Jun 1, 2019
Вечерва градоначалникот Зоран Ногачески заедно до Претседателот на советот на општина Дебрца Перо Голабоски, приредија Ифтарска вечера со нашите сограѓани од муслиманска вероисповед.
Заблагодарувајќи им се на присутните им го честитав светиот муслимански месец и претстојниот празник Рамазан Бајрам.
Ова се денови кога треба сите да си подадеме рака еден на друг, да бидеме исполнети со меѓусебно почитување, разбирање и солидарност.
Во различностите треба да е нашата сила, бидејќи сите како луѓе сме еднакви пред Бога.
Честитајќи им ги претстојните празнувања на присутните им посакав многу здравје, среќа, семеен мир, хармонија и благосостојба. кажа градоначалникот Ногачески по вечерата.

Jun 1, 2019
Градоначалникот Ногачески синоќа присуствува, на Собир со граѓаните на село Белчишта.
Транспарентно и отворено дебатиравме за тековните проблеми, планираните проекти, актуелниот проблем со кучињата на еден жител на селото, чистењето на одводните канали, доизградбата на фекалната канализација, реновирањето на големата сала во општинската зграда, реконструкцијата на објектот-изложбен центар на Белчишкото Блато, уредувањето на плоштадот и речното корито во центарот и други проблеми и проекти.
Транспарентна и отворена општина, за сите .
May 23, 2019
Денес учениците од ОУ „Дебрца“ го одржаа традиционалниот атлетски крос.
Терминот за одржување е за патрониот празник на училиштето, 11-ти ноември, но поради временските услови беше преместен за овој период.



Учествуваа ученици од второ до деветто одделение, во машка и женска конкуренција, а трчаа на 300 и 1.800 метри. На трката од 1.800 метри поддршка даде и ја истрча и градоначалникот на општината Зоран Ногачески.
Настанот беше организиран од училиштето, под покровителство на градоначалникот на општина Дебрца, од каде и ги обезбедија наградите, велосипеди за првопласираните и спортска опрема и тренерки за второ и трето место.

Денес прекрасно изгледаше плоштадот во село Белчишта, каде што во предвечерието на празникот на Сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј се одржа традиционалниот училишен атлетски крос “Дебрца 2019”, на кој општина Дебрца и јас бевме покровители.
Глетката беше несекојдневно убава , а сите бевме лични затоа што атлетиката е кралицата на спортовите и се надевам еден ден и од одовде ќе се роди некој европски, светски, олимписки атлетски шампион.
Денес некои беа најдобри и добија заслужени награди, ама денес победивме сите, денес победи младоста и иднината на Дебрца.
И тука не застануваме. Продолжуваме и на претстојната манифестација “Охрид трчат” Дебрца ќе трчат во тимот на и за лицата со ретки болести.
И секогаш спортувајте. Спортот е здравје.- изјави градоначалникот Зоран Ногачески по доделување на наградите за најдобрите.>
Наградени ученици:
Од трето до петто одделение
Машки:
1. Андреј Ристовски
2. Бојан Тупанчески
3. Климент Митрески и Андреј Наумоски
Женски:
1. Јована Тодороска
2. Ангела Карадак
3. Анабела Нелоска
Од седмо до деветто одделение
Машки:
1. Ненад Левески
2. Кристијан Трајаноски
3. Димитар Митрески
Женски:
1. Надица Секулоска
2. Тамара Трајческа
3. Мартина Чолеска
May 16, 2019
Денес градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески беше домаќин на Заменик Министерот за локална самоуправа, Г-дин Дејан Павлески. На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочуваме како рурална општина, за можностите за локалниот и регионалниот развој, за тековните и идните проекти, капиталните инвестиции, финансирањето, користењето на средствата од ЕУ фондовите, месната самоуправа и за други прашања кои ги тангираат единиците на локална самоуправа.
Разменивме мислења како да ги подобриме работите, да обезбедиме поквалитетен живот за нашите граѓани, подобрена социјална средина и одговорно управување со општинските надлежности и ресурси.– изјави градоначалникот Ногачески по средбата.

May 15, 2019
Меѓународниот земјоделски саем во Нови Сад е еден од најпрестижните агробизнис настани во Европа. На саемот секоја година се номинираат и доделуваат награди во повеќе категории.
На 86 Меѓународен земјоделски саем, кој се одржува од 11-17 Мај, општина Дебрца преставувана од градоначалникот Зоран Ногачески, беше номинирана во категоријата-најдобри во спроведување на системот за заштита на животната средина и екологијата и по оценка на комисијата за оценка на номинациите ја доби првата награда.
Во номинацијата и образложението на наградата посебно се потенцирани нашите заложби во изминатата година за зачувување на чиста животна средина во Дебрца, а пред се нашите заложби и напори да докажеме дека решението за изградба на регионална депонија во општина Дебрца е неприфатливо, и од аспект на изборот на локацијата, во чиста и недопрена природна средина и од аспект на избраната технологија на управување со отпад, која не кореспондира со современите технологии во светот, беа ценети нашите напори да ги покажеме искуствата на развиените земји во оваа област, нашите еколошки акции за здрава и чиста животна средина, набавката на механизацијата за обезбедување на квалитетно и одржливо вршење на комуналните дејности, изработката на Локалниот еколошки акционен план- ЛЕАПОТ, како стратешки еколошки документ.
Секако, тоа не значи дека сме ја оствариле зацртаната цел. Треба уште многу работа, отстранување на многу отпад и депонии, јакнење на јавната свест и други еколошки активности и акции, за да дојдеме до посакуваната цел, Дебрца да прерасне во здрава животна и природна средина и атрактивна еко туристичка дестинација.
А оваа награда треба да ни биде уште еден поттик повеќе за тоа.
Присуството на Саемот беше и своевидна меѓународна презентација и афирмација на општината. За Славна Дебрца се слушна и на еден ваков престижен настан и пред ваков аудиториум.
Ќе се согласите и тоа е успех.
На Саемот остварив средба и со Г-динот Драган Ралиќ, Менаџер во Службата за оценка на квалитетот, со кого разговаравме за можностите за идна соработка.
Крајно, оваа награда не е само моја, оваа награда Ви припаѓа на сите Вас, граѓаните на општина Дебрца. – изјави градоначалникот Ногачески по доделување на наградата.

May 9, 2019
Денес, со посета на Споменикот на револуцијата, победата и слободата „Кременатец“ и споменикот на паднатите борци пред општинската зграда во с.Белчишта и бистата на Трајче Дојчиноски, со положување свежо цвеќе и историски час се одбележаа 74 години од победата над фашизмот и Денот на Европа.
Ние, граѓаните на Дебрца сме посебно горди на овој Ден, бидејќи Дебрца е местото каде се исковани најголемите придобивки од НОАВМ, 1941-1945 година.
Овој ден се одбележува и како Ден на Европа, бидејќи го означува пресвртниот момент во кој е дефиниран идниот изглед на Европа,а познатата Шуманова декларација, се смета за почеток на формирањето на денешната Европска унија.
9 мај треба да послужи и како потсетник дека фашизмот во Европа и во светот никогаш не е искоренет и вистински поразен и дека против него треба да се бориме и денес, секојдневно, бидејќи антифашизмот, рамноправноста и почитта меѓу луѓето, без оглед на нацијата, верата, расата, полот се цивилизациски текови и вредности кои мораат да се негуваат.- изјави градоначалникот Зоран Ногачески по положувањето на свежо цвеќе.
