Во рамките на активностите за одбележување на Денот на европската соработка, денес, заедно со парнерите, Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област “Јасен” и Шумарскиот факултет го претставивме и симболично го означивме почетокот на Проектот “Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓу-граничната област / Македонија-Грција”.
Наши партнери од Република Грција се Грчката национална организација за земјоделски науки “Деметер” Солун и општина Терми, Солун.
Проектот е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK GR ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа на РМ ( 15 % ).
Целта на Проектот е да се обезбеди одржливо управување со заштитените области, екосистемите и биодиверзитетот.
Со Проектот за општина Дебрца се обезбедени вкупно 219.555,79 ЕУР, кои ќе се искористат за повеќе проектни активности, како што се:
-подготовка на оригинални слики и видеа од локална флора во Белчишкото Блато, развој на мобилна андроид апликација и реконструкција на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато.
Проектот е во функција на нашите заложби Дебрца ( во случајов Белчишкото Блато “Сини Вирој” ) да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација.
Нашите заложби се да обезбедиме квалитетно образование за сите ученици во нашата општина. За таа цел, ја подобруваме образовната инфраструктура и применуваме повеќе мерки за мотиварање на учениците да постигнуваат подобри резултати во воспитно-образовниот процес. Од вчера, 01 Октомври воведовме ужинка за секој ученик во основното училиште. Секој ученик ќе добива ужинка во текот на учебната година. Средствата за ужинката, во износ од 1.200.000 денари се обезбедени во буџетот на општина Дебрца. Со оваа мерка сакаме малку да го растеретиме семејниот буџет на родителите, а повеќе да го потенцираме социјалниот моментум, односно до израз да дојде социјалната рамноправност на учениците. Продолжуваме и со другите мерки: бесплатна екскурзија, финансиска поддршка за талентираните ученици, награда за првенец и ученици на генерација, поддршка за училиштните спортови – изјави градоначалникот на општината Зоран Ногачески
Минатиот месец работевме на подобрување на патната инфраструктура во општината и успешно ја извршивме Годишната програма за изградба, реконструкција, одржување и заштита на општинските патишта и улици во општина Дебрца за 2018 година,донесена од советот на општината.
Согласно Програмата асфалтиравме и реконструиравме улици во повеќе села во општината и тоа:
-село Белчишта, дел од улица до Црква “Св.Никола”, во должина од 75 метри;
-село Арбиново, дел од улица до Црква “Св.Атанасије”, во должина од 175 метри;
-село Требеништа, две улици, во должина од 320 метри;
-село Горенци, улица во должина од 170 метри;
-село Оровник, улица во должина од 190 метри.
Беше извршено крпење на ударни дупки на повеќе општински патишта и улици во населените места во општината.
Изведувач на работите беше “Илинден” АД Струга, а вкупната вредност на работите изнесува 4. 126.460,00 денари.
Од ЈП за државни патишта се обезбедени 3.167.954,00 денари, а преостанатите средства, во износ од 958.506,00 денари се обезбедени од Буџетот на општината Дебрца за 2018 година. – изјави градоначалникот Ногачески.
Деновиве интензивно работиме на пробивање на патот од Требенишкото Езеро до археолошкиот локалитет “Требенишкото Кале”. Патот со години не е прочистен и e обраснат со густа вегетација.
Првенствено го пробивме патот до новоизградената црква “Света Петка”, во должина од 600 метри.
До понеделник ќе ги допробиеме и другите околу 1,5 км од патот и ќе стигнеме до планинскиот врв “Габер”, односно до “Требенишкото Кале”, најпознатиот археолошки локалитет во општина Дебрца.
Овој град имал доминантна позиција со извонредно стратегиски можност за контрола на целото Струшко Поле и патиштата од Дебар и од Струга кон Пелагонија и од Кичевско кон Лихнид (Охрид). Комплексни културни хоризонти од архајското време до доцната антика, 6 век н.е., големата градска површина од 4.66 хектари, пак, укажувале на посебно значаен град кој секако бил еден од градовите во Десаретија.
Иако светски познат локалитет, сепак недоволно промовиран. Наша обврска е тоа да го промениме. – изјави градоначалникот Ногачески.
Вчера и денес учениците од ОУ „Дебрца“ ги реализираа активностите од Отворената фудбалска школа 2018, која финансиски, со 100.000 денари беше поддржана од општина Дебрца.
„Овие два дена прекрасно изгледаше спортскиот полигон во Мешеишта, во што лично се уверив при денешното дружење со учениците.
Исто така, со еколошка акција за чистење на училишните дворови го одбележавме и 15-ти септември, Светскиот ден на чистењето.“- вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Како што вели градоначалникот Ногачески, како локална самоуправа и во иднина безрезервно ќе го поддржуваат секој проект и активност за спортско издигнување на учениците и развој на училишниот спорт.
Денес во Волино се потпиша договорот и го означивме почетокот на градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда и нејзина пренамена во објект на локалната заедница.
Договорот го потпишаа Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион , Мирјана Лозаноска и Директорот на изведувачот на работите, градежната фирма Тане 2007 Дооел Охрид.
Средствата за реконструкција , во висина од 2.464.926,00 денари, без ДДВ се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, финансирање на проекти за развој на планските региони.
Старата училишна зграда во село Волино е изградена во далечната 1939 година и до 2013 година е користена како основно училиште. Генерации и генерации на ученици од Волино во неа го стекнаа своето образование.
Од 2013 година кога се изгради новото училиште објектот е вон функција. Со реконструкцијата објектот ќе се претвори во Центар на локалната заедница.
Според договорот градежните работи треба да завршат во рок од 70 дена.