Apr 27, 2019
По повод утрешниот тажен ден, пред 18 години, кога во заседа, кај тетовското село Вејце, свирепо, беа убиени и масакрирани осуммина припадници на специјалните единици на МВР и на АРМ, во селото Слатино, општина Дебрца, се одржа комеморација пред Спомен обележјето на Игор Костоски.
Денес уште еднаш се поклонивме пред спомен обележјето во село Слатино и го одбележивме херојското дело, 18 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година, кај Вејце, Тетовско.28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа- 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.Судбината сакаше Дебрца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година. – кажа градоначалникот Зоран Ногачески.

Обраќање за настаните од воениот конфликт 2001 година и грозоморниот чин во Вејце имаше Добре Велјаноски од охридскиот огранок на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста.

На денешниот чин присуствуваа претставници на општина Дебрца, месната заедница село Слатино, Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста, со претседателот, генералот во пензија Филип Котели, роднини на Игор и граѓани на Слатино.
Нека им е вечна слава. И на Игор и на неговите другари, соборци.
Хероите никогаш не умираат.
Feb 28, 2019
Денес, 28 Февруари е Меѓународниот ден на ретките болести.
Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста во општеството за предизвиците со кои се соочуваат овие луѓе. Денес во светот 300 милиони луѓе се соочуваат со некаков вид на ретка болест, а има над 6.000 различни дијагнози.
Ретката болест значи недоволна заштита од здравствените органи на државата, недостаток на третман и лекарства, стигма од општеството. ЗАЕДНО ДА СЕ ИЗБОРИМЕ ТОА ДА СЕ ПРОМЕНИ.
На овој Ден сите треба да се потсетиме што се направило досега за пациентите и семејствата со ретки болести и што треба да се направи за да може да загарантираме посреќна иднина за ретките семејства.
Денес, заедно со учениците од ОУ “Дебрца” се приклучив на кампањата за поддршка на лицата со ретки болести.
На маичките го аплициравме мотото “Сите сме исти” , со што испративме порака да им пристапиме на сите тие личности што се ’ретки‘ како кон сите вообичаени личности што ги познаваме и со кои комуницираме, се дружиме, со кои работиме.
Општина Дебрца во Годишната програма за здравствена заштита има предвидено доделување на финансиска помош за набавка на терапија за лицата кои имаат ретка болест. Никој не треба да губи надеж, никој не треба да престане да се бори за подобар живот. Заедно да градиме иднина, да направиме иднината да се случи за семејствата што се соочуваат со живот со ретка болест.. – истакна градоначалникот Ногачески по средбата.

Feb 22, 2019
Денес градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со учениците-средношколци и студентите од општина Дебрца кои по објавениот конкурс од општината добија ученички, односно студентски стипендии за учебната , односно студиската 2018/2019 година.
Петнаесет средношколци кои имаат континуиран одличен успех ќе добиваат поддршка од по 1.500 денари месечно, а пет студенти по 2.500 денари, за времетраење од девет месеци во учебната, односно студиската година.
При врачувањето на решенијата и потпишувањето на договорите на учениците и студентите им посакав многу успех во образованието и ги уверив дека секогаш ќе ја имаат мојата и поддршката на општината.
И секогаш да се држат до најпознатата максима на Нелсон Мандела, според кого – oбразованието е најмоќното оружје со кое можете да го промените светот. – изјави градоначалникот Ногачески по предавањето на решанијата.,

Jan 15, 2019
Во чест на св. Василиј Велики или меѓу народот познат како Василица , традиционално како и секоја година во општина Дебрца се дели баничка со паричка од страна на кумот кој претходната година го пратеше најмногу среќа и берикет. Кумата Цвета Симеонова Филипоска која беше најсреќна изминатата година истакна дека паричката и донесе многу среќа, здравје и бериќет.
Според стариот обичај, од баничката секој добива по едно парче, а оној кој ќе ја добие паричката ќе има среќа и бериќет во текот на целата година. Ристо Наумоски од Одделението за правни прашања и општи работи е најсреќен во новата година од општинската администрација. Тој од колективот доби неколку подароци меѓу кој и икона со ликот на “Св. Богородица”.
Се верува дека на тој што ќе му падне паричката ќе го прати среќа во текот на целата година.


Градоначалникот Ногачески на сите православни христијани им го честита празникот Василица и посака многу здравје, среќа и бериќет во Новата 2019 година.
Dec 13, 2018
Дебрца – оаза на цивилизацијата
Општината Дебрца е една од врвните оази на културното наследство и природното богатство на Република Македонија, односно оаза на цивилизацијата.
Во овој сеуште девствен природен рај, очигледно е дека никогаш не сме биле сами. Тука вредните раце на голем број човечки души во изминатите столетија ги оформувале своите огништа.
Тука биле огромен број села и десетина древни градови и тврдини.
Поаѓајќи од нашата визија од Дебрца да создадеме високорангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација го спроведовме Проектот “Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018”.
Во рамките на проектот се изврши археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација.
Археолошките истражувања ги изврши истражувачки тим од Филозофскиот факултет Скопје, предводен од археологот, проф. Д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.
Средствата за реализација на Проектот , во износ од 100.000 денари се обезбедија од Буџетот на општина Дебрца, Програма за развој на културата во 2018 година.
Денес пред пошироката јавност го презентиравме Извештајот за археолошките истражувања.
И не застануваме тука. За следната година планираме археолошки истражувања на најзначајниот археолошки локалитет, Требенишкото Кале.
Нашата идеја е поранешниот задружен дом во село Требеништа да се преадаптира и прерасне во Дом на археолошкото наследство на Дебрца и да преставува значаен производ на археолошката туристичка понуда на Дебрца.
Dec 11, 2018
Во четврток 13.12.2018 година, со почеток во 11.00 часот, во салата за седници на советот на општина Дебрца, во село Белчишта ќе се презентираат резултатите од Проектот “Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018 “. Во рамките на проектот се изврши археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација.
Средствата за реализација на проектот, во износ од 100.000 денари се обезбедени од буџетот на општина Дебрца, конкретно од Програмата за развој на културата во 2018 година, а истражувањето го спроведе истражувачкиот тим на Филозофскиот факултет Скопје.
Презентацијата ќе ја изврши Раководителот на истражувачкиот тим, Проф. Д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Поканети се сите заинтересирани лица кои сакаат да ја проследат јавната презентација.