Aug 2, 2019
Денес делегација од општина Дебрца предводена од градоначалникот Ногачески заедно со претставници на Сојузот на борците од НОАВМ Охрид и Дебрца и Месната заедница положија цвеќе и се поклонија пред Спомен обележјата од Илинденското востание и од НОБ. За многу години да е 2-ри Август, Денот на Републиката!
Jul 28, 2019
Денес во дворот на Црквата “Св. Спас” во Годивје по втор пат се одржа културната манифестација “Ѓомлезијада – Годивје 2019”,која во организација на КУД “Дебрца”, а со поддршка и на општина Дебрца.
Посебно ми е мило што истата се одржува во село Годивје, место кое во изминатиов период стана парадигма, односно симбол на нашата борба за зачувување на еколошката чистота и епската димензија на Дебрца.
Оваа година тринаесет учесници се натпреваруваа во правење на традиционалното ѓомлезе и за одбележување е и тоа што покрај од општина Дебрца имаше натпреварувачи и од соседните општини Охрид, Струга, Вевчани, со што манифестацијата добива регионален карактер.
Честитки за сите учесници, за наградените и секако за организаторот на манифестацијата.
Општина Дебрца останува посветена на заложбата – култура до сите, култура за сите , култура во секој дел на општина Дебрца и за сите граѓани подеднакво. – изјави градоначалникот Ногачески по свеченото отворање на манифестацијата.
Jul 25, 2019
Денес, во Охрид градоначалникот Ногачески оствари неформална средба со градоначалникот на Модра, Моравија, Република Чешка, Г-дин Мирослав Коварик.
На средбата разменија информации за своите општини, како и за воспоставување на поблиска соработка меѓу дваете општини, особено во областа на културата и туризмот.
Градоначалникот на Модра го запозна Ногачески со европски подржаниот проект за откривање и популаризација на патот на Светите Кирил и Методиј, во Моравската мисија и нивната намера со проектот да бидат опфатени сите градови и области , каде што Светите браќа Кирил и Методиј ја вршеле својата просветителска дејност и ја ширеле словенската писменост.
Средбата ја завршија со желба за понатамошна соработка и отворена покана од Ногачеаки за посета на општина Дебрца, односно од страна на Коварик за посета на општина Модра.
Jul 19, 2019
Синоќа градоначалникот Зоран Ногачески на покана на Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар присуствуваше на ‘Вечерта на ЕУ’ на фестивалот Охридско Лето 2019 и притоа црквата Св. Софија беше местото каде финскиот пијанист Оли Мустонен имаше своја изведба.

Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, а во родната Финска е многу ценет како композитор.
Jul 19, 2019
Денес градоначалникот Ногачески заедно со Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи потпишаа два договори со кои општина Дебрца обезбеди средства за изградба на водоводна мрежа за Сл. Чифлик од Програмата за развој на подрачја со специфични развојни потреби и за уредување на улица во село Оровник, од Програмата за развој на села.

Со средства од програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа до крајот на годината ќе бидат реализирани 74 нови проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби во 54 општини. Вкупната вредност на проектите е 124 милиони денари, или 2 милиони евра.
Одлуката за финансирање на проектите ја донесува Владата, по претходно спроведена постапка на оценување и усвојување од страна на националниот Совет за рамномерен регионален развој.
Годинава ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Во Скопскиот регион ќе бидат финансирани 4 проекти, во Југоисточниот 6, во Источниот 5, во Пелагонискиот 3, во Полошкиот 3, во Југозападниот 4, во Вардарскиот 7 и во Североисточниот плански регион 3 проекти. За развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе бидат финансирани 39 проекти во вредност од 82,5 милиони денари.
Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа за 2019 година, веќе се во фаза на реализација и 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари.
Jul 18, 2019
Денес градоначалникот Зоран Ногачески како домаќин остварии официјална средба со на Шефот на Делегацијата на Европската Унија, евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорката на Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ), Нарине Сахакјан, кои беа во работна посета на општина Дебрца, а во рамките на промоција на проектот “Санација на браната на Слатинско Езеро”.
Во разговорот ценетите гости накратко ги запознав со личната карта на општината, особено потенцирајќи дека се наоѓаат на место каде што се среќаваат историјата, природата и културата, односно каде што можат да ја почуствуваат синергијата на слободарскиот дух, извонредното природно богатство и богатото културно наследство.
Гостите ги информирав за тековните и идните проекти, за можностите за развој, предизвиците со кои се соочуваме како локална самоуправа и притоа им изразив посебна благодарност за досегашната помош од ЕУ и УНДП за имплементацијата на повеќе проекти во општина Дебрца ( со грант на ЕУ, во рамките на проектот “Подобрување на општинските услуги” беше набавена механизација за јавното комунално претпријатие, реконструирани две улици во село Мешеишта, поставени соларни централи на три јавни објекти во општината, во рамките на прекуграничната соработка со Грција отпочнавме со проектот за зачувување на загрозените растенија во прекуграничните области, во чии рамки ќе биде реконструиран и адаптиран објект во село Белчишта во изложбен центар на Белчишкото Блато и дека имаме потврда за одобрен проект и во рамките на прекуграничната соработка со Албанија, а со грант на УНДП, во рамките на проектот “Унапредување на општинското владеење” се обезбедени 300 канти за собирање на отпад, изработен е Интегриран план за развој на општината, техничка документација за туристички содржини на Белчишкото Блато и во завршна фаза е изработката на Локален еколошки акционен план.
Поддршката од ЕУ, УНДП и другите меѓународни донатори е особено значајна за руралните општини, како нашата,општини кои се соочуваме со ограничени финансиски можности, но големи предуслови за развој на зелената економија,особено на руралниот туризам и производството на здрава храна.
Во однос на проектот “Санација на браната на Слатинско Езеро”, посебно го истакнав задоволството што браната на Слатинското Езеро е една од петте брани што се санираат во рамките на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите, имплементирана од страна на УНДП, бидејќи станува збор за ресурс од особено значење и за кое општина Дебрца има развојни планови истото да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација. Во тој контекст, посебно изразив надеж дека со помош на државата и нашите европски партнери ќе се дообезбедат средства за чистење на дното на езерото и дека истото набргу ќе го видиме во неговата природна убавина и исполнето со живот.
На гостите им подарив реплика од златната маска, откриена во локалитетот “Требеништа”,кој е наше, а дел од светското културно наследство.. – изјави градоначалникот Ногачески по средбата.
