Dec 23, 2025
Општина Дебрца ги известува сите граѓани, кои по основ Легализација на бесправно изградени објекти согласно Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, имаат добиено Заклучоци за прекин на постапка (поради промена на барател или обезбедување на изјави од наследници или сопственици на соседни парцели) и Известувања за уплата по Заклучок за надоместок, дека рокот за решавање на предметите е до почетокот на март 2026 година.
Поради важноста на законот за да не дојде до одбивање на предметите со Решение се повикуваат сите лица кои имаат започната постапка за легализација на бесправно изградени објекти, а истата не е целосно комплетирана, навремено да ја дополнат потребната документација и да ги завршат постапките во законски предвидениот рок.
По истекот на рокот, нема да постои можност за дооформување на постапки за легализација согласно важечкиот закон.
За дополнителни информации и насоки, граѓаните можат да се обратат во надлежната служба во Општина Дебрца.
Општина Дебрца
Служба за урбанизам и комунални дејности
Dec 22, 2025
Вечерва бев во Мешеишта, – деца полни со енергија, идеи и љубов кон нашата традиција.
Разговаравме отворено, слушнавме искрени желби и убави замисли. Им посакавме многу здравје и успех, а како мало празнично внимание им подаривме пакетчиња, со желба овие денови да им бидат исполнети со радост и насмевки.
Им ветивме поддршка и тоа ветување ќе го исполниме. Знаеме дека условите во кои тренираат не се соодветни и тоа е обврска што сериозно ја преземаме. Ќе работиме на нивно подобрување и ќе вложуваме уште повеќе во младите.
Среќни празници и уште многу успеси!
Dec 15, 2025
Се известуваат жителите на с.Мешеишта дека на ден 16.12.2025г Вторник ќе има прекин на водоснабдувањето од 08:00ч до 12:00ч, поради монтажа и инсталирање на регулатори за притисок, и поправка на дефект на водоводната мрежа.
Dec 12, 2025
Завршивме со асфалтирањето на потегот од регионалниот пат Ботун – Брежани (R29273) до с. Долно Средорече, во вкупна должина од 630 метри.
Овој проект е реализиран со финансиски средства од основниот буџет на Општина Дебрца, во износ од 3.957.673,00 денари.
Продолжуваме со континуирани активности за подобра и побезбедна инфраструктура во сите населени места.
Dec 11, 2025
Известување до жители на с.Волино за прекин на водоснабдувањето на ден 11.12.2025г. (Четврток)
ЈП за комунална дејност “Дебрца” ги известува жителите на с.Волино дека на ден 11.12.2025г. во Четврток од 11:00ч до завршувањето на активностите, ќе има неколку часовен прекин на водоснабдувањето.
Причината за прекинот е поврзување на главната водоводната цевка (од пумпна станица “Св Еразмо”) со доводната водоводна цевка за с.Волино, што е дел од проектот на дислокација на водоводниот цевковод при изведување градежни работи на автопатот Кичево-Охрид на територијата на Општина Дебрца.
Dec 10, 2025
Општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион, во Скопје, одржаа конститутивна седница и официјално го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) – формален и функционален механизам што ги обединува двата региона во единствена структура за управување со отпад. Со ова, државата прави решителен чекор кон воведување модерен, координиран систем за управување со отпад по европски стандарди.
На настанот се обратија Златко Перински, министер за локална самоуправа, Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС и Лена Фалкон, програмски директор во SALAR International.
Веднаш по поздравните обраќања, свечено се потпиша договорот за воспоставување на МОУО. Со воспоставувањето на МОУО, општините прават јасен премин од досегашните ад-хок и фрагментирани решенија кон стабилен, системски и одржлив пристап. Новиот регионален модел овозможува предвидливи процеси, јасни надлежности и координација помеѓу институциите, што резултира во подобра организација, поефикасно користење на ресурсите, поквалитетни услуги и поголема сигурност за граѓаните. Овој системски пристап е суштински за да се обезбеди конзистентно, транспарентно и професионално управување со отпадот, усогласено со домашното законодавство и европските стандарди.
Новоформираното тело ќе има обврска да:
- усвојува регионални планови за управување со отпад,
- ги одобрува клучните инвестиции во регионалната инфраструктура,
- координира активности за затворање на постојните депонии и надминување на проблемите со дивите депонии,
- го надгледува спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО),
- обезбедува транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесот
Овој мандат на МОУО создава силна основа за стабилен, отчетен и долгорочно одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво.
Со воспоставувањето на МОУО всушност започнува следната фаза од реформата за управување со отпад, која вклучува пред сѐ изработка на нов Регионален план за управување со отпад 2026–2032, финализирање на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие, координирање на работата на надлежните институции, но и засилен ангажман за целосно и навремено информирање на јавноста. Овие активности се суштински за воспоставување целосно оперативен РСУО.
Градоначалниците од двата региона денес покажаа високо ниво на единство, одговорност и визија за современи јавни услуги и почиста животна средина. Преку колективна одлука, тие покажаа дека регионалната соработка е клучна за развојот и квалитетот на живот на граѓаните.
Шведска и Швајцарија, како долгорочни партнери даваат поддршка во процесот, обезбедувајќи стабилност, експертиза и кредибилитет во секоја фаза од реформата.
***
Активностите се спроведени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International.