Feb 7, 2019
Селото Белчишта е сместено во котлината Дебрца и воедно представува административно седиште на Општина Дебрца,во околината на градот Охрид. Околни села се Ботун и Ново Село на запад и југозапад, Злести на југ, Горно и Долно Средоречје на исток, и Издеглавје и Песочани на север и северозапад. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото се наоѓале и селата Белчишта, Горно и Долно Средоречје и Злести. Од 1952-1955 во тогашната Општина покрај Белчишта се наоѓале и селата Ботун, Брежани, Велмеј, Горно и Долно Средоречје, Грко Поле , Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода. Во периодот од 1955-1965 селото било седиште на некогашната Општина Белчишта, а од 1965-1996, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Охрид.Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта.

Во 19 век, Белчишта се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебрца, во Отоманското Царство. Според податоците од 1900 година, во селото Белчишта имало 650 жители, сите Македонци христијани, а според други податоци во 1905 година во Белчишта имало 752 жители. Во 1948 година бројот на жители сеуште е во пораст 989, за да во 1953 стигне до 1,122, а во 1961 во Белчишта брои 1,203 жители. Во 1971 година наталитетот почнува да опаѓа и бројот на жители е 788, во 1981 изнесува 615 жители. Десет години подоцна во 1991 бројот на жители повторно е во пораст 620, во 1994 бројката се намалила на 489, а според истражувањата во 2002 бројот на жители во Белчишта е 437.
Белчишта е старо македонско православно село, си во него има многу староседелски родови, како и малку доселенички. Некои истражувања покажуваат дека во селото има два вида на родови.

- Староседелски родови се: Каљушовци, Гредивци, Прлевци, Буљуковци, Шеќировци, Лупановци, Тошевци, Боцевци, Поповци и Бутевци.
- Доселенички родови се: Таневци, доселени од селото Требеништа, Крчевци доселени од селото Слатино, Соколовци доселени се од селото Мешеишта, Чифлижановци и Василевци кои не го знат местото на старина.
Според некои истражувања во 1948 година родови во селото Белчишта се:
- Староседелци: Таневци, Дојчиновци, Блажевци, Аировци, Стевевци и Боцевци, Зељаровци, Гредовци, Мицковци, Буљуковци, Мушевци, Нејковци, Опеловци, Кулевци или Циљковци, Гуцевци, Чечовци, Крчевци, Тошевци, Кочовци и Шаќировци.
- Доселенички родови: Косарковци доселени се од селото Брежани, Рајчиновци доселени од селото Рајчица Дебарско, Лукачовци се доселени од Луково Дњбарски Дримкол, Малинковци и ти се доселени од Брежани, Веровци и Гушевци доселени се од Охрид.
- Доселеници со непознато потекло: Букалевци и Китевци.
- Роми :Максутовци доселени се од Кичево.
Селото Белчишта брои неколку цркви:
- Црква Св.Никола-тоа е црква обновена во 1977 год. и во неа има зачуванао иконостас од 19 век.
- Црква Св. Атанасиј -тоа е новоизградена црква на излезот од селото.
- Црква Јован Крстител-параклис.
- Црква Св.Василиј-параклис.
Селска слава во село Белчишта е Танасовден.
Во Белчишта постојат и општествено административни,културни, здравствени и образовни установи.Под административни спаѓаат:
- Општината
- Месната заедница
- Пошта
- Полиција
Под здравствени установи во село Белчишта спаѓаат:
Културни установи во село Белчишта се:
Образовни установи во Белчишта е:
Селото Белчишта е познато по Сините Вирој или како што го нарекуваат Белишко блато. Тоа претставува реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоцентот. Со повлекување на езерото по должината на реката Сатеска, бројни ендемични видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму во водите на блатото. Белчишкото блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија. Подрачјето на блатото се користи од околните жители за напасување и поење на стока, за косење, лов, риболов, и рекреација. Самото пространство на мочуриштето претставува и изворишен дел на реката Матица, кое кон север и исток е обработено со возвишението Габер кое е издадена западна огранка на Илинска Планина, додека кон југ и исток е отворено кон пространа рамнина на котлинското дно на Дебрца со надморска висина од 767 метри, при што блатото се напојува од повеќе студени извори како што се Св.Ана, Св.Јован и уште неколку близу црквата Св.Петка.Иако теренот е непристапен, некои истражувања покажале дека во мочуриштето постои голема разновидност на флората и фауната.Во овој воден еко систем живеат вкупно 55 различни растителни видови и седум различни видови на риба.Исто така има и девет видови на птици, девет цицачи, девет водоземци и влекачи, како и 14 претставници на без’рбетници.Во минатаото во мочуриштето живееле големи јата на патки кои биле предмет на лов од мештаните.
