023
Во мое лично име и во име на администрацијата на Општина Дебрца, на сите припадници на православната вероисповед, упатувам честитки по повод големиот христијански празник 8 декември – Свети Климент Охридски.
Основоположникот на македонската црковна и народна духовност, Свети Климент Охридски, преку продлабочување и унапредување на словенската просвета, го продолжува делото и мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј.
Со зборови си ги упатил народите кон верата Божја, со делата си се издигнал, преблажен, кон божествен и блажен живот.
Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат со вера кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија.
Заради тоа го славиме твојот божествен спомен Клименте.
Слава Тебе Клименте !
Ви посакувам убав и празничен ден, исполнет со семејна топлина.
Dec 3, 2023
Денес се одбележува 3 Декември-Светскиот ден на лицата со посебни потреби.
И не само денес, туку секој ден треба да им го посветуваме на овие лица и да обезбедиме нивна целосна инклузија во општеството.
Како општина и во изминатиот период и во иднина ќе преземаме повеќе мерки за подобрување на нивната општествена положба ( финансиска поддршка на програмските активности на нивните здруженија, олеснет пристап до јавните институции и други активности на кои сме обврзани и со националното законодавство и со меѓународните договори ).
Oct 11, 2023
Почитувани граѓани,
11 Октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност.
На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Востание кое мора да стои на пиедесталот на македонскиот народ во креирањето на вистинската приказна за македонската република.
Во најубавата приказна за слободна Македонија посебно е вградена и нашата Дебрца,
Во Дебрца, на Славеј Планина е формирана првата регуларна воена единица на НОВ и ПОМ, баталјонот “Мирче Ацев”, во Сливово е формирана Првата македонска-косовска ударна бригада, во Црвена Вода е објавен Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ.
Наша должност останува да го чуваме она за кое се дадени многу животи.
Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе.
Нека ни е честит празникот, нека ни е вечна Македонија !