Dec 5, 2022
Тргнувајќи од нашата заложба да обезбедиме ефикасна граѓанска партиципација во процесот на креирањето на локалните политики и да го зголемиме непосредното учество на граѓаните во носење на одлуките на локално ниво и во контрола на спроведувањето на усвоените политики и одлуки денес преставници од општина Дебрца остварија работна средба со претставници на месните заедници од општината Дебрца.
Преку транспарентен и интерактивен пристап разговаравме за сите приоритетни проблеми во месните заедници, со цел истите да ги детектираме и пристапиме кон подготовка на инвестиционо-технички документации , поднесување на апликации за обезбедување на финансиски средства и имплементација на проектите.
Поголем дел од предложените проекти, пристигнаа преку ново-воведениот електронски систем за предлог идеи. Истите откако ќе бидат разгледани од општинските служби ќе бидат доставени на увид пред Советот на општина Дебрца
Голем дел од денес изнесените проблеми веќе се составен дел на годишните програми на општината, некои допрва ќе бидат земени во предвид, а некои ќе почекаат подобри времиња.
Приоритетите на месните заедници треба да ги утврдат непосредно граѓаните, а не да бидат наметнати решенија од локалните или централните власти.
Во секој случај, имавме една плодна дебата и продолжување на практиката да се слуша мислењето на граѓаните.
Граѓаните своите предлози и идеи за Буџет 2023, може да ги доставуваат до заклучно 15.12 2023 година.
Dec 3, 2022
Денес, 3 Декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Лицата со попреченост се дел од нас. Меѓу нив има личности со извонредни интелектуални, уметнички, креативни, спортски и други натпросечни способности и затоа на нив сосема заслужено им прилега името – лица со посебни способности.
Како општина и во изминатиот период и во иднина ќе преземаме повеќе мерки за подобрување на нивната општествена положба ( финансиска поддршка на програмските активности на нивните здруженија, олеснет пристап до јавните институции, поддршка за еднодневни излети и други активности на кои сме обврзани и со меѓународните конвенции и со националното законодавство).
Сите заедно да се обединиме и на било кој начин да им помогнеме на овие поединци и групи за достојно и квалитетно да уживаат во животот.
Секој ден треба да им го посветуваме на овие лица и да обезбедиме нивна целосна инклузија во општеството.
Dec 2, 2022
Над 100 волонтери Пиварци, претставници од општините Охрид, Струга и Дебрца, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови Амфора и Акватек, денеска го исчистија дното и крајбрежјето Охридското Езеро на 7 локации.
Во рамки на акцијата која беше организирана од Пивара Скопје преку брендот СКОПСКО, а поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак, беше собран отпад на вкупна површина од 100.000 метри квадратни.
„Брендот Скопско секогаш го поддржува она што е суштински значајно и автентично за нашата заедница. Како еден од најстарите македонски брендови чувствуваме дека е нашa одговорност да се вклучиме и да придонесеме кон истата, со особен фокус на заштита на животната средина и активно да делуваме за зачувување на нашите природни и културни богатства, како што е Охридското Езеро. Ова е воедно и повик до сите да ја разберат улогата и одговорноста која ја имаат во заштита на овие национални обележја на кои сме горди. Оваа акција е само вовед во долгорочната платформа за заштита на животната средина која Скопско наскоро ќе и ја претстави на јавноста. “ – изјави Марта Завкова, сениор бренд менаџерка за Скопско во Пивара Скопје.
Општина Охрид како и досега ја поддржа оваа акција и вети дека и во иднина ќе се вклучи во ваквите еколошки акции и ќе даде поддршка на сите проекти кои се поврзани со заштита на природното богатство. “Она што сме го добиле како најскапоцен подарок од природата, а светот го вреднува како светско наследство, обврзани сме да го заштитиме и да го сочуваме за идните генерации“ – изјави градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков.
Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина. „Задоволство ми е што денеска сум дел од ваква еколошка акција и соработка. Нашиот град се познава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се трудиме за подобра иднина,“ изјави Мерко.
„Дебрца иако рурална општина, преставува значајна алка со подеднаква одговорност во заштитата на нашиот бисер, Охридското Езеро. И најголемиот слив на Охридското Езеро, сливот на реката Сатеска започнува и завршува во Дебрца и затоа не случајно е дел од природното и културно наследство во регионот заштитено од УНЕСКО“ вели Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебарца. „Се надевам дека ваквите еко-активности со кои во голема мера придонесуваме во заштита на животната средина ќе останат добра пракса и во иднина.“