Во селото Белчишта до 1948 од родовите поединечно се знае за нивното иселување.Од Таневци има иселеници во САД, и во Охрид, од Дојчиновци има во САД и во Битола.Од Стевчевци иселеници има во САД, од Кулевци и Аировци има во САД, од Буљуковци има во САД и во Јабука,Војводина.Од Кочовци,Шаќировци,Лукачовци има иселеници во САД.

Feb 7, 2019
Брежани е село во Општина Дебарца, во околината на градот Охрид.
Брежани се наоѓа на 25 километри воздушна линија од Охрид помеѓу планинските масиви Илинска Планина и Мазатар на надморска височина од 985 метри. Со магистралниот пат Охрид – Скопје се поврзува кај селото Ботун. Се ноѓа на 6 км.јужно од селото Велмеј. Од градот Охрид е оддалечено 32 километри. Сместено е во крајниот југоисточен дел на областа Дебарца во горниот тек на Брежанска река. Во долината на Брежанска Река се редат извор до извор, поради што народот вели дека Брежани има добра земја, здрава вода и убав свет. Илинска Планина источно од Брежани се поврзува со Плакенска Планина, при што тие претставуваат единствен планински венец кој се протега во меридијански правец север – југ. Кај Брежани се наоѓа преминот (превојот) помеѓу областите Дебарца и Железник (Демир Хисар), поради што во минатото на овој простор активно бил развиен сообраќајот.
Атарот на селото Брежани граничи со атарите на следните села: од север и североисток Велмеј и Големо Илино, од исток и југоисток Мало Илино, Базерник и Слоештица, од југ Плаќе, Речица и Куратица.
Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Селиште, Илинска црква, Бигла, Јаоречка црква, Рамни газ, Влашко село, Попова нива, Старо село, Папи, Речка, итн.
Селото е со куќи од збиен тип и има 3 маала кои се делат по родовите Василевска или Долна, Белевска и Цветковска маала.
Брежани е доста старо село. Најпрвин селото се наоѓало во месноста Селиште, 2 километри над селото, а за време на турското владеење селаните од тоа место пред околу 170 години го основале селото на денешната местоположба. Дел од жителите на тоа постаро село се населиле и во селото Велмеј. Во атарот на Брежани, постои и месноста Старо Село, на која селаните често ископувале и пронаоѓале остатоци од ѕидини и ќупови.
Населението од Брежани активно учествувало во текот на Илинденското востание па поради тоа Турците го запалиле селото, и ги запалиле сите 98 куќи во селото,при што некои Брежанци биле одведени во Дијарбекир и не се вратиле. Во 1912 година Македонија подпаднала под Србија и поради тоа што населението биле големи противници на србските интереси, и што не се прифаќале за Срби од страна на србските власти биле убиени некои брежанци, а некои биле присилно мобилизирани и закинале како српски војници.
Со нападот на Југославија, на шести април 1941 година, од страна на Германија, и нејзините сојузници Италија и Бугарија ја окупирале Македонија, при што Македонија отпрва била поделена помеѓу Бугарија и Германија. Единствено Брежани од цела Дебарца подпаднала под Бугарија, така што регулирала војници од Брежани да служат во Стара Загора, Самоков, Пловдив, Софија, Сливен, Серес, Драма, Кавала и на други места.
Во 1900 г. Во Брежани имало 560 жители.Огромен број се иселиле за што сведочи и драстичнио пад на бројот на населението во селото. Во 1961 г . живееле 547 жители, додека во 1994 само 56 жители, сите Македонци. Во 2002 г. Селото брои 31 жител.
