Select Page
Преку EU IPA грант Општина Дебрца набави нова механизација

Преку EU IPA грант Општина Дебрца набави нова механизација

Ветивме дека ќе го подигнеме квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.
Една од мерките за постигнување на таа цел е набавка на нова механизација за Јавното комунално претпријатие.
Денес конечно е реализирана набавката и од страна на избраните добавувачи е испорачана механизацијата и тоа:
– универзален ровокопач натоварувач ЈЦБ, опремен со нож за чистење на снег и мини ровокопач на гумена гусеница ЈЦБ, во вкупна вредност од 5.892.191 денари;
-трактор со приклучна механизација-приколка, мулчер и нож за чистење на снег, во вредност од 2.441.550 денари и
-теренско возило Лада Нива, во вредност од 714.347 денари.
Вкупната вредност на механизацијата изнесува 9.048.088 денари или 147.000 евра, а средствата се обезбедени од ЕУ ИПА грант ( 111.000 евра ), грантот за успешност ( 10.000 евра ) и буџетот на општина Дебрца ( 26.000 евра ).


Во оваа прилика, изразувам благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија за обезбедениот грант, Министерството за финансии кое го спроведуваше проектот / МСИП проектот за подобрување на општинските услуги и советниците во советот на општина Дебрца, кои едногласно го поддржаа овој проект.
На Јавното комунално претпријатие му посакувам успешно користење на механизацијата и грижа за истата како добри и совесни домаќини.
Граѓаните на Дебрца сакам да ги уверам дека дека ова не е крајот на нашите заложби да обезбедиме квалитетни комунални услуги. 
Напротив, во подготовка или во тек се и други проекти за кои набргу ќе информираме.
И да им посакам со здравје и леснотија да си ја користат новата механизација. –  изјави градоначалникот Зоран Ногачески по извршувањето на техничкиот прием на механизацијата.

 

Општина Дебрца со подршка за ретките болести

Општина Дебрца со подршка за ретките болести

Денес, 28 Февруари е Меѓународниот ден на ретките болести.
Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста во општеството за предизвиците со кои се соочуваат овие луѓе. Денес во светот 300 милиони луѓе се соочуваат со некаков вид на ретка болест, а има над 6.000 различни дијагнози.
Ретката болест значи недоволна заштита од здравствените органи на државата, недостаток на третман и лекарства, стигма од општеството. ЗАЕДНО ДА СЕ ИЗБОРИМЕ ТОА ДА СЕ ПРОМЕНИ.
На овој Ден сите треба да се потсетиме што се направило досега за пациентите и семејствата со ретки болести и што треба да се направи за да може да загарантираме посреќна иднина за ретките семејства.


Денес, заедно со учениците од ОУ “Дебрца” се приклучив на кампањата за поддршка на лицата со ретки болести.
На маичките го аплициравме мотото “Сите сме исти” , со што испративме порака да им пристапиме на сите тие личности што се ’ретки‘ како кон сите вообичаени личности што ги познаваме и со кои комуницираме, се дружиме, со кои работиме.
Општина Дебрца во Годишната програма за здравствена заштита има предвидено доделување на финансиска помош за набавка на терапија за лицата кои имаат ретка болест. Никој не треба да губи надеж, никој не треба да престане да се бори за подобар живот. Заедно да градиме иднина, да направиме иднината да се случи за семејствата што се соочуваат со живот со ретка болест.. – истакна градоначалникот Ногачески по средбата.

 

Доделени решенијата за ученички стипенди од општина Дебрца

Доделени решенијата за ученички стипенди од општина Дебрца

Денес градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со учениците-средношколци и студентите од општина Дебрца кои по објавениот конкурс од општината добија ученички, односно студентски стипендии за учебната , односно студиската 2018/2019 година.

