Select Page
Топло добредојде за првачињата во Дебрца

Топло добредојде за првачињата во Дебрца

Пред утрешниот почеток на новата учебна 2023/2024 година денес приреден беше свечен прием за 27 те првачиња од ООУ “Дебрца”.

Посакувајќи им топло добредојде  во светот на знаењата, на првачињата  градоначалникот Ногачески им додели училишен прибор, кој традиционално го донира фондацијата „Капинков“ на Драган Капинков, бизнисмен од Перт, Австралија, родум од битолското село Цапари.

Пред првачињата и родителите уште еднаш ја потенцира  заложбата дека како локална самоуправа, постојано ќе вложуваме во училишната инфраструктура, во наставниот кадар и мотивирани ученици, се со цел учениците во општина Дебрца да бидат меѓу најдобрите.

И оваа година општина Дебрца на сите првачиња ќе им додели еднократна парична помош од по 5.000 денари.

И во оваа прилика изрази  благодарност до фондацијата „Капинков“ на Драган Капинков и до почесниот конзул на Република Македонија во Перт, Г дин Зоран Ќосески , по чија иницијатива фондацијата од 2013 година непрекинато пред почетокот на секоја учебна година доделува училишен прибор за првачињата од општина Дебрца.

Среќно првачиња!

4-та Работилница за Екосистемски услуги- Снабдувачки услуги од Белчишко Блато и начини за нивна проценка

4-та Работилница за Екосистемски услуги- Снабдувачки услуги од Белчишко Блато и начини за нивна проценка

На ден 22 август 2023 година во организација на Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016” ќе се одржи работилница: ЕКОСИСТЕМСКИ УСЛУГИ – СНАБДУВАЧКИ УСЛУГИ ОД БЕЛЧИШКО БЛАТО И НАЧИНИ ЗА НИВНА ПРОЦЕНКА

Работилницата е во рамките на проектот „Екосистемски услуги од Белчишко Блато и еколошка едукација“ (Belchishta Wetland Ecosystem Services & Environmental Education (BW-ESEE)“, кој започна на 1 декември 2022 г. и ќе трае до 1 октомври 2023 г.

Целта на проектот е да ги идентификува најзначајните екосистемски услуги кои се добиваат од блатото, за да се интегрираат во донесувањето одлуки за негово управување и заштита. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), кој го препозна блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата од нашата држава.

Прилог

 Агенда

Oдбележани 80 години од формирањето на првата организирана воена формација, Баталјонот „Мирче Ацев“, ( 18 Август 1943 година ), ден кој се слави како празник на Армијата на Република Македонија

Oдбележани 80 години од формирањето на првата организирана воена формација, Баталјонот „Мирче Ацев“, ( 18 Август 1943 година ), ден кој се слави како празник на Армијата на Република Македонија

Денес, на Славеј Планина, во славна Дебрца се одбележаа 80 години од формирањето на првата организирана воена формација, Баталјонот „Мирче Ацев“, ( 18 Август 1943 година ), ден кој се слави како празник на Армијата на Република Македонија.

Во таа чест, Градоначалникот на Општина Дебрца се поклони  и положи свежо цвеќе пред Споменикот, на местото каде е формиран Баталјонот.

За значењето на историскиот настан зборуваше Претседателот на СБ од НОАВМ за Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.

Денешниот ден е и ден во кој не смееме да ги заборавиме сите оние кои загинаа и кои ги положија животите за својата татковина, Македонија.

Вечно нека се памети нивниот пример за тоа како се сака и како се брани сопствената земја.

Од  име на Градоначалникот на Општина Дебрца  и од името на граѓаните на општина Дебрца на сите припадници на Армијата им го честитаме 18-ти Август – Денот на македонската Армија.

Поставени пловни препреки на Сатеска и Даљан во рамки на платформата за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“

Поставени пловни препреки на Сатеска и Даљан во рамки на платформата за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“

  СКОПСКО во рамки на својата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ постави пловни препреки на реките Сатеска и Даљан. Главна цел на платформата е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и намалувње на загадувањето. Двете реки се идентификувани како едни од поголемите загадувачи на езерото со пловен и пакувачки отпад и со овие препреки директно се адресира тој проблем.