Брежани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско население.
Родови во Брежани се: Василевци ,Белевци и Цветковци сите родови се староседелски кои живееле во месноста Селиште, а во минатото сите родови имале многу поголем број на куќи од сегашниот, но се смалиле поради иселување.
Според истражувањата во 1948 родови во селото Брежани се:
- Староседелци: Сукловци -се делат на Соколевци и Станковци; Белевци -се делат на Трпчевци и Поповци; Терзијовци ; Угриновци – еден дел од родот се вика Бошковци, кој е изумрен по машка линија, се имаат селено во Житоше, прилепско и вратено назад; Струмовци; Крстевци; Лаловци и Дамјановци.
- Доселенички родови: Десановци и Цветковци доселени се од раселеното село Јаор.
С.Брежани може да се пофали со големиот број на цркви и манстири.
- Црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа на северниот дел од селото. Таа е еднокорабна градба. Градена е од кршен камен, венец од бигор, со полукружна апсида. Црквата потекнува од 19 век. Во поново време е преправана, само апсидалниот дел е остаток од постарата градба. Треба да се нагласи дека и постарата градба е обновена врз постар објект. За тоа зборуваат постарите средновековни гробни конструкции што се наоѓаат во дворот, посебно кон исток. Однадвор црквата е малтерисана, а внатрешноста е со полуоблест свод. Постариот живопис не е сочуван. Апсидалниот дел е единствен што е зачуван оригинален дел од постарата црква. Влезот е од јужната страна, како и ѕвоното. Во внатрешноста постои иконостас со постари пресликани икони.
- Манастир „Св. Петар и Павел“. На околу 300 м. од последната куќа на с. Брежани се наоѓа манастирот посветен на првоапостолите Петар и Павел.По кажување на Стојан Спироски, жител на ова село, црквата била изградена по сон на неговата сопруга Љуба, а со градба се започнало во 1991 година, а била живописана во 1998 година. Иконостасот бил направен од страна на Цветко Маркоски, а иконите се дело на Ристе Никески. Денес оваа црква претставува вистински манастир со придружни објекти и трпезарија.
- Црквиште- на 4 – 5 километри северно од Брежани во месноста Јаорец се наоѓаат остатоци од стара црква со димензии 6 х 3,5 м. и разурнат иконостас со икона на која е претставена Св. Богородица со Христос. Црквата е запуштена во непознато време, а денес овој локалитет, како и видливите стари средновековни гробишта, е обраснат со трева. Овој локалитет е познат како Црквиште.
- Јужно од црквата Свети Петар и Павел, на околу 20 м. се наоѓаат две мали капели, едната посветена на Св. Петка, а другата на Св. Петар и Павел. Според кажувањето на постарите жители на ова село, на ова место од памтивек луѓето палеле свеќи, а некогаш на ова место имало Лекојта вода.
- Исто така јужно од овие капели, на околу триесетина метри, се наоѓа култно место на кое што жителите од селото палат свеќи, а местото се вика Свети Спас.
- Во средишниот дел на с. Брежани се наоѓа локалитетот Св. Никола. На ова место е изградена правоаголна градба, без апсида, без живопис и иконопис.
Постојат и двата познати локалитети во село Брежани:
- Локалитетот Манастириште. Северозападно, на 5 км. од селото Брежани, десно од меѓуселскиот пат Брежани – Велмеј кај Јаоречка река, едно стотина метри над месноста Николичина Ливада се наоѓа локалитетот Манастириште. Тој зафаќа 1 ха. во неговата средина се забележува основа на зграда ориентирана исток – запад, т.е. црква, а на северниот и јужниот крај од нивата се забележуваат урнатини од повеќе згради. Во Брежани и во Велмеј е проширено преданието дека во оваа манастирска црква бил погребан царот Самоил, па во 1935 – 1939 година овој простор го преорале диви копачи, барајќи злато. Тоа барање не било без основа зашто во Јаорец еден брежанец нашол златна змија, но не знаејќи што е, некои му ја украле.
