Sep 15, 2019
Општина Дебрца денес доби уште еден значаен спортско-рекреативен настан, Првата велосипедска Тура: Славеј Планина + Караорман. Градоначалникот Ногачески ја доби честa свечено да ја отвори турата на која учество зедоа 40-тина вљубеници на планинскиот велосипедизам, од цела Македонија.
Поздравувајќи ги учесниците, посебно истакна дека општина Дебрца располага со доста неоткриени природни убавини, кои што се магнет за љубителите на природата, екологисти, планинари, а во поново време и љубители на планински велосипедизам.
На учесниците им посака успешен настан, посебно да ја почуствуваат недопрената природа во пределот на Славеј планина, Алипашица, Караорман, Лисец, каде поминува рутата, во должина од околу 45 км и притоа да се напојуваат од слободарскиот дух на овој крај.
Општина Дебрца во целост го поддржува овој спортско-рекреативен настан и за таа цел оваа година помогнавме да се санираат шумските патишта, каде поминува рутата, а од идната година овој настан ќе влезе во годишните програми на општината.
Посебна благодарност изрази и до организаторот на настанот, Здружението за спорт и рекреација “Прв до Врв”, Скопје, кој ја спозна Дебрца , како извонредно подрачје за организација на еден ваков настан, со што продонесува да се промовираат здравиот начин на живот, природните убавини, историското и културното наследство на Дебрца.
Sep 12, 2019
Општо познато е дека општина Дебрца располага со доста неоткриени природни убавини, кои што се магнет за љубителите на природата, екологисти, планинари, а во поново време и љубители на планински велосипедизам.
Општина Дебрца располага со идеални терени за организација на планински велосипедизам, а особено пределот на Славеј планина, Алипашица, Караорман, Лисец, со своите природни убавини и недопрена природа е еден од најдобрите во Македонија за организирање на планинска велосипедска тура, која во организација на Здружението за спорт и рекреација “Прв до Врв” Скопје и официјално за прв пат ќе се одржи на ден 15.09.2019 година, 10.00 часот, со старт и цел во село Годивје.
Рутата на велосипедската трка е с.Годивје – с. Лактиње – пат за Славеј планина – Славеј планина- Шумски куќи Радомирово – Дебели рид (Караорман и Алипашица) – Попово нивиште (Алипашица) – Брана на најгорна Хидроцентрала на Песочанска река- Долни локви (Лисец) – с. Годивје.
Должина на турата е околу 45 км, а потребното време за возењето на оваа тура се проценува на 4 до 7 часа во зависност од индивидуалните способности на велосипедистите.
За љубителите на планинарењето се планира и планинарска тура, во должина од 12 км.
Општина Дебрца во целост го поддржува овој спортско-рекреативен настан, кој се надеваме ќе биде традиционален, бидејќи преку истиот се промовираат здравиот начин на живот, природните убавини, историското и културното наследство на Дебрца.
Повеќе информации и пријавување на линкот http://www.prvdovrv.mk/slavej
Aug 19, 2019
Вечерва во центарот на село Волино се одржа 8-иот Интернационален фолклорен фестивал “Денови на Дебрца 2019”.
На фестивалот учествуваа фолклорни ансамбли од Словачка, Романија , Бугарија и КУД “Дебрца” и КУД “Младост”, Кичево, од Македонија.
Прогласувајќи го фестивалот за отворен градоначалникот Ногачески. изрази топло добредојде на сите учесници, потенцирајќи дека и оваа културна манифестација е уште еден дел од нашите заложби за културна промоција на општина Дебрца.
Претпладнето градоначалникот во кабинетот ги прими претставниците на фолклорните ансамбли од Словачка, Романија и Бугарија и ги запознав со личната карта на општина Дебрца.
Притоа, оствари средба и со градоначалникот на општина Силистеа, Романија, со кого разговаравме за можностите за идна соработка, особено на планот на аплицирањето и имплементацијата на европските проекти, при што од особено значење ќе биде искуството на нашите гости, со оглед на тоа да Романија е членка на ЕУ.

Aug 19, 2019
Денеска во просториите на Општина Дебрца во присуство на Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески Раководителот на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство – Подрачна единица Охрид Сашо Суклоски и вработените во подрачната единица започнаа со доделување на картичките за мерката ,, зелена нафта,, за земјоделците од подрачјето на општините Охрид и Дебрца.
Со оваа мерка се врши субвенционирање на 30% од трошоците за набавка на гориво. Со тоа се врши значително намалување на производствените трошоци , земјоделците имаат поекономично производство и остваруваат поголеми приходи.Оваа мерка е одговор на децениските проблеми на земјоделците со која се покажува вистинска грижа за земјоделството
Висината на поддршката за оваа мерка е различна во зависност од површината и видот на културата кои се одгледуваат. Најнискиот износ е 500 денари со кој се опфатени мали производители додека највисокиот износ е лимитиран на 100 илјади денари.
Картички за ,,зелена нафта,, ке добијат сите земјоделци кои што имаат поднесено барање за субвенции во текот на 2018 година за мерките од растителното производство односно се производители на полјоделски и градинарски култури како и постоечки овошни и лозови насади. Крајниот рок за искористување на средствата од картичките е април 2020 година
На територијата на општините Охрид и Дебрца картички ке добијат 1024 земјоделци со вкупна вредност од 2.090.000,оо денари.
Картичките земјоделците ке можат да ги подигнат со лична карта во просториите на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство – подрачна единица Охрид секој работен ден во периодот од 07:30 до 15:30 часот.
Aug 18, 2019
Денес дрлегација на општина Дебрца, претводена од градоначалникот Зоран Ногачески се поклони пред Споменикот на Славеј Планина, местото каде што пред 76 години беше формиран баталјонот “Мирче Ацев”, првата регуларна воена единица во текот на НОБ, се поклони на вистинското место, каде што треба да се одбележува денешниот празник, Денот на Армијата на Македонија.
Во село Годивје градоначалникот ја посети Спомен собата на баталјонот “Мирче Ацев”.
Нека е вечен споменот на борците од НОБ и на сите борци кои се бореле за национална слобода и самостојна македонска државност.
Честит празник на македонската Армија.