Apr 11, 2019
Од 11 до 13 Април градоначалникот Ногачески ќе биде во работна посета на Холандија.
Во Холандија ќе ја посетам фабриката, односно постројката за отпад – енергија HVC Alkmaar.
Станува збор за современа постројка за собирање и рециклирање на отпадот.
Тие од отпадот прават и повеќе!
Произведуваат и испорачуваат обновлива енергија преку HVC KringloopEnergie. Добиваат топлина, електрична енергија и зелен гас од биомаса, сонце, ветер и GFT. На тој начин работат за оддржлива Холандија.
Целта на посетата е на лице место да се запознаам со најсовремената технологија за третман на отпадот, како контрааргумент на технологијата која ни ја понуди грчкиот консултант Енвироплан за управувањето со отпадот во Југозападниот плански регион.- изјави градоначалникот Ногачески.
Apr 10, 2019
Ветивме дека за сите спортски фудбалски клубови од општината кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ќе ја зголемиме финансиската поддршка и ќе обезбедиме средства во висина на котизацијата за соодветниот ранг на натпреварување и тоа континуирано го правиме.
И не само тоа.
Не ветивме, а исполнивме.
Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2019 година за сите фудбалски клубови од општина Дебрца кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ( ФК “Свети Петар”, Лешани, ФК “Злести”, ФК “Дебрца”, Белчишта –општинска лига и ФК “Сатеска”, Волино – регионална лига ) обезбедивме комплет спортска опрема ( по 20 дресови, шорцеви, штуцни, тренерки и по три фудбалски топки ).
Спортската опрема денес им ја предадов на претставниците на клубовите.
Средствата за набавка на спортската опрема во износ од 300.000 денари се обезбедени од буџетот на општината за 2019 година.
Парите на граѓаните ги враќаме назад кај граѓаните, овојпат кај спортистите.
И во иднина општината финансиски ќе го поддржува спортот, бидејќи вложувањето во спортот е вложување во здравјето.



Apr 5, 2019
Денес градоначалникот Зоран Ногачески оствари работна средба со водокорисниците од Мешеишта, Волино, Климештани, Велмеј, Лешани и Издеглавје на која присуствуваше и Директорот на регионалната подружница на државното водостопанство, “Црни Дрим” , од Охрид, со неговите соработници.
Водокорисниците со право ги изнесоа проблемите кои ги имаат со нефункционалното наводнување на земјоделските површини. Пред почетокот на сезоната за наводнување каналите за наводнување не се исчистени, практика која по укинувањето на функционалните водни заедници веќе трета година со ред се повторува.
Ги разбирам и во целост ги поддржувам. Всушност и јас на оваа средба присуствував во својство на водокорисник. Минатата година, како и другите водокорисници и јас не успеав да добијам вода за наводнување на мојот овоштарник.
Заклучивме, најитно да се оствари средба на водокорисниците со Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство и Директорот на државното водостопанство.
Апелирам, оваа средба да се оствари и да се преземат конкретни активности. Време за дејствување речиси и да нема.
Во спротивно, последиците за земјоделците ќе бидат катастрофални.- изјави градоначалникот Ногачески по средбата.
Apr 2, 2019
Општина Дебрца имајќи ги во предвид своите законски надлежности во доменот на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните, отпочна со постапка за изработка на Локален еколошки акционен план (ЛЕАП). Овој документ претставува највисок локален стратешки документ за управување и заштита на животната средина на ниво на општина. ЛЕАП документот претставува основа за планирање на заштитата на животната средина во период од 6 години, преку проценка на моменталната состојба, идентификација на проблеми, дефинирање на мерки за заштита, зголемување на јавната свест и следење на имплементацијата.
Вклучувањето на јавноста во изработката на ЛЕАПот е од суштинско значење, поради што општина Дебрца ја повикува целата јавност во изразување на своето мислење преку пополнување на анонимен анкетен прашалник за испитување на јавното мислење околу проблемите со животната средина. Во продолжение ќе го најдете линкот до прашалникот што може електронски да го пополните.
Исто така, сите оние граѓани кои активно сакаат да земат учество со свој допринос во некоја од работните групи за изработка на ЛЕАП ги охрабруваме да се пријават и да ги остават своите податоци во општина Дебрца. Нацрт План за вклучување на јавноста
Анкетен прашалник за испитување на јавното мислење: ТУКА
Прашалникот ќе биде активен во период од еден месец од денот на објавување на соопштението.
Ви благодариме однапред.
ОПШТИНА ДЕБАРЦА
Градоначалник
Зоран Ногачески
Apr 1, 2019
Со денешниот ден и официјално општина го започна пролетното чистење кое континуирано ќе се спроведува во наредните месеци, се со цел чиста и зелена општина Дебрца.
Сите овие еколошки активности ќе бидат под мотото: “Не фрлај, не загадувај! Немаш изговор!”
Почнавме со чистење на дивата депонија покрај патот село Издеглавје – село Оздолени.
Изразувам голема благодарност до фирмата ЗК “Агро Михајло”, сопственост на Паско Тодороски, која како општествено одговорна фирма го помогна чистењето на депонијата.
Апелирам, сите да бидеме општествено одговорни и совесни граѓани и да не го загадуваме она што природата ни го дарила. – изјави градоначалникот Зоран Ногачески.