- Локалитет Писан Камен. Овој локалитет се наоѓа во Горни Јаорец. На една карпа има неколку знаци со црвена боја, а на висина од 2 м. од земјата на неа е испишана буквата П и под неа има крст. Преданието на ова место е сврзано со златото на Цар Самоил.ец.
Утврдени се некои и археолошки локалотети:
- Брежанско Градиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Во селото, населба од неолитското време.
- Градиште – Кула, населба од железното и хеленистичкото време.
- Широко Гариште, топилница од римското време
- Во селото – населба од неолитот.
Во Брежани во 1986 г. Бил основан и фудбалскиот клуб Мазатар.
Во поодамнешно време во ниското полско село Горно Средоречие се иселиле родовите Марковци, Миленковци и Божиноски. По Втората светска војна започнал масовен бран на иселувања при што околу 50 куќи се иселиле во Охрид, околу 40 куќи во селото Трновци во околината на Битола, 6 куќи во демирхисарското село Суво Дол и Битола.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Сукловци има иселеници во Суводол ; од Струмовци иселеници има во Суводол ; од Крстевци иселеници има во Суводол; од Цветковци иселеници има во Америка и во Суводол.
Родот Ламбовци се иселил во селото Железнец, Железник во 1791 година. Родовите Налевци , Јаневци и Таневци се иселиле во селото Суводол, Железник, првите два рода во 1821 година, а третиот во 1925 година.
Според податоците од 1988 година иселеници од Брежани има во: Охрид ,Трновци, Австралија, Суводол, Битола, Скопје, Сопотница, Белград, Подмоље, Свето Тодори ,Прилеп ,Велмеј , Ботун, Куприја (Србија), Шабац, Кавадарци, Дебар, Велгошти, Струмица, Сараево, Нови Сад, Црна Гора и во Бугарија.
Feb 7, 2019
Селото Ботун се наоѓа во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид, сместено помеѓу Илинска и Славеј Планина. Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Белчишта.Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото припаѓало на некогашната Општина Белчишта. Од 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Белчишта( во која покрај селото Ботун, се наоѓале и селата Белчишта, Брежани, Велмеј, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода). Во периодот 1950-1952 година, селото Ботун се наоѓало во некогашната Општина Ново Село( во која влегувале селата Ботун, Ново Село, Песочани и Црвена Вода).
Најблиско село е Злести. Атарот на селото Ботун граничи со атарите на селата: од север Црвена Вода и Ново Село, од исток со Белчишта и Злести, од југ со Климештани и Мешеишта, и од запад со Делагожди и Корошишта/Џепин. Ова село представува средна населба.
Селото е рамничарско-ридско, при што куќите во селото се наоѓаат на височина од 740 до 800 метри. Од градот Охрид е оддалечено 24 километри. Атарот зафаќа површина од 12,5 км², од кој обработливото земјиште зазема површина од 381,1 хектар (ha), пасиштата заземаат 45,5 ha, а шумите имаат најголема површина од 757,2 ha.
Селото Ботун за прв пат се спомнува во пописниот дефтер од 1582 година, кога припаѓало на Охридскиот санџак, нахија Дебарца, но старото село пропаднало и денешното село го обновиле доселеници од околните раселени села, и од исто така раселениот град Закамен. Во 19 век, Ботун се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.
Според некои податоци во селото Ботун во 1900 г. Живееле 370 жители, сите Македонци христијани.Во 1905 г. бројот на жители е 400, а во 1961 бројот е зголем на 526 жители, но само за триесеттина години нивниот број значително се намалил и во 1994 г. Имало 212 жители.Во 2002 година во селото Ботун живееле 227 жители, од кои 220 Македонци, 3 Срби и 4 други.
Селото има поледелско-шумска функција. Околу него има доста шума, додека пасишта има многу малку. Местата околу атарот ги носат следните имиња: Горна тумба, Јовчиница, Савра, Копрница, Кучков рид, Волковија, Умишта, Каленик, Присој, Манастирец, Калуѓеров дол, Калуѓерка (река), Вели врв (1.053 м), Бела вода, Стрмна краста (1.173 м).
