Во Општина Дебрца се одржа работилница во рамки на проектот EcoFire Youth Ambassadors, реализирана во партнерство со Доброволните противпожарни организации од Охрид и Дебрца и со активно учество на локални чинители.
Проектот е финансиран преку Landscape Fire Management in the Western Balkans Programme (LFMWB), имплементиран од Farmahem, а негов носител е Здружението за екологија ЕКОМЕНЛОГ – Охрид. ЕКОМЕНЛОГ, основано во 2015 година, е препознатливо по својата мисија за заштита на природата и подигнување на еколошката свест во регионот на Охридското Езеро преку научни истражувања, образовни програми и активно вклучување на заедницата.
📅 Проектот трае 14 месеци (ноември 2024 – февруари 2026) и има за цел да зајакне капацитети за превенција и управување со пожари, преку изградба на растителни противпожарни појаси, обука на млади амбасадори, интеграција на традиционални практики и примена на иновативни технологии.
Почетокот на активностите симболично беше означен со расчистување на дивата депонија која ќе биде дел од зафатот на кој ќе се простира растителниот противпожарен појас
Ќе се изврши и набавка на противпожарна опрема која ќе биде ставена во функција на ДПД,,Ентузијаст”-Дебрца.
🤝 Работилницата ја потврди заедничката посветеност за градење поотпорен регион, каде што традицијата и иновацијата се надополнуваат за одржлива иднина на Охридското Езеро и Дебрца.
Ја поздравувам секоја активност за пуштање на Автопатот А2 во функција.
Меѓутоа,со оглед на тоа да автопатот во најголем дел поминува низ нашата општина,со секое пуштање на делница од Автопатот се создаваат проблеми за граѓаните кои живеат во селата покрај Автопатот.
Проблемите се поради недоизградените или несоодветно изградените пристапни патишта и немањето соодветни приклучни места за селата на Автопатот.
Такви проблеми прво се јавија за селата Песочани,Ново Село,Црвена Вода,а сега за Оровник и Горенци,а исти проблеми ќе бидат и за Мешеишта,Волино и Требеништа.
Изградениот пристапен пат за клучката кај Аеродромот е вон сообраќајните стандарди и несоодветен за поголемиот дел од селата кои гравитираат во тој дел.Изминативе денови сме сведоци на многу проблеми,а најмногу во одвивањето на општинскиот линиски превоз на патници.
Како општина,со повеќе барања сме обратени до ЈП за државни патишта со кои се бара решенија за сите села,за нивно безбедно и најекономично приклучување на Автопатот.
И во оваа прилика ги повикувам најодговорните за изградба на Автопатот да најдат сообраќајни решенија по нашите барања.
Автопатот е повеќе од потребен,но во никој случај не смее да биде пречка за нормалното функционирање на нашите граѓани и населени места.
За почетокот на новата учебна 2025/2026 година –Градоначалникот Зоран Ногачески им приреди свечен прием за 20 те првачиња од ООУ Дебрца.
Посакувајќи им топло добредојде во светот на знаењата, на првачињата им додели училишен прибор, кој традиционално го донира фондацијата „Капинков“ на Драган Капинков, бизнисмен од Перт, Австралија, родум од битолското село Цапари.
Пред првачињата и родителите уште еднаш ја потенцира заложбата дека како локална самоуправа, постојано ќе вложуваме во училишната инфраструктура, во наставниот кадар и мотивирани ученици, се со цел учениците во општина Дебрца да бидат меѓу најдобрите.
И оваа година општина Дебрца на сите првачиња ќе им додели еднократна парична помош од по 5.000 денари.
И во оваа прилика изразувам благодарност до фондацијата „Капинков“ на Драган Капинков и до почесниот конзул на Република Македонија во Перт, Г дин Зоран Ќосески , по чија иницијатива фондацијата од 2013 година непрекинато пред почетокот на секоја учебна година доделува училишен прибор за првачињата од општина Дебрца.
Оваа година подароци за првачињата донираа и Министерството за образование и наука и Комерцијална банка АД Скопје.