Општина Дебрца заедно со уште девет други општини е вклучена во втората фаза на програмата „Зајакнување на општинските совети“, откако беа избрани преку јавен повик за учество на кој аплицираа 30-ина единици на локалната самоуправа од државата.
Програмата е дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка “Зајакнување на општинските совети” , кој што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ,во соработка со национални и локални партнери.
Во наредните 18 месеци, околу 150 советници од овие општини ќе имаат можност да учествуваат во Програмата за развој на капацитетите на општинските советници која вклучува обуки на вкупно 11 теми поврзани со јавен финансиски менаџмент, просторно и урбано планирање, добро управување и борба против корупција, меѓуопштинска соработка, родова рамноправност, животна средина и справување со кризи на локално ниво.
1Првата обука се одржува денес и утре во Струмица и на истата присуствуваат и членови на советот на општина Дебрца.
Истовремено, секоја од десетте општини ќе има можност да искористи грант во висина од 40.000 до 60.000 долари за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните преку Форуми на граѓаните.
Дополнително, секоја од овие општини ќе добие финансиска поддршка во висина од 10,000 до 12,000 долари наменети за воведување иновативни алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работата на општинските совети.
Денес, во историското село Црвена Вода, славна Дебрца го одбележавме јубилејот- 79 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ, на 03 Октомври 1943 година, ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што слободно можеме да констираме дека извориштето на современата македонска држава е во Дебрца.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја.
И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде што пред 79 години беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.
Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца.
Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца.
Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.
Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.
Вчера во Брежани свечено ја отворивме “Планинската куќа Брежани”.
Објектот беше реконструиран во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, Програма за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за локална самоуправа ,а имплементиран од партнерите: ОО Црвен Крст Охрид Алпинистичко друштво Патагонија Охрид и општина Дебрца, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.
Дебрца со своето природно и културно наследство кое е дел од заштитеното подрачје на УНЕСКО, Дебрца со сите овие планински масиви коишто ги има почнувајќи од Караорман преку Славеј Планина, Мазатар и Илинска Планина е извонредно погодно подрачје за развој на сите форми на алтернативен туризам вклучително и планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. Токму затоа овој проект кој го реализираме заедно со нашите партнери на некој начин е во корелација со нашата визија, Дебрца да прерасне во една извонредна туристичка природна дестинација.
Еден од предусловите за такво нешто е да има и безбеден туризам. Токму затоа и во рамки на овој проект се обезбедени специјално возило и специјална опрема за спасување во зимски услови и секако беше извршена реконструкција на старата училишна зграда и нејзина преадаптација во планинска куќа со што ги воспоставуваме потребните инфраструктурни проекти и други активности за создавање на предуслови за искористување на сето тоа што го дава Дебрца за развој на туризмот
Со особена чест и задоволство Ве покануваме на отворањето на Планинската куќа Брежани, реконструирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, Програма за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за Локална самоуправа на Република Северна Македонија. Настанот ќе се одржи во село Брежани, општина Дебрца, на 30.09.2022 год., со почеток од 11:30 ч.
Вчера (31.08.2022 г) во Требеништа, Општина Дебрца, во присуство на претставници на Инвеститорот- Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Надзорниот орган, Изведувачот на работите и крајниот корисник на објектот- Општина Дебрца, беше извршен технички прием и предаден во употреба овој културно-историски дом.
Изминативе неколку месеци во внатрешниот дел извршена е целосна реконструкција на сите главни и помошни простории со што се овозможува понатаму да се организираат средби, манифестации, ликовни и друг вид поставки од интерес на граѓаните од оваа општина. Вкупната внатрешна корисна површина на објектот е 503 м2, а покрај тоа подобрена е енергетска ефикасност на објектот со изведбата на термо фасада.
,
Вкупната инвестиција е 3,8 милиони денари, при што поголемиот дел од средствата се од националниот буџет преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, а дел на средства за реконструкцијата обезбеди и Општина Дебрца. Изведувач на работите беше фирмата Тане 2007 ДООЕЛ Охрид.
Во просториите на Општина Дебрца, денес беше промовирана студијата за хидрогеолошките карактеристики на Белчишко Блато (Сини Вирој).
Оваа студија е прва од ваков вид за овој локалитет и околниот регион, а издавач е Здружението за екологија и туризам „ЕКОТУРИЗАМ 2016“, Охрид. Во изработката беа вклучени искусни хидрогеолози и тимот од здружението.
Градоначалникот Зоран Ногачески, заедно со претставниците од „Екотуризам“, Ѓоко Зороски и Гоце Колески, на денешната промоција го нагласија значењето на оваа студија, според која блатото е хидрографски објект од стратешко значење за општината и поширокиот регион.
Во услови кога светот се бори со климатски промени и кризи за вода, Белчишко Блато има постојана издашност од 2-3 m3/sвода, што теоретски е доволно за водоснабдување на град со околу 400.000 жители.
Студијата ги дефинира хидрогеолошките карактеристики на теренот на поширокиот простор на блатото со вкупна површина од околу 100 km2. Taa дава предлог за воспоставување мониторинг на квантитативни и квалитативни карактеристики на подземните и површинските води. Исто така изработени се и карта на ранливост на подземни води и карта на ризик од загадување на подземни води, кои треба да се земат во предвид во идниот развој и просторно планирање на регионот.
Студијата е дел од активностите кои „ЕКОТУРИЗАМ 2016“ Охрид ги спроведува во процесот на прогласување на блатото кој е во тек, а е достапна и на англиски јазик.
Извршени се бројни научни и едукативни активности, а процесот ќе биде крунисан со добивање статус на блатото заштитено подрачје со категорија – Парк на природата.