„Благодарение на потрошувачите кои се вклучија во иницијативата за издвојување 1 денар од секое продадено стаклено шише со посебна етикета Скопско и Скопско Smooth, беа обезбедени средства за поставување на пловни препреки, акции за чистење на крајбрежјето и дното на Охридското Езеро и активности за подигнување на свесноста. Во фокусот на Скопско како бренд останува да ги инспирира луѓето да се обединат за подобра иднина, бидејќи заедно ја делиме одговорноста да го исчистиме и да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културни обележја на нашата земја.“ – изјави Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, истакнувајќи дека овој проект е во согласност со заложбите на Пивара Скопје за одржливост и Свет без отпад до 2030 година, како и за намалување на ЦО2 емисиите на компанијата до 2040 година.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска се осврна на партнерскиот однос на Министерството со севкупната бизнис заедница заради спроведување на зелената агенда и реализирање на заеднички иницијативи за заштита на животната средина. „Од огромна важност е соработката на институциите и компаниите во напорите за развивање на одржливо управување со отпад преку селекција, собирање и рециклирање на отпадот. Со воспоставување на солиден дијалог локалната власт, централната власт, бизнис заедницата, новинарите па и сите останати граѓани можеме да придонесеме за заштита на Охридското Езеро но и солидно управување со отпадот. Обединети, преку силни партнерства, можеме да обезбедиме одржлива иднина. Пивара Скопје е пример за општествено одговорна компанија со реални проекти кои прават видливи промени.“ – рече заменик министерката Оџаклиеска.

Пловните препреки на Сатеска и Даљан што ги поставија стручните тимови на Пакомак ќе функционираат како физичка бариера која го сопира пловниот и пакувачки отпад за да не заврши во Охридското Езеро. „Отпадот ќе се собира, селектира и рециклира што е еден од најлесно применливите модели од циркуларната економија кон која стремиме. Горди сме што сме дел од овој проект и што заедно со Пивара Скопје во континуитет работиме на ефикасни решенија за одржливост и зелена иднина.“, изјави Ико Брдароски, Менаџер за развој на бизнис и комуникации во Пакомак.

„Благодарен сум на Скопско за оваа иницијатива со која ќе се спречи огромни количини отпад од Сатеска и Даљан да завршат во Езерото. Општина Охрид активно работи на низа проекти и активности за заштита на Охридското Езеро и подготвени сме да поддржиме вакви и слични иницијативи и да соработуваме со сите затоа што заедничка одговорност е да го исчистиме, чуваме и заштитиме нашиот бисер.“ – изјави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

„Воодушевен сум што Скопско ја препозна потребата за поставувањето на пловната препрека токму на сливот на Сатеска. Општина Дебрца останува посветена на заштита на Охридското Езеро и отворена за соработка на сите платформи со заедничка цел зачувување на природното богатство на нашиот крај.“ – рече на прес конференцијата Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебрца.

 

Во досега реализираните активности се вклучија нуркачките клубови, волонтери, активисти од трите општини и многу заинтересирани граѓани кои заедно чистеа на повеќе локации во и околу езерото. Во изминатите неколку недели се организираа акции за чистење во Охрид, Струга и Дебрца и на трите локации беа собрани 200 кеси со отпад.

Скопско во рамки на платформата „Наша гордост, наша одговорност.“ продолжува со кампања за подигнување на свесноста и упатува апел до сите да се вклучат во акциите што ќе следат и заедно да направиме позитивна промена. Повеќе информации и можност за пријавување за акциите за чистење може да се најдат на веб страната skopsko.mk.

Свечено  отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта, нејзиното 38 мо издание, кое оваа година е посветено во сеќавање на Ѓорѓија Целески, основоположникот на ликовната колонија

Свечено отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта, нејзиното 38 мо издание, кое оваа година е посветено во сеќавање на Ѓорѓија Целески, основоположникот на ликовната колонија

Вечерва свечено беше отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта, нејзиното 38 мо издание, кое оваа година е посветено во сеќавање на Ѓорѓија Целески, основоположникот на ликовната колонија.

Градоначалникот Ногачески поздравувајќи ги учесниците на Ликовната колонија и присутните гости истакна дека 38–те години творештво на колонијата покажуваат дека Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку највисок културен дострел на Белчишта , како седиште на општината и на општина Дебрца.

Основоположниците на колонијата пред 40 тина години можеби и самите не биле свесни дека создале културна рожба , која денес е блескаво културно наследство и уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство.

Општина Дебрца останува партнер на новото раководство на уметничката колонија во нејзините заложби да се врати стариот сјај на една од најстарите ликовни колонии во Македонија.

Положено цвеќе  пред Спомен обележјата од Илинденското востание и  НОБ во село Лактиње

Положено цвеќе пред Спомен обележјата од Илинденското востание и НОБ во село Лактиње

Во чест на празникот Илинден во село Лактиње, Градоначалникот Зоран Ногачески и  претседателот на советот на општина Дебрца Илчо Алексоски како и  претставници на Сојузот на борците од НОАВМ Охрид и Дебрца, Месната заедница, политички партии и граѓани положија цвеќе и се поклонија пред Спомен обележјата од Илинденското востание и од НОБ.

Воедно денес со свечена литургија се одбележа стогодишнината од изградбата на црквата “Св.Пророк Илија”, во село Лактиње.

Илинден е симбол на вечниот стремеж за слобода и за самостојност на македонскиот народ, темел на нашата државност, потврда за нашиот идентитет, нашата историја, јазик и култура и постојан патоказ за нашата иднина.

Дебрца е нераскинливо втемелена и во двата Илиндена.

 

Честит празник Македонијо и за многу години .