Select Page
Во Дебрца одбележани 76 години од формирањето на Првата Македонско – косовска ослободителна ударна пролетерска бригада

Во Дебрца одбележани 76 години од формирањето на Првата Македонско – косовска ослободителна ударна пролетерска бригада

Вчера во село Сливово и село Белчишта се одбележа уште еден историски датум од славното минато на Дебрца, 76 години од формирањето на Првата Македонско – косовска ослободителна ударна пролетерска бригада (МКНОУПБ), на 11 ноември 1943 година и Патронатот на ОУ “Дебрца”.

Првата македонскокосовска народноослободителна ударна бригада е формирана во Сливово, составена од над 700 борци од македонскиот баталјон „Мирче Ацев”, Дебарско-кичевскиот баталјон, Првиот косовски баталјон „Рамиз Садику”, Вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ” и една придружна чета на ГШ на НОВ и ПОМ. Во својот состав имала Македонци, Срби, Црногорци, Албанци, Турци, Италијанци, а подоцна и Руси. Бригадата покрај другите борбени активности учествувала и во Февруарскиот поход во првата половина на февруари 1944 година, во кој поминала околу 300 километри. Подоцна на 8 јуни 1944 година од групата македонски баталјони била формирана Првата македонска бригада, а од групата косовски баталјони била формирана Првата косовско-метохиска бригада на 24 јуни 1944 година.

Бригадата во 1951 година беше прогласена за Петнаесетта пролетерска бригада и одликувана со Орден народен херој, Орден на народното ослободување на Југославија и Орден на братството и единството со златен венец.

Во чест на Патронатот на ОУ Дебрца учениците заедно со своите наставници приготвија свечена приредба на која присуствуваше и градоначалникот на општина Дебрца – Зоран Ногачески

Во Дебрца презентирани мерките од ИПАРД 2 програмата

Во Дебрца презентирани мерките од ИПАРД 2 програмата

Денес во просториите на општина Дебрца, претставниците на телото за управување со ИПАРД фондовите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во рамки на едукативната кампања за ИПАРД Програмата 2014 – 2020, се одржа инфо дево за мерката „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2.

Мерката предвидува вкупна поддршка од 16,5 милиони евра за инвестиции во алтернативно земјоделско производство, производство на прехранбени производи и пијалоци, алкохолни производи од грозје или овошје и пиво, пекарски производи, зачини, билки, чаеви, слактоводна риба.

Мерката поддржува и инвестиции во занаетчиски дејности, услуги во земјоделството и за руралното население, во руралниот туризам и во непрехранбени производи, апликантите треба да бидат физички лица кои живеат во руралната средина или таму имаат регистрирано некаква дејност. Правните лица, пак, кои сакаат да добијат поддршка, треба да бидат евидентирани во Централниот регистар.

Физичките лица кои предлагаат нови инвестиции во руралните области се прифатливи за поддршка само ако поседуваат докажани професионални способности преку стручно образование (обука или признат сертификат) за одделна стопанска или нестопанска дејност.

Подносителите на барања треба да се обврзат и дека до крајот на инвестицијата, пред да се поднесе конечното барање за исплата, ќе имаат регистрирано занаетчиска или угостителска дејност или дејност на трговец поединец.

Според мерката, помош може да добијат и лица чии инвестиции поддржуват економска одржливост што ќе се проценува врз основа на деловниот план или техничкиот предлог проект, а апликантот треба да покаже континуитет на работењето најмалку пет години од реализација на инвестицијата.

– За овој повик мора сите апликанти да имаат целосна документација согласно упатството уште при поднесувањеето на барањето. Поддршката ќе се одобри само за барателите со комплетни и соодветни апликации. Барателите на финансиската поддршка не смеат да ја почнат инвестицијата пред да потпишат договор за користење средства со агенцијата со исклучок на активностите поврзани со општите трошоци, како што се изработка на деловен план, физибилити студија, проектна документација.

За време на средбата се напомена дека кофинансирањето ќе биде до 65 отсто од вредноста на инвестициите, а финансиската поддршка е неповратна.

Крајниот рок за поднесување барања е 18 ноември.

Повикот за мерката „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ е прв објавен оваа година.

Покана за инфо ден IPARD 2014-2020

Покана за инфо ден IPARD 2014-2020

На ден 17.10.2019 (Четврток) со почеток во 11 часот во салата за состаноци на општина Дебрца – Белчишта.  ќе се одржи еднодневен настан-инфо ден IPARD 2014-2020 во организација на Министерство за земјоделство, водостопанство и шумарство. Поканети се сите заинтересирани странки, кои сакаат да дознаат повеќе детали за начинот на аплицирање и реализирање на овој тип на проекти.

ОУ “Дебрца” ја одбележува Детската недела

ОУ “Дебрца” ја одбележува Детската недела

Со разни активности во сите држави членки на ООН во првата полна недела од месецот октомври се одбележува Детската недела.
И учениците од ОУ “Дебрца” со повеќе активности се вклучени во одбележувањето на Детската недела.
Денес градоначалникот Ногачески ја имаше честа да биде домаќин на учениците и да ги слушнам нивните потреби, барања и желби.

Одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас.
Светот останува на децата и претставува предизвик да ги научиме да ги спознаат вистинските вредности во животот и да им дадеме сила да истраат и да успеат во овој свет. – изјави градоначалникот Ногачески, по средбата со учениците од ОУ “Дебрца”.

Свечено одбележан патронатот на општина Дебрца

Свечено одбележан патронатот на општина Дебрца

Денес во историското Црвена Вода, Славна Дебрца одбележавме 76 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца.

Во оваа пригода наш гостин беше и Претседателот, Г-дин Стево Пендаровски, кој имаше свое обраќање.

Свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот Зоран Ногачески кој посебно го истакнав следното:

Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.

Дебрца е величествен споменик на слободата. Дебрца е македонското светилиште. Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и најдолгиот пат од Арбиново, Дебрца до Дијар Бекир и назад и во текот на НОБ.

И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев”, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Охридската Архиепископија , во лицето на Македонската Православна Црква.

Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки.

Поради тоа, започнавме со санација на овој Спомен Дом, во кој се сместени Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и Спомен собата на писателот Ванчо Николески.

Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите претци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца.

Таа визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство.

Нашата визија е Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.

Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.

Програмата по повод чествување 76 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ

Програмата по повод чествување 76 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ

Во четврток, 3 октомври, во историското Црвена Вода, ќе се одбележат – 76 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ, а воедно и патрониот празник на општина Дебрца.

Пред Спомен домот, местото и објектот каде, во 1943 година, Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, го објавија Манифестот до македонскиот народ за целите на анти-фашистичката војна, во селото Црвена Вода, со почеток во 16 часот, ќе се одржи голем народен собир, на кој свој говор ќе има и претседателот на Северна Република Македонија и врховен командант, Стево Пендаровски.

Покрај претседателот Пендаровски, свое обраќање ќе има и градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно–ослободителната антифашистичка војна на Македонија, д-р Никола Стојаноски, претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци за општините Охрид и Дебрца, Гоце Героргиевски.

Пред Спомен обележјето, цвеќе ќе положат уште и делегации на Генералштабот на АРМ, на гарнизонот во Кичево, на општините Охрид и Дебрца, на боречките организации од Охрид, Дебрца, Струга и Кичево, на месната заедница во селото и други.

 

Гостите ќе можат да ја разгледаат реконструираната зграда на Спомен домот, за што средства, во висина од 10 илјади евра, обезбеди општина Дебрца, заедно со Спомен собата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, односно Спомен собата на Ванчо Николески, доаенот на македонското детско-младинско литературно творештво.