Селото е со куќи од збиен тип, и има Горно, Средно и Долно маало. Ботун е македонско православно село. Родовите во селото се староседелски, односно живееле во сега веќе раселените села, кои постоеле во атарот на селото. Доселеничките родови пак потекнуваат од градот Закамен, струшка Малесија, а само еден род не го знае местото на старина.
Според некои постари истражувања родови во Ботун се : Мацевци, Ничевци, Јордановци и Гроздановци – доселени се од градот Закамен; Костевци , Апостоловци, Трпковци, Карафиловци или Димовци, Ѓуровци и Јоновци – доселени се од сега раселеното село Старо Село, кое се наоѓало на границата меѓу селата Мешеишта и Ботун; Голикрстевци – доселени се од раселеното село Пусти Куќи, кое се наоѓало во атарот на селото Ботун; Митревци -доселени се, но не знаат од каде се доселени.
Според други истаживања во 1948г.родови во с.Ботун се:
- Староседелци: Николевци и Митревци
- Доселеници: Карафиловци ( доселени се во средината на XVIII век од раселеното село Старо Село, кое се наоѓало на реката Сатеска пониско од Ботун); Апостоловци , се делат на Волкановци и Димовци( и тие се доселени од Старо Село); Петревци (се делат на Ничевци, Гроздановци и Мацевци. Доселени се од раселениот град Закамен, Малесија);Несторовци (доселени се во 1936 година од селото Црвена Вода) и Крстановци ( доселени се во 1938 година од селото Црвена Вода)
Село Ботун има основно училиште до V одд-подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ – Белчишта.
Ова село е богато со цркви и манстири .Цркви во село Ботун се: Црква „Св. Богородица“ — изградена во 1871 година; Црква „Св. Архангел Михаил“ — изградена во 1974 година; Црква „Св. Богородица“ — изградена во 1991 година како манастирска црква на новиот манастир.
Манастири: Ботунски манастир — новоизграден манастир над селото;
Како редовен настан е во Ботун е нивната селска слава по повод празникот Голема Богородица на 28 ми Август.
Во Ботун постои и фудбалскиот клуб ФК Ботун.
Од ова село има ислени родови и по другите села. Во Ново Село е иселен родот Таневци, во Долно Средоречје е иселен родот Ботунци или Мацевци, во Горно Средоречие се иселени родовите Настевци и Савевци, сите овие родови се иселени пред дваесеттите години на XX век. После Втората светска војна иселеници најмногу имало во Охрид , Скопје, помалку се иселени во Битола, Струга, селото Мусинци и во банатското село Јабука.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Николевци иселеници има во Глогоњ, Војводина; од Митревци иселеници има во Гостивар; Охрид и во Средна Америка; од Карафиловци иселеници има во Охрид и во Злести; од Петревци иселеници има во Охрид .
Feb 5, 2019
Селото Арбиново се наоѓа во областа Дебрца, меѓу Славеј и Илинска планина. Во периодот од 1952-1955 е под тогашната општина Сливово (во која покрај Арбиново спаѓаат и Врбјани,Годивје, Лактиње, Мраморец, Сливово и Турје), од 1955-1965 е дел од некогашната општината Белчишта, а од 1965-1996 г. селото спаѓа под големата општина Охрид.
Селото се наоѓа на 1км источно од регионалниот пат Охрид – Кичево, 34 км оддалечено од Охрид и 30 км оддалечено од Кичево. Атарот на с. Арбиново се граничи со атарите на следните села: Сливово од север, Мраморец и Слатино од исток, Лактиње и Годивје од запад и Издеглавје од југ. Се наоѓа на надморска висина од 967м.
Арбиново е многу старо село и затоа населението воопшто нема никакви сознанија за името кое го добило како и за неговото настанување. Се знае дека е споменато во пописниот дефтер од Охридскиот санџак во 1582 г., се наоѓало во нахија Дебрца.
