Select Page
Соработката на Општина Дебрца со невладините организации носи резултати

Соработката на Општина Дебрца со невладините организации носи резултати

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со претставници од Ботаничкото друштво од Женева. Шеснаесет научници – ботаничари направија прошетка на Белчишко Блато и се воодушевија од богатството на растителен биодиверзитет. Градоначалникот ги запозна гостите со можностите кои ги нуди блатото како за научни истражувања, така и за развој на екотуризам и за плановите на Општина Дебрца за проекти поврзани со него.

Разгледот на блатото беше овозможен од проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко Блато (Сини Вирој)“, имплементиран од здружението „Екотуризам 2016“, и канцеларијата на UNDP, а финансиран од ЕУ, односно координаторот Ѓоко Зороски и проф. д-р Бојан Симовски од шумарскиот факултет, Скопје.
Задоволни од виденото, научниците ќе ги преточат своите впечатоци во статија во нивниот годишен журнал. Тоа ќе придонесе за промоција на блатото за швајцарските туристи како екотуристички локалитет и се отвора поле за соработка со општината.
Инаку, Ботаничкото друштво од Женева е угледна организација, основана во 1875 година која се занимава со проучување на флората од Европа, организира научни екскурзии и издава научни списанија.

Oдбележани 74 години од победата над фашизмот и Денот на Европа.

Oдбележани 74 години од победата над фашизмот и Денот на Европа.

Денес, со посета на Споменикот на револуцијата, победата и слободата „Кременатец“ и споменикот на паднатите борци пред општинската зграда во с.Белчишта и бистата на Трајче Дојчиноски, со положување свежо цвеќе и историски час се одбележаа 74 години од победата над фашизмот и Денот на Европа.
Ние, граѓаните на Дебрца сме посебно горди на овој Ден, бидејќи Дебрца е местото каде се исковани најголемите придобивки од НОАВМ, 1941-1945 година.
Овој ден се одбележува и како Ден на Европа, бидејќи го означува пресвртниот момент во кој е дефиниран идниот изглед на Европа,а познатата Шуманова декларација, се смета за почеток на формирањето на денешната Европска унија.
9 мај треба да послужи и како потсетник дека фашизмот во Европа и во светот никогаш не е искоренет и вистински поразен и дека против него треба да се бориме и денес, секојдневно, бидејќи антифашизмот, рамноправноста и почитта меѓу луѓето, без оглед на нацијата, верата, расата, полот се цивилизациски текови и вредности кои мораат да се негуваат.- изјави градоначалникот Зоран Ногачески по положувањето на свежо цвеќе.

Големина на Фонт
Контраст