Делегација од општина Дебрца, положи цвеќе во Лактиње
Денес делегација од општина Дебрца предводена од градоначалникот Ногачески заедно со претставници на Сојузот на борците од НОАВМ Охрид и Дебрца и Месната заедница положија цвеќе и се поклонија пред Спомен обележјата од Илинденското востание и од НОБ. За многу години да е 2-ри Август, Денот на Републиката!
Заврши втората “Ѓомлезијада – Годивје 2019”
Денес во дворот на Црквата “Св. Спас” во Годивје по втор пат се одржа културната манифестација “Ѓомлезијада – Годивје 2019”,која во организација на КУД “Дебрца”, а со поддршка и на општина Дебрца.
Посебно ми е мило што истата се одржува во село Годивје, место кое во изминатиов период стана парадигма, односно симбол на нашата борба за зачувување на еколошката чистота и епската димензија на Дебрца.
Оваа година тринаесет учесници се натпреваруваа во правење на традиционалното ѓомлезе и за одбележување е и тоа што покрај од општина Дебрца имаше натпреварувачи и од соседните општини Охрид, Струга, Вевчани, со што манифестацијата добива регионален карактер.
Честитки за сите учесници, за наградените и секако за организаторот на манифестацијата.
Општина Дебрца останува посветена на заложбата – култура до сите, култура за сите , култура во секој дел на општина Дебрца и за сите граѓани подеднакво. – изјави градоначалникот Ногачески по свеченото отворање на манифестацијата.
Ногачески оствари неформална средба со градоначалникот на Модра, Моравија, Република Чешка, Г-дин Мирослав Коварик
Денес, во Охрид градоначалникот Ногачески оствари неформална средба со градоначалникот на Модра, Моравија, Република Чешка, Г-дин Мирослав Коварик.
На средбата разменија информации за своите општини, како и за воспоставување на поблиска соработка меѓу дваете општини, особено во областа на културата и туризмот.
Градоначалникот на Модра го запозна Ногачески со европски подржаниот проект за откривање и популаризација на патот на Светите Кирил и Методиј, во Моравската мисија и нивната намера со проектот да бидат опфатени сите градови и области , каде што Светите браќа Кирил и Методиј ја вршеле својата просветителска дејност и ја ширеле словенската писменост.
Средбата ја завршија со желба за понатамошна соработка и отворена покана од Ногачеаки за посета на општина Дебрца, односно од страна на Коварик за посета на општина Модра.
Градоначалникот Ногачески гостин на ‘Вечерта на ЕУ’ – Охридско Лето
Синоќа градоначалникот Зоран Ногачески на покана на Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар присуствуваше на ‘Вечерта на ЕУ’ на фестивалот Охридско Лето 2019 и притоа црквата Св. Софија беше местото каде финскиот пијанист Оли Мустонен имаше своја изведба.
Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, а во родната Финска е многу ценет како композитор.
Потпишани договорите за одобрени проекти од програмата за рамномерен регионален развој
Денес градоначалникот Ногачески заедно со Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи потпишаа два договори со кои општина Дебрца обезбеди средства за изградба на водоводна мрежа за Сл. Чифлик од Програмата за развој на подрачја со специфични развојни потреби и за уредување на улица во село Оровник, од Програмата за развој на села.
Со средства од програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа до крајот на годината ќе бидат реализирани 74 нови проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби во 54 општини. Вкупната вредност на проектите е 124 милиони денари, или 2 милиони евра.
Одлуката за финансирање на проектите ја донесува Владата, по претходно спроведена постапка на оценување и усвојување од страна на националниот Совет за рамномерен регионален развој.
Годинава ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Во Скопскиот регион ќе бидат финансирани 4 проекти, во Југоисточниот 6, во Источниот 5, во Пелагонискиот 3, во Полошкиот 3, во Југозападниот 4, во Вардарскиот 7 и во Североисточниот плански регион 3 проекти. За развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе бидат финансирани 39 проекти во вредност од 82,5 милиони денари.
Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа за 2019 година, веќе се во фаза на реализација и 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари.