Според некои податоци се смета дека во 1900г. во с. Арбиново бројот на жители е 280( сите македонци христијани), а во 1905г. нивниот број пораснал на 320. Во 1948 г. бројот сеуште се зголемува на 410, во 1953 има 411 жители, а во 1961 бројот на населението се намалува на 311. Додека во 1971 г. Наталитетот опаѓа селото има 195 жители, во 1981 повторно се намалуваат и има 137жители, а 10г. Подоцна во 1991 во Арбиново живеат само 43 жители.Според пописот од 2002 г. во село Арбиново живеат 26 жители.
Сите родови во селото се староседелци и се делат на 4 маала:
- Во првото маало се родовите Ставревци, Филиповци и Димовци (кои потекнуваат од ист предок)
- Во второто маало е родот Ѓоревци
- Во третото маало се родовите Митревци и Петковци (кои потекнуваат од ист предок)
- Во четвртот маало се Трпевци и Коњаровци(кои потекнуваат од ист предок)
Според други сознанија во 1948 г. родови во селото се поделени на:
- Староседелци : Волкановци( куќите им се наоѓаат на средсело и ја слават славата Св. Петка);Караџовци Коњаровци и Шамовци (се наоѓаат во долно маало и слават Мартинија);Стамболџиовци и Радевци (куќите им се наоѓаат во долно маало и слават св.Петка); Виловци (се во горно маало и слават Св. Петка); Матевци или Смилевци и Котовци (се во горно маало и Смилевци ја слават Мартинија а котовци св. Петка); Кршковци( се наоѓале на сретсело и слават Св. Никола) и Ќубезиовци (се во долно маало и слават Мартинија)
- Доселеници : Шукановци ( се доселени од некое место во Албанија, живеат во горно маало и слават Петковден)
- Роми: Максутоски Тејмур ( доселени се од Кичево и живеат во долно маало)
Најпознати културни знаменитости кои ги има во со с. Арбиново се црквите:
- Св. Никола
- Св. Атанасиј
- Св. Димитриј
- Св. Петка
Селска слава во Арбиново е Св. Атанасиј.
Главното мигрирање на селото Арбиново е кон крајот на 1950г. Се отселиле најмногу во Охрид, Скопје, Струга и Кичево.
Постари иселеници се забележани Коњаровци и Савевци во с.Издеглавје, Алексовци се во Ново село , а има и некој Арбиновци во Песочани.
Од Волкановци иселеници има во Аргентина, Коњаровци во Лактиње, Стамболџиовци во Битола, Скопје и Аргентина, Виловци во Аргентина, Десово( Прилеп) и Канада, Матевци во САД и Австрија, Кршковци во Охрид и Ложани (Струшко), Ќубезиовци има во Шумен и Рушчук во Бугарија и во Вашарејца (Прилеп), Шукановци во Слатински чифлик,Охрид, Провадија (Бугарија и Аргентина), Мутавџиовци се иселени во Арилево (Крушевско).
Jan 29, 2019
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 19-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 19–та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 30.01.2019 година (среда), со почеток во 13.00 часот, во салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на Записникот од 18-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници во Општина Дебрца за 2019 година
- Предлог – Одлука за предавање во сопственост на движни ствари – машини, градинарски и друг алат на ЈКП „Дебрца“
- Предлог – Одлука за давање согласност на Одлуката за усвојување на Решението за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈПКД Дебрца за регулиран период 2019-2021 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РМ (бр. УП108-80/18 од 21.11.2018), и донесување на предлог тарифи-цени за снабдување со вода за пиење или водоснабдување за домаќинства и останати (правни лица)
- Предлог- Одлука за давање согласност на Одлуката за усвојување на Решението за утврдување на тарифа за собирање на урбани отпадни вода на ЈПКД Дебрца за регулиран период 2019-2021 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РМ (бр. УП108-81/18 од 21.11.2018), и донесување на предлог – тарифи –цени за собирање на урбани отпадни води за домаќинства и останати (правни лица)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 2215/2 КО Велмеј)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 2235/1 КО Велмеј)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 964, 963 и 962 КО Велмеј)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 412/1, 413/1 и 413/2 КО Волино)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 425/2 КО Оровник)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 94 и 88 КО Оровник)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 1824 КО Лешани)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 722/2 КО Оровник)
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Петре Голабоски