Dec 31, 2019
Почитувани сограѓани,
Сакам најтопло да Ви ја честитам Новата година со најискрени желби.
Посакувам во новата година да го исполниме нашето секојдневие со љубов, верба и надеж и заеднички да продолжиме да ја градиме нашата и иднината на нашите деца.
Заедно да придонесеме во исполнувањето на новите предизвици, да изградиме пат кон напредокот на нашата заедница и сите заедно посветено да работиме на остварување на нашата заедничка цел, подобра и понадежна општина Дебрца.
Ви посакувам многу здравје, среќа, бериќет и успех во Новата 2020 година.
Да сме здрави и живи.
Dec 25, 2019
Почитувани сограѓани кои најрадосниот христијански празник, Христовото раѓање-Божик го празнувате според Грегоријанскиот календар,
Божик е празник чија симболика и универзални пораки-љубовта, простувањето и милосрдието не потсетуваат да ја обновиме и зајакнеме нашата вера, да ги подобриме меѓусебните односи и заеднички да работиме на создавање на услови за подобар и поквалитетен живот.
Нека празникот на Христовото раѓање биде водилка за сите Нас, на патот на меѓусебното почитување, толеранцијата , љубов и разбирање и да бидеме слободни во своите различности.
Со желби, радоста на Божик Ви донесе среќа и благосостојба во Вашите домови и ги огрее срцата на сите луѓе со добра волја, Ве поздравувам со радосниот поздрав :
Мир Божји – Христос се роди !
Dec 20, 2019
Предлог Буџетот на Општина Дебрца за 2020 година ги содржи планираните приходи на Буџетот за 2020 година и планираните проекти за реализација од Буџетот во 2020 година.
Имајќи предвид дека буџетирањето е двонасочен процес (за и од граѓаните), применет е партиципативниот принцип на буџетирање при поставување на приоритетите на локалната заедница.
Предлози и сугестии може да се поднесуваат на e-mail адресата contact@debrca.gov.mk и belcista@t.mk

Предлог Буџет на Општина Дебрца за 2020 год.
Nov 12, 2019
Вчера во село Сливово и село Белчишта се одбележа уште еден историски датум од славното минато на Дебрца, 76 години од формирањето на Првата Македонско – косовска ослободителна ударна пролетерска бригада (МКНОУПБ), на 11 ноември 1943 година и Патронатот на ОУ “Дебрца”.
Првата македонскокосовска народноослободителна ударна бригада е формирана во Сливово, составена од над 700 борци од македонскиот баталјон „Мирче Ацев”, Дебарско-кичевскиот баталјон, Првиот косовски баталјон „Рамиз Садику”, Вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ” и една придружна чета на ГШ на НОВ и ПОМ. Во својот состав имала Македонци, Срби, Црногорци, Албанци, Турци, Италијанци, а подоцна и Руси. Бригадата покрај другите борбени активности учествувала и во Февруарскиот поход во првата половина на февруари 1944 година, во кој поминала околу 300 километри. Подоцна на 8 јуни 1944 година од групата македонски баталјони била формирана Првата македонска бригада, а од групата косовски баталјони била формирана Првата косовско-метохиска бригада на 24 јуни 1944 година.

Бригадата во 1951 година беше прогласена за Петнаесетта пролетерска бригада и одликувана со Орден народен херој, Орден на народното ослободување на Југославија и Орден на братството и единството со златен венец.
Во чест на Патронатот на ОУ Дебрца учениците заедно со своите наставници приготвија свечена приредба на која присуствуваше и градоначалникот на општина Дебрца – Зоран Ногачески

Oct 23, 2019
Денес е 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, Ден кога е формирана Македонската револуционерна организација, Ден кој го симболизира континуитетот на македонската борба за независност.
Славејќи го овој ден, ја празнуваме идејата на македонските револуционери за самостојна и независна Македонија која денес ја живееме во сопствена, независна државa.
Oct 11, 2019
Почитувани граѓани,
11 октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Востание кое мора да стои на пиедесталот на македонскиот народ во креирањето на вистинската приказна за македонската република..
Во најубавата приказна за слободна Македонија посебно е вградена и нашата Дебрца,
Во Дебрца, на Славеј Планина е формирана првата регуларна воена единица на НОВ и ПОМ, баталјонот “Мирче Ацев”, во Сливово е формирана Првата македонска-косовска ударна бригада, во Црвена Вода е објавен Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ.
Наша должност останува да го чуваме она за кое се дадени многу животи.
Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе.
Нека ни е честит празникот, нека ни е вечна Македонија !