Подводно, езерото се чистеше на неколку локации: Заливот на коските, Градиште и вливот на реката Сатеска, со посебен акцент на местата каде се мрести охридската пастрмка. Никола Паскали од нуркачкиот клуб Акватек од Охрид изјави – „Ја поздравуваме организацијата на што повеќе вакви акции зошто веруваме дека помагаат да се подигне свесноста и чувството за одговорност на секој индивидуално за вклучување, но не само за чистење туку и за заштита и соодветно отстранување на отпадот. Охридското Езеро е гордост на сите во земјата и мораме да го зачуваме и заштитиме.“
Поддршка во реализација на оваа акција дадоа од Мен енд Маунтаин кои ја потенцираат ургентноста од делување и значењето кое го имаат овие акции за чистење на животната средина, но и за јакнење на свесноста за одговорноста на секој поединец.
Nov 27, 2022
Еден од позначајните проекти кој е во тек на имплементација на територијата на општина Дебрца и воопшто во Охридскиот регион, заштитен од УНЕСКО е “Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито.”

Со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот протек од 15 m3 /s во нејзиното природно корито, што се влева во река Црн Дрим и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито, со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот.

Во оваа фаза се реализираат следните проектни активности:

враќање на меандрираното корито во граници на реката, продлабочување на коритото (вадење на наносот), чистење од отпад, чистење од дрвја и грмушки, оформување на оштетените насипи на потегот од разделната градба кај село Волино до границата помеѓу општина Дебрца и општина Струга, во должина од 3.382 м;

низводно од разделната градба кај село Волино- во насока на природното корито на река Сатеска, предвиден е простор за таложење на нанос, со активен волумен на таложење од 11 640 m3 , наменет за зафаќање на количините на нанос што би се транспортирале со реката Сатеска;

разделната градба / браната / , како армирано бетонска конструкција се задржува со 4 отвори. Во отворите се сместени ниши со челични профили во кои се поставени дрвени греди. Дрвените греди ќе бидат заменети со регулациони табласти затварачи,кои ќе бидат со автоматско отварање, затварање и регулирање на протокот;

изведба на стабилизациони и каскадни прагови.

Проектот се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ) и Министерството за животна средина и просторно планирање, урбанистичко планската документација ја донесе општина Дебрца, средствата се обезбедени од Фондот за адаптација во рамките на регионалниот проект за и прекугранично управување со ризици од поплави во сливот на река Дрим, изведувач на работите е “Маркоски К 73 “ ДООЕЛ Струга, а според договорот работите треба да завршат до месец Март 2023 година.
За потсетување, решавањето на проблемот со река Сатеска е нотиран во 19-те препораки на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион.
Од тие причини, преземањето на конкретни активности, макар за почеток и парцијални за решавање на проблемот со река Сатеска е чекор напред во исполнувањето на препораките за зачувување на заштитениот статус на Охридскиот регион.
Nov 18, 2022
Денес во кабинетот на градоначалникот Ногачески се одржа работен состанок со претставници од Државниот инспекторат за животна средина преставуван од Сретен Стојковски – директор на Државниот инспекторат за животна средина, Дарко Блинков – Раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка во Државниот инспекторат за животна средина и Пејо Кировски – Виш инспектор за животна средина.
Целта беше да се разменат искуства и мислења за состојбата и идното управување на Белчишко Блато на кое му претстои скоро прогласување во заштитено подрачје во категоријата Парк на природата.
На состанокот се дискутираше за обврските на Општина Дебрца како иден управувач на Белчишко Блато, од аспект на кадровска и техничка опременост, како и инспекциски надзор на подрачјето.
Исто така се разговараше за остварување соработка со Државниот инспекторат и вклучување на Општина Дебрца во проекти за зачувување на природното наследство.
Nov 17, 2022
Општина Дебрца, објавува Јавен повик за пријавување на интерес за изнајмување и менаџирање со “Планинска Куќа Брежани”.
Сите заинтересирани правни и физички лица (агенции, тур оператори, туристички водичи и др.) можат да се обратат во општина Дебрца, секој работен ден од 8:00 – 15:00 часот за подетални информации во врска со јавниот повик заклучно 17.12.2022 година.
Лице за контакт:
Ангел Секулоски
Планинската куќа е лоцирана во планинското село Брежани, сместено во пазувите на Илинска планина, во општина Дебрца, на триесет километри одалеченост од градовите Охрид, Струга и Кичево. Располага со дваесет легла , современи бањи и кујна, греење, ладење.
Реконструкцијата на старата училишна зграда во селото Брежани и нејзина адаптација во Планинска куќа беше реализирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.
Фотографии во прилог:
