Jun 7, 2021
Инвестираме во учениците и студентите и нивната мотивација за постигнување на особени резултати во учењето.
Ве информирме дека од сметката на општинскиот буџет се исплатени 202.500 денари за ученички стипендии за учебната 2020/2021 година и 135.000 денари за студентски стипендии за студиската 2020/2021 година или вкупно 337.500 денари.
Jun 6, 2021
Деновиве Центарот за граѓански комуникации го објави 📃Извештајот за активна транспарентност на 97 јавни институции за 2021 година.
За потсетување, според Индексот на активна транспарентност 2017 ( за период на претходната локална власт), општина Дебрца го зазеде 86-то место од вкупно 97 институции, со резултат од 16,4 % остварени позитивни показатели, со оценка “многу слаба транспарентност”.
Според Индексот на активна транспарентност 2020, општина Дебрца го зазеде 44-то место од вкупно 98 институции, со резултат од 63,8 % остварени позитивни показатели , со оценка “добра транспарентност”.

Според Индексот на активна транспарентност 2021, општина Дебрца го зазеде 38-то место од вкупно 97 институции, со резултат од 72,5 % остварени позитивни показатели , со оценка “добра транспарентност”.
Од 2017 година до 2021 година во поглед на транспарентноста општина Дебрца направила позитивен скок од 48 места!
Од сосема нетранспарентна и затворена општина стигнавме до препознатлива и отворена општина.
И во наредниот период посветено ќе работиме на концептот отворена и транспарентна општина .
Целта ни е , со примена на стандардите за е-транспарентност да стигнеме во групата на институции со многу добра транспарентност ‼️ ✅
Jun 4, 2021
Општина Дебрца ги изветува жителите на село Требеништа дека согласно проектот за Водоснабдување на повеќе села во општина Дебрца во Сабота 05.06.2021 год. ќе се изведуваат градежни работи на улицата на влезот во Требеништа од магистралниот пат кај подпатникот при што во период од 08 до 13 часот ќе биде во прекин сообраќајот, се замолува месното население да користат Алтернативни улици.
Општина Дебрца
ГРАДОНАЧАЛНИК
Зоран Ногачески
May 12, 2021
Општина Дебрца ги повикува граѓаните кои имаат материјални штети на овошните насади предизвикани од атмосферската непогода – доцни пролетни мразеви која ја зафати територијата на општината во деновите: 15 и 16 Април 2021 година да ја пријават штетата на своите насади до Комисијата за проценка на штети на општина Дебрца.
- Барањето за пријавување на штета на земјоделските насади може да се преземе на од веб страната на www.debrca.gov.mk и пополнето со бараните податоци се доставува до архивата на општина Дебрца.
- Покрај барањето секој барател треба да достави:
- копие од лична карта со изјава за користење на личните податоци потпишана од барателот;
- копие од трансакциска сметка;
- доказ за основ на користење на земјиштето за насадите ( копие од решение за запишување на земјоделско стопанство во Единствениот регистар на земјоделски стопанства издадено од МЗШВ; копие од имотен лист; копие од договор за закуп ).
- Пријавувањето на штетите може да се изврши во рок од 15 дена, односно најдоцна до 26.05.2021 година.
За сите дополнителни информации може да се обратите на тел. 046 286 855.
ОПШТИНА ДЕБРЦА
Комисија за проценка на штети
Бараната документација може да ја спуштите тука.
- Пријава
- Изјава
Apr 29, 2021
Советот на општина Дебрца денес ја одржа 47-ма редовна седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
- На оваа седница Советот ги усвои Извештаите за работа на Центарот на Југозападниот плански регион во 2020 година. Во текот на 2020 година преку Центарот на Југозападниот плански регион во општина Дебрца беа имплементирани следните проекти: Реконструкција на патен правец за село Арбиново, доизградба на патен правец село Волино/општина Дебрца-село Мороишта/општина Струга и реконструкција на Дом на култура село Требеништа/прва фаза.
- Советот донесе одлука за проширување на средствата во Буџетот на општина Дебрца за 2021 година, со која во делот на основното образование се предвидени дополнителни 926.000 денари, обезбедени од донација преку Еразмус програмата.
- Советот ја усвои Годишната програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Дебрца за 2021 година, со која се планираат конкретните мерки и активности за заштита од заразни болести.
- Советот го усвои Анексот на Годишната програма за работа на ООУ Дебрца во учебната 2020/2021 година, со кој работењето на основното училиште се прилагодува кон новонастанатите услови предизвикани од ковид 19 кризата.
- Советот ги усвои одлуките за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност Дебрца за периодот 01.10.2020-31.12.2020, завршната сметка за 2020 година, како и на годишните извештаи за спроведување на утврдените тарифи за водоснабдување и одведување на отпадни води.
- Советот ги усвои измените на персоналниот состав на општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди. Постапувајќи по барања на загрижени земјоделци, кои претрпеа штети на овошните насади од доцните пролетни мразеви, во наредниот период комисијата ќе објави повик за пријавување на штетите.
- Советот донесе одлука за за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата – дом с.Требеништа, со намена за отворање на откупен пункт за земјоделски производи. Со јавниот повик, кој ќе биде објавен ќе се повикаат сите заинтересирани инвеститори за отворање на откупен пункт за земјоделски производи.
Apr 23, 2021
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 47-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 47–та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 29.04.2021 година (четврток), со почеток во 12.00 часот, салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на Записникот од 46-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Дебрца за 2021 година
- Предлог – Одлука за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата – дом с.Требеништа
- Предлог – Програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Дебрца за 2021 година
- Предлог – Одлука за усвојување на годишните извештаи за работењето на Центарот за развој на југозападен плански регион во 2020 година
- Предлог – Одлука за усвојување Анекс на Годишната програма за работа на ООУ „Дебрца“ с.Белчишта за учебната 2020/2021 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност Дебрца за период од 01.10.2020 година – 31.12.2020 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на годишната сметка – извештај за работењето на ЈП за комунална дејност „Дебрца“ за 2020 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на Годишниот извештај за спроведување на утврдените тарифи – водоснабдување за 2020 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на годишниот извештај за спроведување на утврдените тарифи – собирање и одведување на урбани отпадни води за 2020 година
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Петре Голабоски