Nov 9, 2018
Денес во село Сливово со полижување на свежо цвеќе се одбележа јубилејот 75 години од формирањето на Првата Македонско – Косовска ослободителна ударна пролетерска бригада (МКНОУПБ) на 11 ноември 1943 година и Патронатот на ОУ “Дебрца”.
Делегација на општина Дебрца предводена од градоначалникот Ногачески, положи свежо цвеќе пред споменикот во Сливово и споменикот во Белчишта, по што присуствуваше и на свечената приредба за одбележувањето на патронатот на ОУ “Дебрца”.

Првата македонско-косовска ударна бригада била формирана на 11 ноември 1943 година во село Сливово, Дебарца. Бригадата се состоела од: Батаљонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот батаљон, Првиот косовски батаљон „Рамиз Садику“ и Вториот косовски батаљон „Боро Вукмировиќ“.
Освен Македонци, во редовите на бригадата се бореле и Срби, Црногорци, Албанци, Словенци.
Со цел формирање на бригадата, двата македонски и двата косовски батаљони биле концентрирани во Сливово уште на 10 ноември 1943 година. Наредниот ден, на 11 ноември, во претпладневните часови, членот на Врховниот штаб и делегат на ЦК на КПЈ, Светозар Вукмановиќ – Темпо, одржал говор по повод формирањето на бригадата. За командант бил поставен Петар Брајовиќ, за заменик командант Чеде Филиповски – Даме, за политички комесар Мита Миљковиќ и за заменик политички комесар Вера Ацева.
Во редовите на бригадата скоро 22% биле членови на КПЈ, а повеќе од 50% од младите биле членови на СКОЈ. Голем број од борците биле жени.
Aug 16, 2018
Денес во Волино се потпиша договорот и го означивме почетокот на градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда и нејзина пренамена во објект на локалната заедница.
Договорот го потпишаа Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион , Мирјана Лозаноска и Директорот на изведувачот на работите, градежната фирма Тане 2007 Дооел Охрид.
Средствата за реконструкција , во висина од 2.464.926,00 денари, без ДДВ се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, финансирање на проекти за развој на планските региони.
Старата училишна зграда во село Волино е изградена во далечната 1939 година и до 2013 година е користена како основно училиште. Генерации и генерации на ученици од Волино во неа го стекнаа своето образование.
Од 2013 година кога се изгради новото училиште објектот е вон функција. Со реконструкцијата објектот ќе се претвори во Центар на локалната заедница.
Според договорот градежните работи треба да завршат во рок од 70 дена.
Jul 22, 2018
Денес се одржа првата културна манифестација “Ѓомлезијада – Годивје 2018”,која во организација на КУД “Дебрца”, а под покровителство на општина Дебрца за првпат се одржа во дворот на Црквата “Св. Спас”, во село Годивје.
Градоначалникот Ногачески во своето обраќање до присутните истакна дека Дебрца освен со сочувани природно наследство, биолошка разновидност и автентичност, изобилува и со богато културно наследство, создавано од разните слоеви на цивилизации и култури напластени на овие простори низ историјата.
Дебрца има многу атрактивни села, цркви, манастири и свети места, како и археолошки локалитети, кои се недоволно заштитени или промовирани онака како што заслужуваат.
Затоа, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато културно наследство.
Богатствата што се секаде околу нас не се само обврска и завет, туку и ресурс кој може помогне за одржлив културен развој на општината, како и инспирација за и ние да оставиме вакви вредности за идните генерации.
Од тие причини, ја поздравувам и без размислување прифатив општина Дебрца да биде покровител на културната манифестација “Ѓомлезијада – Годивје 2018”.
Посебно ми е мило што истата се одржува во село Годивје, место кое во изминатиов период стана парадигма, односно симбол на нашата борба за зачувување на еколошката чистота и епската димензија на Дебрца.
Нашата заложба е јасна, култура до сите, култура за сите , култура во секој дел на општина Дебрца и за сите граѓани подеднакво.- истакна градоначалникот Ногачески.
Jan 26, 2018
Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.
Nov 12, 2017
Советот на општина Дебрца вчера ја одржа првата конститутивна седница. На седницата се верификуваа мандатите на новоизбраните членови на Советот, а за Претседател на Советот е избран Петре Голабоски, од советничката група на СДСМ.
Oct 18, 2017
Зоран Ногачески денеска од Општинската изборна комисија Дебрца го доби уверението со кое се верификува неговиот избор за градоначалник на Општина Дебрца. Новиот градоначалник Ногачески од СДСМ и коалицијата доаѓа на местото од досегашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Игор Трајкоски.
Со пригоден говор градоначалникот Ногачески изрази задоволство што изборите минале во мирна и демократска атмосфера и им посака успешна работа на новоизбраните членови на Советот на Општина Дебрца. (more…)