 

Петнаесет средношколци кои имаат континуиран одличен успех ќе добиваат поддршка од по 1.500 денари месечно, а пет студенти по 2.500 денари, за времетраење од девет месеци во учебната, односно студиската година.
При врачувањето на решенијата и потпишувањето на договорите на учениците и студентите им посакав многу успех во образованието и ги уверив дека секогаш ќе ја имаат мојата и поддршката на општината.
И секогаш да се држат до најпознатата максима на Нелсон Мандела, според кого – oбразованието е најмоќното оружје со кое можете да го промените светот. – изјави градоначалникот Ногачески по предавањето на решанијата.,

Јубилејна изложба “100 години Требениште”

Јубилејна изложба “100 години Требениште”

По две години интензивни преговори и подготовки за одбележувањето на 100 годишнината од откривањето на некрополата на локалитетот Требениште, ни претставува особена чест и задоволство да објавиме дека оваа изложба која е од особено значење во археологијата, не само во Македонија, туку и на Балканот, а и пошироко ќе биде отворена за посетителите од март до август оваа година.

Каталогот кој е плод на посветената работа на еминентните археолози од Македонија, Србија и Бугарија и е специјално изготвен за оваа изложба е пуштен во продажба во Археолошкиот музеј.
Поради интересот од европската јавност за претставување на оваа изложба во Париз, Берлин, Виена и Загреб, ексклузивниот каталог е на англиски јазик со текстови од 26 автори.

На  настан по повод “100 години Требениште” говореа директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев, директорот на Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија , Христо Попов,
авторите, Крсто Чукалев од НАИМ при БАН, Вера Крстич од Народниот музеј во Белград , Перо Арџанлиев од АММ и редакторите Александра Папазовска од АММ и Татјана Цветичанин од НМБ.

Закажана 19-та седница на Советот на општината Дебрца

Закажана 19-та седница на Советот на општината Дебрца

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:  

 

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

за свикување на 19-та седница на Советот на општината Дебрца

 

Ја свикувам 19та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден  30.01.2019 година (среда), со почеток во 13.00 часот, во салата за седници на Советот на општината Дебрца.

За седницата се предлага следниот:      

Д Н Е В Е Н     Р Е Д 

  1. Усвојување на Записникот од 18-та седница на Советот на општина Дебрца
  2. Предлог – Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници во Општина Дебрца за 2019 година
  3. Предлог – Одлука за предавање во сопственост на движни ствари – машини, градинарски и друг алат на ЈКП „Дебрца“
  4. Предлог – Одлука за давање согласност на Одлуката за усвојување на Решението за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈПКД Дебрца за регулиран период 2019-2021 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РМ (бр. УП108-80/18 од 21.11.2018), и донесување на предлог тарифи-цени за снабдување со вода за пиење или водоснабдување за домаќинства и останати (правни лица)
  5. Предлог- Одлука за давање согласност на Одлуката за усвојување на Решението за утврдување на тарифа за собирање на урбани отпадни вода на ЈПКД Дебрца за регулиран период 2019-2021 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РМ (бр. УП108-81/18 од 21.11.2018), и донесување на предлог – тарифи –цени за собирање на урбани отпадни води за домаќинства и останати (правни лица)
  6. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 2215/2 КО Велмеј)
  7. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 2235/1 КО Велмеј)
  8. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 964, 963 и 962 КО Велмеј)
  9. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 412/1, 413/1 и 413/2 КО Волино)
  10. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 425/2 КО Оровник)
  11. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 94 и 88 КО Оровник)
  12. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 1824 КО Лешани)
  13. Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 722/2 КО Оровник)

 

  • Советнички прашања

 

СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА

                                                                                                    Претседател,

                                                                                                 Петре Голабоски

Годишна средба на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“

Годишна средба на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“

Градоначалникот Ногачески денес беше гостин на годишната средба на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“, на која беше презентиран извештајот за сработеното во минатата година, под мотото: „Предвидовме многу, направивме уште повеќе“.
Во своето обраќање до младите акцијаши посебно истакна дека Општина Дебрца останува посветена да ги поддржи сите нивни програмски активности и дека се чувствував почесен кога ми беше предадено знамето на младинската бригада од Дебрца од 1978 година која што беше на Младинската работна акција во Плачковица. Многу ми е мило што гледам многу млади, кои што продолжуваат една традиција која што ние постарите ја знаеме и бевме дел, некои повеќе, некои помалку на тие младински работни акции во поранешната заедничка држава.
Очекувам оваа година во рамките на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“, да биде формиран клуб на млади акцијаши-волонтери од општина Дебрца.